Се чини една од најочекуваните ревии и модно шоу за кое се бараше карта повеќе беше она на Диор кое се одржа вчеравечер во рамки на модната недела во Париз.
Покрај тоа што самиот бренд е еден од омилените и секогаш предизвикува огромно внимание, овој пат сите погледи беа свртени кон новата креативна директорка Марија Грација Кјури која на присутните им ја прикажа првата колекција за брендот.
Веќе знаеме дека многупати брендот се залагал за феминизмот, па токму во овој правец се движеше и новата главна дизајнерка која неодамна му се приклучи на тимот откако го напушти долгогодишното челно место во Валентино.
„Главната порака е тоа дека всушност не постои само еден тип на жена“, изјави дизајнерката пред почетокот на шоуто.
Таа прикажа една малку поинаква колекција од она на што сме навикнати да го гледаме досега од брендот, насочувајќи се можеби кон нова публика со миксот од спортски и нежни парчиња кои на моменти потсетуваа на оригиналните Диор, а на моменти на нејзината позната работа во Валентино.
Спортските комбинации составени од бели блузони, панталони, кожени јакни, чанти преку рамо и рамни чизми со кои се отвори ревијата, беа вистинско изненадување за сите присутни кои на пистата очекуваа да видат романтични парчиња.
Дизајнерката продолжи во овој стил, прикажувајќи една силна страна на жената, за нешто подоцна да се врати на корените и да прикаже романтични парчиња од тантела, транспарентни здолништа со корсети, совршено скроени женски костими комбинирани со памучни маички, фустани во стилот на Валентино, кожени јакни со нежни фустани, украсени џемпери со долги здолништа од тантела и слични парчиња.
На голем дел од парчињата можевме да ја видиме пчелата како заштитен знак во различни варијанти, а самата дизајнерка појасни дека тоа е всушност симболот што Хеди Слимејн обожувал да го користи додека работел за Диор.
Таа додаде дека во нејзината работа ќе видиме многу елементи што ги користеле претходните дизајнери, со што таа сака да им оддаде особена почит за нивниот придонес.
На дел од парчињата таа реши да испише неколку слогани од типот на „Сите треба да бидеме феминисти“, со што направи добар потег за освојување на младата и бунтовна генерација девојки кои можеби конечно ќе пронајдат свој фаворит во дизајнерските колекции.