Отстранувањето на влакната од телото и лицето за жените претставува еден од најголемите проблеми на денешницата. Истото бара константна посветеност, грижа и особено внимание на големите можности да се уништи нашата кожа. Една од најголемите дилеми поврзана со отстранувањето на влакната кај жените, е дефинитивно изборот на правилниот начин како да го извршите отстранувањето што е можно побезболно и без несакани последици. Најчесто, дилемите настануваат кога треба да се одлучите помеѓу епилирање, депилирање или бричење како едни од најзастапените начини на отстранувањето на влакната. Постојано читаме и слушаме за бројните предности и недостатоци на овие опции, без притоа точно да знаеме кој е најдобриот начин и дали можеби постојат нивни алтернативи. Сакајќи да ги намалиме тие дилеми со кои секојдневно живее секоја од нас, за одговори и совети на оваа тема разговаравме со доктор Тања Бурјакоска, специјалист-дерматовенеролог, која наведува кои се начините за да се спасиме од несаканите влакна: бричење, депилација и епилација.
Во продолжение на интервјуто, таа говори за предностите и недостатоците на епилацијата, бричењето и депилирањето, за тоа колку трајната депилација е навистина трајна, но и за многу други проблеми и како истите да се решат, во што веруваме дека ќе се пронајде секоја од нашите читателки.
1. Кои се причините за појава на зголемената несакана влакнетост?
- Зголемената влакнетост е нормална карактеристика за машкиот пол, но сѐ почесто ја забележуваме и кај женската популација како една непожелна естетска појава. Хирзутизмот или машки тип на влакнетост кај жените најчесто се забележува во пределот на брадата, надусниците, образите, ареолите на дојките, стомакот, задникот, градниот кош. Во причините за неговата појава освен генетскиот фактор, се вбројуваат хормоналните пореметувања, особено оние со зголемено лачење на машки полови хормони – андрогени, најчесто во склоп на синдромот на поличистични јајници, како и при примање на одредени лекарства. Честопати не може да се најде причината за зголемена влакнетост и тоа е така наречен идиопатски хирзутизам.
2. Кои се начините за да се спасиме од несаканите влакна?
- Постојат повеќе начини за отстранување на несаканите влакна од кои најчесто применувани се бричењето, депилацијата и како најуспешен, трајната ласерска епилација. Накратко ќе ги наброиме предностите и недостатоците на овие методи:
- Бричење: Метода со која со жилет влакната се сечат над површината на кожата. Предностите се следните: брзо и лесно, ефтино, безболно и може да се изведе во домашни услови. Недостатоци: влакната брзо повторно растат веќе за 2-3 дена, не губат во дебелина туку понекогаш изгледа како да се задебелени и згуснати, но тоа е поради затапениот врв и истовремениот раст на сите влакна. Исто така можна е појава на враснати влакна како и иритација и исеченици на кожата од бричот доколку не се внимава или се користи стар жилет.
- Депилација: Со неа влакното се влече од корен во правец спротивен од неговиот раст (восочна, шеќерна) или со помош на хемикалија влакното се ослабува и се отстранува нешто под површината на кожата (со депилациски креми). Предности: привремено ги отстранува влакната во траење од 2-5 недели зависно од типот и дебелината на влакната, кожата е мазна и сјајна, новите влакна се потенки и ослабени, и обично растат нерамномерно бидејќи дел само се поткинуваат што дава впечаток на проретченост. Недостатоци: за да биде ефикасна депилацијата бара влакната да бидат отприлика една недела израснати над ниво на кожата, третманот е болен, поскап од бричењето и најдобро е да се изведува во козметички салон, а можна е појава и на враснати влакна, иритација на кожата или изгореници.
- Епилација: Единствена метода за трајно отстранување на влакната бидејќи ги уништува корените на влакната т.е матичните клетки од кои влакното расте. Предности: трајно ги уништува влакнените фоликули, се изведува на 6-8 недели во кој период вие немате влакна, речиси е безболна, сигурна е и се изведува во дерматолошка ординација од страна на дерматолог, не ја оштетува кожата и помага во отстранување на враснатите влакна. Недостатоци: поскапа е од претходните методи, но долгорочно гледано, е најефтина и најприфатлива со најдобар резултат.
