Ресорт колекциите се актуелни, а вчера модната куќа „Валентино“ ја претстави својата и тоа во Њујорк.

Ако „Диор“ и „Луј Витон“ се инспирираа од Јапонија, Лагерфелд од Грција, Пјерпаоло Пичоли својата колекција ја посвети на Америка.

Поточно, од Њујорк, па изборот таму да се презентираат најновите парчиња е логичен и очекуван.

Оваа модна метропола е еден од омилените градови на Пичоли, негов втор дом и град што ја слави различноста на сите нивоа.

Имајќи го сето ова предвид, сосема ни е јасен концептот на најновата ресорт колекција. Дизајнерот искористи елементи од спортската естетика по која е препознатлив градот, како и хип-хоп културата. На тоа ги додаде и класичните џинс парчиња, но со лукс нота – идеалната комбинација за њујорчани.

Така, благата доминантност на јакните и панталоните дојде како освежување. Сепак, Пичоли не дозволи оваа ревија на „Валентино“ да помине без препознатливите долги и лелеави фустани, со етно мотиви и геометриски кроеви.

На тој начин, дизајнерот создаде уште една успешна модна приказна, која ги обединува романтичноста, елеганцијата, лежерноста и сексапилот.

Објавено:
25 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
356 пати