PFW: Машкост ставена во дискретна сенка на женственоста

1 март 2014

Четвртиот ден од Париската модна недела фокусираше на машките предимензионирани парчиња, кои женственоста ја ставија во втор план. Крзното, високите нагласени раменици, геометриските форми и комбенизоните беа заедничките референци по кои се водеа повеќето од реномираните дизајнерски имиња и брендови што вчера на писта ги промовираа своите најнови есен-зима колекции за 2014/15 година.

Џулиен Дејвид

Следејќи ги трендовите за колоритна и возбудлива пролет, Џулиен Дејвид создаде одлична стрит колекција за урбани девојки. Дизајнерот прикажа серија фустани до глуждовите и широки машки панталони во комбинација со волуменозни блузи, но и тренди куси јакнички за свежите пролетни денови. Едноставниот крој на сите парчиња помогна тие веднаш да влезат во срцата на неговите обожаватели, а нагласениот силен став на неговите дизајни да станат омилени на девојките со исклучителна самодоверба. Откако во салата музиката од стрит се префрли на џез тонови, дизајнерот ги размрда работите со светли тонови преточени во куси сиви фустанчиња со реси, потоа прикажа и долги виолетови, но и прекрасни сини парчиња што понекогаш преминуваа во омбре. Што се однесува до чевлите, сите модели носеа машки чевли на платформа, но и модерни сандали комбинирани со чорапи.

Исеи Мијаки

Природата се докажа како одличен и богат извор на инспирација за колекцијата на дизајнерот Исеи Мијаки, кој го употреби неговиот препознатлив печат – рачно изработеното плисе и одличните и специјални техники за да повторно создаде нешто урбано. Како и секогаш, тој се потруди на своите дизајни да им даде посебна моќ и театралност, а во тоа му помогна и музичарот Еј Вада кој беше неверојатно добар заедно со својата гитара. Покрај одличните парчиња, дизајнерот претстави и лудо добри, волуменозни чанти кои изгледаа како да се од некоја друга димензија. Волуменозните фустани, блузи и палта што моделите ги носеа врз панталони, беа како создадени за девојки со посебен и уникатен стил. Што се однесува до модните додатоци, сите модели носеа навистина одлични и модерни чевли во црна и кафена боја до глуждовите, но и такви до колената.

Јоши Јамамото

Уште еднаш, големиот Јоши Јамамото направи извонредни уметнички дела претворени во креации што ги прикажа на париската модна недела. Апсолутно футуристичка, колекцијата му се состоеше од волуменозни парчиња со исклучителни принтови и лудо добри бои. Во вистински уметнички, за него препознатлив стил, тој создаде „огромни“ јакни, волуменозни здолништа, асиметрични панталони и блузички, плетени парчиња, но и супер женски костими и капутчиња. Сите модели носеа интересни колоритни шапки и рамни чевли и чизми во црна, бела и црвена боја. Апсолутно впечатлива беше и шминката на девојките, што кај секоја од нив кулминираше со црна линија под очите и изразени веѓи.

Ванеса Бруно

Прекрасни нежни фустани и лесни и шармантни палта беа дел од неверојатната колекција на Ванеса Бруно за есен-зима 2014/2015 година. Во дел од парчињата апсолутно забележливи беа спортските елементи како куси тренди јакни, фустани со војнички принт, многу патенти и џебови на парчињата. Таа прикажа и одлични мини фустани и здолништа кои ги комбинираше со блузи со анимал принт и транспарентни куси јакни и палта. Целата колекција беше апсолутно луксузна во шармантни и нежни бои што ја отсликаа модерната и силна девојка за следната сезона. Сите модели носеа рамни машки чевли во вид на оксфордки во црна, бела и сива боја, но и сандали во мека кафена. Сите девојки имаа минимална шминка, а фризурите им беа апсолутно природни, едноставно пуштени да паѓаат на рамената. Одличната Ванеса уште еднаш создаде неверојатно добра колекција за шик девојките со апсолутен француски „шмек“.

