Светските дизајнери претставија неверојатни колекции на париската модна недела

30 септември 2013

Изминатите денови Париз буквално живееше во духот на модата. Свои колекции претставија некои од најпознатите светски дизајнери како Џон Галиано, Жан Пол Готје, Вивиен Вествуд, Клое, Кензо и Живанши.

Вивиен Вествуд претстави колекција која изгледаше сосема гламурозно и шик, и истата беше полн погодок за нејзините фанови во првите редови како и стотиците што чекаа надвор.

Vivienne Westwood

Облечени во креации својствени за Вивиен Вествуд, моделите изгледаа уште поинтересно со нивните лица измачкани во кал. Колекцијата на дизајнерката беше составена од тренди бои, дезени, принтови, луди фустани, интересни здолништа и што уште не. Таа уште еднаш покажа дека навистина знае да биде ексцентрична.

Кензо претстави колекција инспирирана од океанот, подеднакво шармантна и егзотична како и останатите. Големите јакни, совршените палта, шармантните фустани и интересните здолништа и панталони покажаа дека Кензо навистина знае да создаде младешка и супер нослива колекција.

Kenzo

Секси кожени парчиња во комбинација со шармантните лежерни материјали беа дел од неверојатната колекција на единствениот Жан Пол Готје. Во неговата колекција доминираа црната, беж бојата, сивата, прекрасната црвена и есенската кафена. Тој прикажа фустани за романтичната жена во комбинација со рокерските, кожени јакни што и дадоа дополнителен гламур на неговата колекција. Како и сите останати, и овој дизајнер не го изостави принтот и интересните дезени во неговите парчиња.

Колекцијата на Клое се состоеше од исклучително деликатни фустани во неверојатно бела боја, лежерни и лелеави како никогаш досега. Во колекцијата доминираа и земјените бои, па така можевме да видиме палта и наметки во темно зелена и кафена боја, како и широки куси и долги панталони што едноставно изгледаа неверојатно.

Chloe

Можеби најшарена изминативе денови беше колекцијата на Селин, што се состоеше од широки здолништа до колена, блузи со супер шик дезени, кошули со широки ракави, како и фустани кои неверојатно паѓаа по линијата на телото. Преовладуваа црната и бела боја, како и мешаните принтови што изгледаа сосема достојно.

Одличниот Џон Галиано претстави колекција иснпирирана од улицата, во совршен микс од женски костими, лелеави здолништа во јаки бои, интересни куси блузи во комбинација со широки здолништа, и супер елегантни фустани за свечени пригоди. Боите што доминираа кај Галиано беа розовата, белата, жолтата, портокаловата и по малку црната.

John Galliano

Изминатите денови Париз беше сведок на уште неколку совршени колекции од супер популарните светски дизајнери. Со оглед на тоа што станува збор за колекции пролет/лето 2014 и сите ние очекуваме апсолутен бум од неверојатни бои, за победник го прогласуваме единствениот Џон Галиано!

Објавено:
30 септември 2013
Категорија: 
Колекции