Спортска и елегантна визија од ресорт колекциите на Марк Џејкобс и Армани за 2015

2 јуни 2014

Верните обожаватели на Марк Џејкобс и Армани конечно имаат можност да ги погледнат нивните ресорт колекции за 2015 година.

Како што и се очекуваше, колекциите на двата модни брендови се тотално шик и модерни, прикажувајќи храбра спортска и елегантна девојка за следната година.

Големото есенско деби на Кејти Хилиер и Луела Бартли за Marc by Marc Jacobs, ја дефинираше девојката што тие сакаат да ја гледаат низ улиците. Двете ултра креативни дизајнерки прикажаа влијателна, самоуверена и храбра девојка која не се плаши од ништо. Таа е женствена и бестрашна, но истовремено и сексапилна и не се плаши да го покаже она што го поседува. Во новата ресорт колекција за 2015 тие ни предлагаат класични женски форми кај облеката во која внесоа парчиња како фустани изработени од интересни материјали претежно комбинирани со кошули или ролки. Сите парчиња од колекцијата се олицетворение на урбана и кул девојка, чија облека варира од најлонски шик парчиња па сѐ до секси вечерен фустан изработен од впечатлив материјал. За вљубеничките во лежерниот и урбан изглед, девојките подготвија панталони со одличен крој, супер кошули, тренди тексасни комбинезони и модерни ниски чевли. Особено интересни и впечатливи овојпат, беа вселенските мотиви на некои од парчињата аплицирани од страна на илустраторката Зои Тејлор која што уште еднаш докажа зошто е омилена во нејзината бранша!

Ресорт колекцијата на Џорџо Армани пак е една сосема поинаква приказна! Модниот бренд за следната сезона ги замислува жените во нежно, елегантно и шармантно светло. Тие ни нудат нежна и мека палета на бои преточени во неверојатно женствени и сексапилни модели. Во неговата понуда, за 2015 имаме сосема бели и шармантни женски костими со два реда копчиња и остри јаки, потоа нежни куси здолништа во комбинација со секси маичка на тенки прерамки, но и магични куси фустанчиња со транспарентни делови.Она што ни остави голем впечаток како и секогаш, така и овојпат, се одличните модни додатоци како сандалите на висока потпетица, потоа оние слатките и рамни, па дури и спортските патики што ги комбинираат со елегантен женски костим без јаки. Подеднакво добри се и чантите од ресорт колекцијата, но и интересните и впечатливи алки што се сосема доволни кога станува збор за накит во комбинациите.

Чија ресорт колекција вам ви се допадна повеќе?

Објавено:
2 јуни 2014
Категорија: 
Колекции