Романтична ретро колекција на eNVy Room за љубов на прв поглед!

19 март 2015

Оваа сезона дизајнерското дуо eNVy Room доби самостојна вечер во рамки на модниот викенд во Хрватска, а токму таму тие и ги оправдаа сите очекувања.

Уште еднаш, Никица Иванчевиќ и Вјеко Франетовиќ создадоа колекција за непоправливите романтичарки и за сите оние девојки кои се заљубени во романтичните ретро парчиња.

Дел од парчињата што беа содржани во колекцијата се инспирирани од златните холивудски времиња и стилот на актерките во тоа време.

Двајцата одлични дизајнери ревијата ја започнаа со прекрасни црно бели комбинации направени од тантела и комбинирани со шик модни додатоци како ретро очила за сонце и свилени марами на главата.

Ревијата тие ја започнаа со молив здолништа, интересни бели кошулки со волуменозни ракави, за потоа да преминат кон шарени комбинезони, дводелни шик комбинации во прекрасни бои и секако, сосема на крајот – нежни венчаници.

Токму венчаниците се и парчињата по кои креативните дизајнери се чини се најмногу познати, па тие уште еднаш не ги изневерија нивните обожавателки прикажувајќи фасцинантни креации.

Поголемиот дел од венчаниците беа со длабоко деколте создадени од прекрасна нежна тантела која од половината надолу продолжуваше во шармантна бела свила и жоржет.

Одличните дизајнери ниту овојпат не отстапија од нивниот препознатлив, романтичен стил со што уште еднаш докажаа зошто се еден од омилените тандеми на девојките ширум Балканот.

Објавено:
19 март 2015
Категорија: 
Колекции