Заедничката колекција на Луј Витон и Supreme е вирален моден хит

23 јануари 2017

Неодамна прикажаната заедничка колекција на францускиот моден бренд Луј Витон и американскиот „high street" бренд Supreme, на машката модна недела во Париз, инстантно постигна глобален успех.

Како што во разговор за Вог открива креативниот директор за машката линија на Луј Витон, Ким Џонс, инспирацијата за оваа заедничка колекција се њујоршките уметници од 70-те, 80-те и 90-те години на минатиот век. Во тие години, како што кажува дизајнерот за Вог, елитата се дружела со уличните уметници и токму тој општествен микс ја поттикнало идејата луксузниот Луј Витон да направи простор во својата нова машка линија за еден „high street" бренд како што е Supreme.

Кога беше најавена оваа соработка, модната јавност не беше сигурна што да очекува, но овој потег со оглед на реакциите после ревијата, се покажа како сосема успешен проект.

Луј Витон ја задржа својата препознатлива естетика, но успеа синхронизирано да ги вметне елементите од уличната мода карактеристични за Supreme.

Така резултираше со една сосема издржана колекција во која видливо е влијанието на уличната мода спакувано во луксузен пакет.

Силуетата на кроевите е лежрена, наменски „неуредна", доминираат оделата изработени од волна со висечки џебни приверзоци, кошулите се комбинирани со предимензионирани пуловери, а особено впечатливи се свилените кошули со принтови што директно потсетува на модата во 80-те.

На деталите и воопшто на модните додатоци е посветено исклучително внимание, па особен печат во комплетниот изглед даваат чантите и торбите со логоата на брендовите.

Објавено:
23 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
225 пати