Бекамов лов на црвен килим

4 декември 2014

 

Појавувањето на цревен килим во светот на славните освен поводот има две основни цели, (себе)реклама и онаа на брендот и дизајнерот чија креација се носи. Британските модни награди кои се одржаа неодамна, перманентно од 1989 година сами по себе го носат престижот од титулата за најдобрите од модата во британската престолнина. Очекувано и познато беше дека распосланиот цревен килим ќе биде примарната стратешка патека, како и сите останти досега, но многу подиректен, од каде чекор по чекор, поза и насмевка пред фотографите и камерите, намерите маневарски ќе дејствуваат пред аудиториумот. Исклучоците на овој гламурозен настан кои успеја да ги надминат своите бизнис таленти како двојка, беа Бекамови, особено Викторија.

Откако се вратија во Лондон минатата година, секој поминат ден, во медиумите  за нив може да се прочита некаков новитет поврзан со успесите на модна територија, каде по се очигледно претендираат да изградат империја. Тие дејствуваат со заеднички сили, а свесни за својата моќ од популарноста што ја уживаат и перфектните погледи кон стилската естетика, ги селектираат најефектните начини  од пристапот. Случајностите за нив не важат, а така ги популаризираат и продаваат своите дела онаму каде се најдобри, додека фидбекот тоа им го потврдува за да продолжат со делувањето  уште поинтензивно. Кога Бекамови ги кршат правилата од клишеата  статично поставени на црвениот килим, тоа изгледа инвентивно и успешно во секој поглед.

Само едно такво јавно појавување со мегаломански маркетиншки  претензии, беше она на Викторија на еден од најзначајните настани во светот на модата. Навидум доста едноставна во минималистичка црно-бела  комбинација со сопствен потпис, таа не само што се промовираше себеси како бренд, туку и поединечно  прачињата што ги носеше од сопствената етикета. Освен тоа создаде тренд, ги скрши правилата од дрес-кодот, а како шлаг на се, ја освои и статуетката за најдобар бренд во Англија. Со само едно појавување,  Викторија  ни покажа дека е како октопод,  кој доколку го почувствува вистинскиот момент за лов, пленот ќе го зграпчи со сите свои пипала. Доколку побарате на интернет, досега во историјата на црвениот килим каде најчесто гламурот е правило, не се случило ниедна јавна личност да се појави во волнен џемпер. Исклучокот помина толку добро, што под содржините каде медиумите го опишуваа конкретниот изглед, беа поставени реклами за онлајн да ги нарачате парчињата, а интересот нормално рапидно растеше.Останува прашањето какви ќе беа реакциите на публиката и медиумите, доколку некоја друга јавна личност се појавеше во волнен џемпер?

Но, за Бекамови  мисијата беше успешно извршена, а тие придобија (себе)реклама, онаа на брендот, создадоа тренд, ги скршија модните правила и освоија признание за истото. Автоматски, на тоа нивниот профит порасна, а несомнено е дека и понатаму ќе доживува експанзија. Не за џабе, Англија ја одликуваше Викторија и за жена бизнисмен на годината, што само ја комплетира сложувалката од градењето на сериозен моден семеен бизнис. Сепак, зад одлуките на Бекамови стои уште поголема позадина, за која одлучува искусниот бизнис партнер Симон Фулер, исто така не случајно избран, бидејќи зад него стои продажбата уште на 350 светски брендови.

Дека претензиите земаат уште поголем замав, покажа и вчерашното официјализирање дека и Дејвид основа сопствена модна линија, а нема да го заборавиме ниту инволвирањето на нивните деца во модни рекламни кампањи. Како изминува времето, сигурни сме дека ова славно семејство стратешки умее да игра со картите во своите раце  - да создаде кралство во Кралството Британија.

 

Објавено:
4 декември 2014
Категорија: 
Стории