Едно од најочекуваните шоу-а на модната недела во Њујорк е она на Живанши што се одржа вчеравечер. Рикардо Тиши и тимот на модната куќа одлучија својата пролетна колекција наместо во Париз да ја презентираат во Њујорк, што и се случи.

Пред околу 1200 гости, Тиши не само што покажа како ја замислува следната пролет, туку со шоуто и сакаше да им оддаде почит на загинатите во нападот на кулите Близначки пред четири години. Во замислата Пристаништето 26 да стане писта и севкупното естетско доживување на Рикардо му помогна уметницата Марина Абрамовиќ. Крајниот резултат, како пренесуваат странските медиуми, беше модно шоу за кое долго ќе се зборува.

Беа претставени вкупно 88 комбинации, каде доминираа белата и црна боја. Тиши се одлучи ова да не биде исклучиво женска колекција, па на пистата беа претставени и машки креации, кои сосема ја следеа естетиката што дизајнерот со неговиот тим сакаа да ја постигнат, со елементи од готика и романтизам. За комплетното доживување се погрижи и шминкерката Пет Мекграт, која ги создаде впечатливите маски за лице од една страна, и бледите лица од друга.

Шоуто го отвори моделката Боскино, која воедно е и една од музите на дизајнерот. Таа се појави во сатенска бела маица и широки црни пантолони, а тантелата понатаму низ колекцијата беше застапена во повеќе наврати.  Исто така, во голема мера беа прикажани и смокинг сакоата. Поради изборот на материјал и крој, дел од креациите потсетуваа на луксузна долна облека.

Нема сомнение дека ова шоу го привлече вниманието на медиумите и поради бројните познати личности. Мал дел од нив ја имаа привилегијата да се најдат во првиот ред, но за Џулија Робертс и Канје Вест и неговата сопруга Ким, тоа воопшто не беше проблем.

Покрај нив, со своето присуство настанот го збогатија и Вера Ванг, Рејчл Зои, Ана Винтур, Карин Ротјфелд, Летиција Каста, Мајкл Корс, Албер Елбаз, Дауцен Крус, Ерика Баду, Кортни Лав и уште многу други. 

Објавено:
12 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
664 пати