Омаж на Тјери Муглер на завршната годишна ревија на студентите на Институтот за мода „Изет Цури“

10 јули 2023

Авангардната уметност на Тјери Муглер беше инспирација за завршната годишна ревија на студентите по моден дизајн на институтот „Изет Цури", на која со свои дизајни се приклучија и веќе завршени студенти, како и самите професоти.

„Ангелот на ексцентричноста – Омаж на Тјери Муглер" беше доволно провокативна тема за студентите да ја илустрираат својата дизајнерска креативност и слобода без задршка, на годишната презентација која се одржа во Националната опера и балет на 30-ти јуни.

Муглер, кој по Скјапарели во 20-тите години ќе се запише во аналите на светската мода како најголемиот аванградист, ги направи најдобрите костими, го создаде најпродаваниот парфем и го режираше најмодниот музички спот на 20-тиот век. И токму како такво наследство, вредно за изучување и богато за поттикнување, Изет Цури, кој има работено со него повеќе од една декада, ќе го избере како менторска тема под која студентите во неговиот институт ќе создадат свои модели за завршната студентска изложба во 2023 година.

„Никој не може да остане имун на Муглер, а најмалку оние кои творат во модата. Па беше интригантно како младите креативни умови го преточија неговото наследство во своја сопствена уникатна естетика. Се најдоа тука препознатливите форми од 80-те, карактеристичните корсетни облици, но и футуристички изгледи па сè до венчални фустани. Општиот впечаток е дека секој од дизајните си искористил своја сопствена референца од естетиката на Муглер, па можеше да се види тука и реинтерпретација на легендарната морска школка која Карди Би ја носеше на доделувањето на наградите Греми, костумот кој наликува на гума, водениот фустан кој Ким Кардашиан од килимот на Мет Гала, преку корсетното палто кое се поистоветува со Бела Хадид и страничниот корсетен фустан кој нè потсетува на Ирина Шајик, па сè до драматичните дизајни на најмладите дизајнери од посебната група на деца инспирирани од аутфитите на Кајли Џенер и Џери Хол", велат од Институот за мода „Изет Цури".

Карактеристика по која студентите од оваа образовна институција се издвојуваат е инсистирањето на совладување на вештината на конструкцијата – на што е посветено особено внимание, што беше видливо на пистата во секој од индивидуалните изгледи, од навидум едноставните па сè до беспрекорно изработените корсети, чиј процес на изработка е будно следен од маестрото за корсети, визитинг професорката Доминик Брунет.

Посебен шмек на овој повеќе перформанс одколку класична модна ревија беше секвенцата со кошулите со логото на институтот (реферирање на една од ревиите на Муглер од 80-те), кореографија во која настапија нашите познати актерки Катерина Шехтанска и Елизабета Клинчаревска Младеновска, како и специјалното појавување на музичарот и режисер на спотови Александар Ристовски Принц, како асоцијација на спотот на Џорџ Мајкл кој го има режирано самиот Муглер.

 

Објавено:
10 јули 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
356 пати