Роланд Мурет

Од најновата есен – зима колекција на дизајнерот Роланд Мурет е отсликано неговото рефлективно расположение. Препознатлив по својата линеарна техника и графичките прилагодувања, Мурет прикажа збирка  елементи од претходните колекции како: оригамите и прекршените форми кои доловија заедничка успешна модна формација. Меките силуети беа украсени со широки реси кои се сплотуваа со основната конструкција од креациите.  Пред се преовладуваа дневните комбинации од  долги капути и молив здолништа под колена, но и палта  со нагласена половина кои на некој начин имаа благ романтичен допир, но со нагласена мажественост. Во однос на боите преовладуваа темните комбинации, но и оние контрастните од црвена, кралска сина, виолетова и циклама.

Шалајан

Ревијата на  дизајнерот Хусеин Шалајан почна со дневни парчиња кои за почеток не отскокнуваа многу од тенденциите што дотогаш ги претставија другите дизајнери. Предимензионирани кожени  мото јакни, сакоа, широки миди здолништа со висок шлиц, волнени тробојни џемпери и ролки, беа само за „загревање“. Ревијата во продолжение кулминираше со вечерните театрални и необични макси транспарентни фустани на кои има аплицирано вештачки нокти. Дизајнерот токму за ваквите додатоци на фустаните привлече најмногу внимание од првите редови, а во врска со нив изјави дека се обидел на направи телесен спој на невообичаени сегменти. И во оваа колекција преовладуваше мажественоста од креациите, со дискретно нагласена женственост од кроевите. Есенско зимската сезона според Хусеин треба да остане автентично темна, па затоа потенцирани беа темните бои како сивата и црната, со благо имплементирање на црвената, виолетовата и белата боја.

Кристијан  Диор

Дизајнерот Раф Симонс неговите спортски „корени“ ги донесе во светот на Диор. Инспирацијата на дизајнерот кој стана креативен директор на брендот  во 2012, овој пат беше насочена кон слободната урбана градска жена која е подготвена да носи енергични креации,  живописни бои и контрасти од жолта со црна, розова со црвена и сина со зелена. Интересните асиметрични форми беа употребени на капути, фустани,  сакоа и елеци кои повторно во втор план ја ставија женственоста. Интересен момент на спој од спортски и елегантни парчиња беа интересните транспарентни луксузни наметки- фустани под кои манекенките носеа обични спортски памучни маички на широки прерамки.  Лишен од сите комплексни дополнувања, Симонс  се обиде да создаде поинаков Диор кој сепак останува препознатив по луксузот.  Ова беше фокусирана модна дестилација на  куќата која веднаш се здоби со позитивни критики.

 Изабел Марант

Популарната дизајнерка Изабел Марант на четвртиот ден од Париската модна недела уште еднаш прикажа совршена колекција на бунтовната девојка и жена. Широките машки панталони со висок струк нагласен со ремен  беа во фокусот,  како и крзното кое преовладуваше на елеците и впечатливите чизми.  Девојката на Марант е со слободен боемски дух, шик и кул истовремено воинствено  подготвена да освојува преку ден и вечер. Инкарнираниот воен стил беше успешно споен со дамскиот, па така на писта се појавувија комбинации во спој од широки палта и елеци со мини фустани и здолништа во маслинеста нијанса и такви со шљокици. Но, за Марант зимата не е толку темна, туку напротив е надополнета со цветни дезени кои дискретно го освежуваат комплетниот изглед.

Соња Рикел

Кралицата на плетениците во Париз ја претстави својата замисла за пастелна и комфорна зима. Модното шоу на Рикел почна со манекенката Миранда Кер, која ја отвори ревијата во комбинација од долга туника во карамел нијанса надополнета со впечатлив масивен крзнен елек и бели ракавици високи до лактите. Нежна, романтична и сензуална беше целата колекција есен –зима во која освен монохроматските комбинации вклучуваше и такви во црно бел принт од букви кој алудираше на маркантноста и самоувереноста. Иако речиси во секоја колекција на дизајнерката Рикел преовладуваат плетените парчиња, овој пат случајот не беше таков, а крзното го замени нејзиниот препознатлив белег кој имаше помала примена. Освен опуштените и лежерни кроеви, не беше исклучена и строгата елегантна силуета токму од принт комбинациите со букви, кои ги заокружија дизајнерските тенденции на Рикел.  Ревијата на крај повторно беше резервирана за Миранда Кер која ја затвори во лелеав миди фустан со длабоко деколте во темно црвена нијанса.

Објавено:
1 март 2014
Категорија: 
Колекции