Модната недела за Висока мода во Париз започна вчера, а првиот ден го одбележа модното шоу на брендот Версаче за есен-зима 2015. Ако досега навикнавме од оваа модна куќа да гледаме креации посветени на силната страна на жената, жената-Амазонка, Донатела Версаче овој пат имаше поинаква замисла.

-Постојат две лица. Овој пат сакавме да ја покажеме нежната страна на жената, односно на Версаче - изјави Донатела, која притоа за колекцијата се инспирирала од флората и фауната од шумата.

И се' беше во тој знак. Дури 26.000 орхидеи под стаклените панели ја красеа пистата.

 

Лара Стоун го отвори шоуто, со гласот на Џим Морисон во позадина и песната Out there we are stoned. Се појави во фустан со долги ракави во боја на лаванда, а потоа следеа и други креации во пастелни нијанси, како и оние во интензивни нијанси на портокалова, виолетова...

Лара Стоун Лара Стоун

Речиси сите креации беа создадени од полутранспарентни ткаенини со мрежести детали, кои претставуваа гранчиња и  секако цвеќиња, кои на дел од креациите беа рачно пришивани, а на дел рачно сликани. Мрежата во неколку од  креациите беше искористена и за создавање на мек корсет.

Флоралните мотиви, кои варираат од пупки, до различни форми на цвеќиња и присутни на секоја креација, многумина ги асоцира на влијанието што го извршија 1970-тите. За впечатокот придонесуваат и венчињата во коса, создадени од гранчиња, но всушност Донатела само сакала да претстави жена која ќе потсетува на шумска нимфа.

И покрај промените, Версаче остана доследен на асиметријата, женственоста и чевлите. Чизмите со платформа специјално создадени за оваа колекција, беа еден од најпрепознатливите знаци на куќата.

Со тоа Донатела покажа дека сепак не може сосема да се препушти на нежната страна. Нешто „темно и силно“ мора да се провлекува, бидејќи ниту една жена не е само нежна или само доминантна.

Карли Клос Карли Клос

Покрај Лара Стоун, на пистата се појави и Кендал Џенер, Карли Клос, Дауцен Крус, а шоуто го следеа Наоми Кембел, Ирина Шајк, Наташа Поли, Роси Ханингтон, која со транспарентната црна креација сосема го привлече вниманието на медиумите.

Ирина Шајк и Наоми Кембл Ирина Шајк и Наоми Кембл

Роси Ханингтон Роси Ханингтон

Наташа Поли Наташа Поли

Објавено:
6 јули 2015
Категорија: 
Колекции