Совршена палета на бои и дезени на вториот ден од миланската модна недела

20 септември 2013

Милано вчера беше доказ дека модата навистина живее во тој град. На вториот ден од модната недела беа прикажани совршени до последниот детаљ колекции од некои од најголемите светски дизајнерски имиња. Одлични парчиња облека прикажаа Макс Мара, Прада, Фенди, Кавали и уште многу други.

Овојпат, најголем впечаток како да остави помалку едноличната, но сепак неверојатна колекција на Макс Мара и уметничката и единствена колекција на Прада.

Макс Мара прикажаа извонредни парчиња облека во бела, сина, портокалова и сива боја, совршени за следната сезона. Нивната колекција се состоеше од супер шик наметки за студените пролетни вечери, како и лесни летни фустанчиња што едноставно совршено ќе ви прилегаат во текот на летото. Тие никако не ги заборавија и женските костуми со совршен крој, што се задолжително парче за на работа за следната сезона.

Max Mara

Покрај Макс Мара, во Милано вчера можеше да се види и колекцијата на Прада што задолжително мораме да ја прогласиме за најуметничка досега. Прада ни дозволи за момент да се изгубиме во неверојатните дезени на фустаните и здолништата што изобилуваа со бои и што беа неверојатно насликани. Во коелкцијата можеа да се видат и многу убави лесни џемперчиња и капутчиња со исклучително интересен дезен, за кој веруваме дека ќе биде омилен помеѓу трендесетерките уште веднаш.

Prada

Фенди прикажа куси фустанчиња со многу интересен крој и дезен за кој навистина вреди да се потрошат и последните пари. Покрај фустанчињата, во колекцијата можеа да се видат и супер интересни светкави и многу елегантни здолништа и кошули во совршена комбинација. На модната писта на Фенди дефилираа различни комбинации од бои преточени во лелеавите фустани што манекенките ги прикажаа со исклучителна леснотија. Ги сакаме сите во нашиот плакар!

Fendi

Некако спонтано, како најдобриот да го оставивме за крај. Кавали на присутните им приреди едно навистина софистицирано и на посебен начин елегантно модно шоу составено од колоритни парчиња. Тој претстави неверојатни панталони, здолништа, фустани и куси горни делови со супер цветен дезен, подготвени за носење уште веднаш. Она што дефинитивно ни го прикажа овој дизајнер е тоа дека можеме со нетрпение да ја очекуваме сезоната пролет/лето 2014 бидејќи истата ќе изобилува со неверојатни цветни дезени и совршени комбинации од бои.

Објавено:
20 септември 2013
Категорија: 
Колекции