Висока мода: Панталоните на Версаче предизвикаа реакции на првиот ден од модната недела во Париз

7 јули 2014

collage3

Традицијата долга 150 години, се уште се негува. Париз вчеравечер дишеше во духот на Високата мода, а првиот ден пак од модната недела беше во знакот на Версаче.

Моделите што оваа модна куќа на чело со Донатела Версаче ги прикажа, беа во духот на 1950-тите. Освен Лејди Гага, овој пат инспирацијата Донатела ја пронајде и во Грејс Џонс. Но, и овие 1950-ти не беа класични. Версаче додаде своја нота на оваа декада, а се послужи и со гранџот од 1990-тите.

-Сакав да се концентрирам на кроењето, на она што е couture во 1950-тите, но не буквално како што беше - изјави дизајнерката пред почетокот на шоу-то. Всушност, средината на 20-тиот век е можеби и златното време на овој занает. Тоа е период кога Кристијан Диор и Кристобал Баленсијага им презентираат на жените совршено прецизни и удобни фустани прилагодени на модната индустрија.

Она што го привлече вниманието на многумина од вчерашната ревија беа креациите со една ногавица. Ако целта беше да се предизвикаат различни реакции, тогаш е постигната. Еден дел сметаат дека овие креации се премногу смели и непрактични. Од друга страна пак се оние што сметаат дека со нив Донатела успеала многу да се приближи кон она што се нарекува Висока мода, повеќе од било кога досега. Дури повеќе и од креациите со корсети што сме навикнале да ги гледаме од неа.

Сепак, такви не изостануваа.

-Волуменозното здолниште од нежнорозов сатен и црн корсет извезен со ситни светкави камчиња, односно Сваровски кристали, прицврстен со сјајни метални ремени. Тоа е балски фустан а-ла Версаче. Јас сум Версаче, а тоа морам да му го покажам на светот - рече Донатела за креацијата што го затвори шоуто, пред се мислејќи на кројот на фустанот. Ова беше една од креациите каде најсилно можеше да се види влијанието на 1950-тите, заедно со струкираните палта со заоблени рамници и копче на средина.

Далеку од конвенционално беше на пример и црното волнено здолниште со шлиц до препоните, кое откриваше една ногавица, додека другата нога беше оставена гола, комбинирано со ултрависоки чевли со метални шпиц-чевли со висока потпетица. Корсетот пак беше како кафез... Инаку, шлицот на овој фустан е на ист начин поставен како кај оној тропски што Џенифер Лопез го носеше на Греми во 2000-тата година, но сепак креациите се драстично различни.

collage1

Донатела, како и нејзиниот брат Џани претходно, отсекогаш посветувале големо внимание на структурата и истакнувањето на најдоброто од телото на жената, а и ова шоу беше доволен доказ за тоа. Иако денес таа користи многу пософистицирани техники за изработка, она што останува исто е атрибутите на жените да се истакнат во прв план.

Но, она што мора да се признае е дека, и покрај креациите со една ногавица, типичната разголеност, па дури и вулгарност и отворениот сексапил по кој е препознатлив брендот овој пат изостанува. Интересна беше и асиметричноста која доминираше во горните делови на креациите

Гламурот се истакна на повеќе нивоа. Првин преку изборот на материјали - крзно, органза, волна. Дел од парчињата се изработени и од свила обложена со силикон со што се добива футуристичка нота, за што придонесуваат и кристално металните ремени, токи и копчиња.

Но, гламурот не беше само на писта, туку и околу неа. Донатела секогаш внимавала и нејзината публика да се чувствува посебно, па на ова шоу доминираше кралевската виолетова боја, во која беше и крзнениот под, како и столчињата на кои седеа присутните.

Оваа дизајнерка и нејзината модна куќа се добро познати по рок гламурот и присуството на рок ѕвезди на нивните ревии, па тоа што Џеј Ло беше во првите редови е дури и изненадување. Особено имајќи предвид дека Лејди Гага отсуствуваше. Сепак, Џенифер се појави во една од креациите, со што лично го презентираше сето она што Версаче сакаше да го постигне - сексапил, софистицираност, гламур, а едноставност, истакнување на атрибутите и женственоста.

collage2

Донатела пак, беше облечена во тесни бели пантолони и бел костум, под кој носеше маичка прекриена со, како што таа кажа, најситните камчиња кои некогаш биле направени.

Несомнено дека ова модно шоу го имаше белегот на Версаче, но сепак, на крај се добива впечаток дека  Донатела овој пат не понуди нешто сосема ново, туку го модифицираше она што досега сме навикнале да го гледаме од неа. Така, нејзината приказна не донесе доволно возбуда и воодушевување. Но, она што Версаче успеа да направи е да предизвика реакции, а тоа е сепак многу важен сегмент кон успехот.

622x350 (1)

Во продолжение погледнете ја ревијата и споделете ги со нас вашите впечатоци.

 

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Колекции