Покрај „Златните глобуси“, овој викенд навистина имаше за што да се говори во модните кругови. Лондон беше местото каде во рамки на тамошната машка модна недела се оддржаа одлични ревии, меѓу кои и онаа на македонскиот дизајнер Марјан Пејоски и Сашко Бежоски кои успешно работат зад брендот KTZ.
Како и секогаш досега, тој раскажа едно посебно, лично, спиритуално патување низ времето прикажано низ одлично скроени парчиња што повторно ја освоија публиката.
Пејоски шоуто го отвори со серија модели инспирирани од Skinhead од 1982 година на Nick Knight, прикажана преку шик панталони и урбани палта со два реда копчиња, потоа интересни шапки во британски стил, супер принтови и апликации, но и високи панкерски чизми.
На дел од парчињата што KTZ ги претстави на лондонската писта, можевме да видиме портрети на значајни политички фигури од светот како Мао Це Тунг и Карл Маркс.
Целосната слика на колекцијата на Пејоски дефинитивно прикажа млади момчиња подготвени за револуција и промена на светот.
Шапките што можевме да ги видиме на пистата на Пејоски, а кои дефинитивно беа едни од највпечатливите додатоци, но и целосно белите комбинации му оддадоа почит на филмот A Clockwork Orange на култниот Стенли Кјубрик.
Две комбинации од колекцијата есен/зима 2015 на KTZ беа вистинска ода на табу пижамите со пруги што биле носени за време на Холокаустот.
Како што одминуваше шоуто, така и оние модели што беа прикажани на самиот крај беа целосно црни, затворени, но сепак неповторливо шик!
И додека на почетокот сите креации оддадоа почит на различни и значајни периоди од светската историја, оние последните по сѐ беа ексклузивни, модерни и уникатни.
Пејоски повторно прикажа дел од неговите одлични црно – бели модели комбинирано со модни додатоци како шапки, ракавици, зимски капи, многу крзно и неверојатно добри чевли.
Како што и беше очекувано, на ревијата се појавија многу од неговите „следбеници“ меѓу кои и фантастичната Палома Фејт која одбра сина KTZ комбинација, потоа раперот Виз Калифа, пејачката Џес Глајн и други.
Со новата, тотално поинаква машка колекција, Пејоски уште еднаш ги покани неговите обожаватели во езотеричниот свет што непрестајно расте!