Во рамки на неделата за Висока мода свои колекции прикажаа некои од најпознатите и најомилените светски модни куќи меѓу кои и единствените Валентино и Ели Сааб.

За обичниот народ, целта на овие ревии на Висока мода е да направат секоја жена да може да сонува барем на кратко, а токму такво нешто нѝ овозможи големиот Ели Сааб и Пјерпаоло Пичоли.

Токму тој, Пичоли, пред почетокот на шоуто, за него прво самостојно од Високата мода, изјави дека целата колекција е токму за соништата.

„Соништата нѐ прават луѓе, тие прикажуваат кои сме ние всушност, некаде длабоко во нас“, вели Пичоли.

Токму таа мисла го одведе назад кон грчките митови и легенди, бидејќи како што тој ќе каже, во истите се крие именувањето на човечките чувства.

Низ целата колекција се проткајуваат делови од грчката архитектура, па воопшто не треба да не чуди тоа што секоја една девојка изгледаше како грчка божица со креации што секоја жена може да си ги посака.

Иако досега навикнавме на многу украси кога е Валентино во прашање, неверојатната чистина, едноставноста во кројот и волшебните материјали во уште поубави бои беа она што овојпат ја освои публиката.

Подеднакво прекрасни беа креациите на миленикот на жените, Ели Сааб кој прикажа една помалку ретро и гламурозна жена полна самодоверба.

Како што многумина од присутните ќе кажат, дизајнерот во Париз приредил вистинско шоу соодветно за оние од високата мода, на кое повторно прикажа вистинска магија од креации.

Токму тие се совршени за црвениот килим, но и за сите негови интернационални и исклучително богати клиенти кои постојано нарачуваат фустани од либанскиот дизајнер.

Покрај познатите фустани со долги ракави извезени со најубавите цветови на светот, тој прикажа и елегантни свилени фустани со длабок шлиц и деколте, но и фантастични комбинезони со панталони и долга наметка во задниот дел.

Романтичната тантела, совршените везови, модните додатоци, очилата за сонце, свилените ленти за на глава, беа само дел од магијата што дизајнерот ја прикажа на пистата.

Заедно со сите други големи имиња што вчера беа дел од неделата на Висока мода, денот беше навистина за паметење благодарение на раскошот и елеганцијата што тие ни ги овозможија.

Објавено:
26 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
3.233 пати