Николина Здравеска е специјалист педијатар, доктор на медицински науки од Универзитетската клиника за детски болести, а од неодамна и горд добитник на значајната меѓународна награда за медицинско истражување од областа на педијатријата.
Станува збор за престижните интернационални „Medis Awards“ за медицински истражувања што годинава се одржаа во Националниот театар во Сараево. При доделување на наградите, во потесен избор се земаат доктори и фармацевти од Австрија, Словенија, Унгарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора.
Ова е петта година откако се доделуваат овие значајни награди од областа на медицината, а за прв пат имаше финалист од Македонија.
Доктор Здравеска беше наградена во областа педијатрија, која воедно беше медицинска област со најголем број апликации од сите земји – дури 40.
Престижната награда таа ја доби за нејзиното неверојатно истражување што се однесува на пациентите со конгенитален хипотироидизам, односно вродено пореметување на тироидната функција настанато било како резултат на нејзина недоразвиеност или нејзина нефункционалност.
Ние имавме чест да поразговараме со неа за ова исклучително признание и областа во која долги години работи и истражува. Она што прво ќе го каже е дека за неа не е предизвик само да се заврши факултетот и веднаш да се бара работа надвор, туку ако сакаш нешто да постигнеш и тука може да се најде начин и да се успее.
Месец мај е месец за подигнување на свеста за прегледи на тироидната жлезда, а истражувањето на Здравеска е поврзано токму со оваа проблематика, но на најранливата категорија – дечињата.
„Сите новороденчиња уште во породилиштата се скринираат за постоење на конгенитален хипотироидизам. Се прави на тој начин што се зема капка крв од петата на новороденчето, се нанесува на филтер хартија и се одредува тиреостимулирачкиот хормон, кој доколку е повисок од онаа прифатена гранична вредност укажува на постоење пореметување на тироидната функција. Целта на овој скрининг е рано поставување на дијагнозата, во период кога таа клинички не може да се препознае, а се со цел рано воведување на терапија како овие деца не би имале проблеми понатаму знаејќи го значењето на тироидните хормони за раниот развој на мозокот“, вели доктор Здравеска за Fashionel.
Таа вели дека глобално, инциденцата на конгениталниот хипотироидизам е 1 на 2000 живородени.
„Според бројот на раѓања во Македонија тоа би значело од 12-15 случаи годишно, тоа е и инциденцата во нашата држава, односно од постоењето на скринингот од 2002 година досега се откриени околу 170 деца со конгенитален хипотиродизам. Кога тестот од скринигот е позитивен, се зема уште еднаш крв, овојпат венска, за потврда на дијагнозата и доколку се востанови дека има проблем било дали тироидната жлезда не е развиена, е премногу мала или пак постои на нејзината нормална позоција, но не функционира, детето веднаш се поставува на терапија со левотироксин и таа терапија е секојдневна и задолжителна во првите три години пд животот. Подоцна, односно после третата година кај одредени деца, поточно оние кои имаат жлезда може да се направи обид со краткотраен прекин на терапијата што беше и предмет на истражувањето за да се утврди дали кај нив терапијата би се спроведувала доживотно“, додава Здравеска.
Дечињата со оваа состојба се дијагностицираат рано благодарение на постоењето на националната скрининг програма за конгенитален хипотироидизам со која се опфатени сите новороденчиња од сите породилишта во нашата држава и постои веќе 16 години.
Инаку, истражувањето на доктор Здравеска беше објавено во 2018 – тата година во магазинот Endocrine connections кој има импакт фактор 3.064 и неверојатно квалитетни објавени истражувања од областа на медицината.