Во последно време во светот на модата се случија навистина големи промени, а денеска се одвива можеби најголемата од нив. 

Ултра талентираната Марија Грациа Кјури која заедно со нејзиниот партнер Пјерпаоло Пичоли го однесе Валентино на едно сосема поинакво ниво, денеска и официјално си заминува од брендот. 

Тие ја потврдија веста дека таа ги напушта, а од Диор сѐ уште нема информации дека таа ќе биде седмиот дизајнер што работел за брендот. 

Заедно со Пјерпаоло, во рамки на неделата за висока мода во Париз тие ја претставија последната заедничка колекција посветена на делото на Шекспир. 

Неверојатните партнери кои работат заедно повеќе од 20 години, со оваа колекција одбележаа 400 години од смртта на големиот поет со неверојатно нежни и романтични парчиња какви што само тие знаат да направат. 

Иако им требаше време да го најдат вистинскиот правец создаден за Валентино, денеска тие се едни од најпочитуваните дизајнери во светот, а со оваа колекција само го потврдија тоа. 

Многумина се изненадија кога ревијата ја отвори модел облечен во стилски панталони комбинирани со бела кошула со карнери во горниот дел и едноставна црна блузичка. 

Но, веднаш потоа на пистата се појави шармот на Валентино прикажувајќи нежни бели волуменозни фустани комбинирани со шик елечиња и неодолив накит. 

Речиси секое парче без разлика дали тоа беше фустан, кошула, накит, високите црни чизми или пак неверојатно стилските фризури на девојките, раскажуваа една посебна приказна која нѐ враќаше кон некое минато време. 

Време на прекрасни раскази, време на љубов, време на трагедија, време на Шекспир. Времето во кое тие двајца твореа заедно донесе безброј фантастични фустани, фустани кои секогаш имаа што да кажат, фустани во кои секоја една девојка се вљубуваше од прва. 

Тие во Париз приредија одлично последно шоу кое иако помалку носталгично, ќе биде запаметено како круна на нивната заедничка работа која на брендот му донесе неброени милиони. 

Едноставно прекрасни парчиња за кои и нема друг збор со кој би можеле да се опишат. Оттука, тие продолжуваат сами. Таа наводно за Диор, а Пјерпаоло како самостоен креативен директор на Валентино. 

Иако помалку тажно, нивните одвоени приказни ќе бидат нешто што ќе биде фасцинантно да се следи...

Објавено:
7 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
243 пати