3. Кој е најдобар метод за отстранување на влакната на лицето?
- Кога станува збор за отстранување на влакната во пределот на лицето дефинитивно најдобар избор е епилацијата што трајно ќе го реши проблемот. Но, ако веќе треба да бираме помеѓу бричење и депилација, секако бричењето отпаѓа како опција бидејќи ќе ги зајакне влакната, додека депилацијата ќе ги истенчи давајќи ефект на проретчување и ќе има ефект кој ќе трае повеќе од две недели. Но, внимавајте бидејќи многу често доаѓа до проширување на полето со несакани влакна главно поради случајната депилација и на соседните нормални влакна.
4. Дали е вистина дека депилацијата ги проретчува влакната?
- Со депилацијата се постигнува откинување на влакната од нивниот корен т.е. од матичните клетки од каде влакното расте. За да престане растот на влакното, потребно е да се уништат матичните клетки што се постигнува само со ласерска епилација која ги уништува по пат на термокоагулација. Кај депилацијата, проретчувањето е привидно поради нерамномерниот раст на влакната бидејки дел од нив наместо да бидат откинати од корен, само се поткинуваат и тие се оние што први ќе израснат. Секако, после долгогодишна депилација поради постојана траума на влакнените фоликули, можно е да дојде до оштетување на матриксот на поедини влакна и тие да престанат да растат.
5. Кои се бенефитите од епилацијата и дали е навистина трајна?
- Со епилацијата се уништуваат матичните клетки во коренот на влакното по пат на термокоагулација и на тој начин престанува растот на влакното. На прашањето дали постои трајна епилација одговорот е дека не постои трајна епилација која трае цел живот, бидејќи дел од влакнените фоликули во кои ќе остане по некоја матична клетка после подолг период од 1-2 години под стимулација на хормоните, повторно ќе почнат да создаваат клетки. Со ласерската епилација се постигнува целосно уништување на 85-90 % влакнени фоликули така што за оние 10-15 % кои по година-две повторно ќе се активираат, доволно е еднаш годишно да се направи третман за одржување. Секако ова се однесува за лицата кои немаат хормонално пореметување кое би го забрзало растот на влакната и би го успорило ефектот на третманот, за која што цел претходно вашиот дерматолог ќе ве прати да направите испитувања и ако има потреба ќе ви биде препишана соодветна терапија.
6. Чест проблем се поткожните влакна. Има ли решение за нив?
- Поткожните влакна најчесто се јавуваат како резултат на бричењето и депилацијата на влакната. Кај бричењето доаѓа до зарамнување т.е затапување на врвот на влакното поради што тоа потешно ја пробива кожата па се увртува. Кај депилацијата пак, влакната стануваат тенки и нежни поради што немаат сила да ја пробијат кожата над нив па повторно се увртуваат во кожата. Делумно подобрување на состојбата може да се постигне со редовен пилинг и доволна хидратација на кожата за да им го олесните патот на влакната, а единствен начин за трајно да го решите проблемот е секако ласерската епилација која трајно ќе ги уништи вланата.
7. Кога се препорачува восочна или ласерска епилација, пред или по месечниот циклус?
- Една недела пред менструалниот циклус поради хормоните, кожата е почувствителна, па самиот третман може да биде поболен и кожата по третманот подолго време да остане црвена. Но, секако ова не претставува причина да го избегнете третманот доколку навистина ви е потребен.
8. Како да се справиме со иритацијата на кожата по депилирање и бричење?
- За да ја избегнете иритацијата по бричење потребно е кожата пред и потоа добро да се хидрира, затоа истуширајте се пред бричењето и потоа нанесете маслена купка за влакната доволно да омекнат и бричењето да биде полесно, а после третманот нанесете лесно хидратантно млеко за тело без парфем. Одвреме навреме правете пилинг на кожата за да ги отстраните мртвите клетки со што ќе го избегнете и создавањето на враснати влакна. Во однос на восочната депилација, она што е важно е восокот да не биде премногу врел при апликација, да биде квалитетен со растителни масла во својот состав и секако посветете внимание на хигиената во козметичкиот салон и секогаш побарајте нов восок само за вас.