Париската модна недела за мажи продолжи во знакот на беспрекорната елеганција

18 јануари 2014

Модната недела за мажи во Париз и вчера продолжи во духот на елеганцијата. Дизајнерите чии колекции беа претставени на модните писти, се одлучија за темни бои за есен/зима 2014 и неверојатно елегантни машки модели.

Се чини дека колекцијата на Живанши беше најочекувана со оглед на посетеноста на истата на некои од најголемите светски ѕвезди – обожаватели на модата. Најмногу внимание предизвика Кание Вест кој на ревијата се појави во црни кожени панталони и патики во комбинација со блуза во сива боја и софистицирана бунда.

Кание Вест Кание Вест

И омилениот холивудски актер Вил Смит на ревијата на Maison Martin Margiela, ја покажа својата модна страна и одличното чувство за стил. Што се однесува до колекциите на двата бренда, за сезоната есен/зима 2014 тие претставија одлични кроеви на машки панталони и палта, кошули со интересен дезен како и капути по кои мажите полудеа.

Живанши

givenchy givenchy

Одличниот Рикардо Тиши уште еднаш покажа дека навистина знае што сакаат мажите. На ревијата на Живанши можеа да се видат тренди машки кошули со нивните омилени дезени што не изостануваат од ниту една колекција. Мажите во сезоната есен/зима ќе уживаат и во нивните супер елегантни костими во црна и сива боја, но и во кожените и крзнени машки капути и јакни. Во колекцијата на брендот можеа да се видат и одлични плетки на машки џемпери комбинирани со супер широки машки панталони и шик патики. Со ова Живанши уште еднаш докажа дека ќе биде омилен кај мажите и следната сезона.

Maison Martin Margiela

maison martin margela maison martin margela

Малку повеќе колорит во колекцијата покажаа од брендот Maison Martin Margiela, омилените на холивудскиот актер Вил Смит. На пистата можеа да се видат тренди машки костими со панталони со висок струк во црна, сива, беж и кафена боја. По се изгледа дека дизајнерите за следната зима навистина сакаат да ги стоплат мажите, па така и во оваа колекција не изостанаа крзнените бунди, елечиња и додатоци. Тренди и модерните машки капути беа чести и во оваа колекција, а нивниот интересен крој дефинитивно го задржа вниманието кај присутните. Што се однесува до боите, покрај оние темните како црна, сива, темно кафена, се појавија и кралската сина, светло сивата кај капутите и белата и крем боја кај палтата.

Comme des Garçons

comme des garcons comme des garcons

Ретко кој гледаше во колекцијата на Comme des Garçons на пистата во Париз. Дизајнерите за истата се одлучија за малку контроверзни фризури кај мажите, со тоа што им ставија перики на моделите и им ги поставија преку лицето. Се чинеше дека на моделите воопшто не им е удобно, иако тие претставија совршена колекција. Сосема поинаква од останатите, Comme des Garçons комбинираа машки елегантни палта со куси лежерни панталони и тоа изгледаше сосема тренди. Имаше и такви костими со совршен крој и неверојатно елегантни, со стандардни машки панталони и подолги капути и палта. Што се однесува до боите, од модната куќа се одлучија за темни бои, односно претежно црна во комбинација со бела, црвена, виолетова и зелена и тоа единствено во делот кај џебовите кај машките палта. Сосема интересни беа и обувките кои можевме да ги видиме во бела, црна, црвена и виолетова боја.

Kris Van Assche

kris van assche kris van assche

Нешто сосема поинакво и носливо за сите мажи понуди ревијата на Kris Van Assche, кој за сезоната есен/зима 2014/2015 година предлага костими, панталони, палта, јакни и машки џемперчиња во супер свежи бои, но сепак толку зимски и топли. Сината, темно црвената, жолтата и сивата боја беа најприсутни на ревијата. Колекцијата се состоеше од супер топли машки долги јакни, капути со интересни детали, одлични машки чевли во црна и кафена боја, а што се однесува до фризурата кај моделите, повторно беше присутна најпосакуваната во моментов – високо кренати залижани шишки.

Објавено:
18 јануари 2014
Категорија: 
Колекции