Вечерниот долг фустан отсекогаш бил симбол на елеганција и раскош. Моќено парче на затворањето на секоја модна ревија, кое сите го очекуваат со нетрпение.
Во 20-тите години се револуционизира идејата за макси вечерниот фустан со кој жената ја истакнува својата младост на забрането скандалозен начин. За прв пат во историјата, вечерниот фустан е краток како тој за преку ден , се украсува со монистра, бисери, камчиња, на кој му се додава совршено изработено деколте, сексапилно откриени раменици и линија со која голиот грб дава гламурозен пристап со кој се истакнува женската силуета.
Во овие години се креираат фустани инспирирани од стари модели и ткаенини кои биле сведок на едно време и ера. Во 30-тите години пак, во фокусот на настаните се холивудските модни икони Марлен Дитрих и Грета Гарбо кои го афирмираа машкиот шарм на префинети дизајни. Потоа доаѓа времето на високата мода кога во 1951 година во Фиренца, Емилио Пучи ја отвори првата модна ревија на висока мода, на која триумфираа вечерни долги фустани изработени од свила кои паѓаат слободно без никакви набори, надополнети со егзотични принтови. Тоа е периодот на римскиот сладок живот и маестралните кинематографски остварувања на неприкосновениот Фелини. Така се раѓа црниот долг фустан, кој го носи преубавата Анита Екберг, со меки рабови, кој совршено му прилега на женското тело а со тоа стана симбол на едно време кое успеа да направи вистинска револуција во модниот свет. Кулминацијата како симбол на безвременска елеганција, црниот долг фустан ја доживува со моделот на Живанши кој беше специјално креиран за филмската икона Одри Хепберн во евергринот насловен „Појадок кај Тифани“. Почнувајќи од 1961година, црниот фустан постојано е во центарот на внимание и перманентно се надградува, со додавање на детали во комбинација со долги црни ракавици. Во 1968 година колекцијата „Бјанка“ на Валентино доживува невидена популарност, особено поради венчаницата на Џеки Кенеди од нејзиниот брак со грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис.
Годините одминуваа и го обоија долгиот вечерен фустан во јако црвена боја, модел потпишан од Валентино. Тоа е времето кога господинот Гаравани ја воведе „V“ формата, како новина во креирањето, форма што ќе го привлече и прослави легендарниот Енди Ворхол.
Неговите фустани ја одбележаа париската Belle Epoque, со совршената линија на кројот, истакнување на деколтираниот дел кој е збогатен со многу тантела и пердуви. Манекенките Иза Стопи и Џанет Кристенсен, носат фустани со флорални мотиви и паднати раменици со нагласен декориран струк.
Креативност, женственост, елеганција и софистицираност се само дел од епитетите и критериумите со кои треба да се одликува секое од овие ремек дела. Мајсторите на модниот занает, секоја сезона се „натпреваруваат“ чиј фустан ќе биде оној кој ќе ја одбележи истата, тој претставува инспирација и единствен „објект“ на интересирање кај многу уметници. Сензибилитетот, карактерот, убавината и намерите на жената се проценуваат според движењето и начинот на кој го носи моделот. За повеќето модни фанатици макси фустаните се фетиш. Се вели дека имаат скриена моќ, кој го открива идентитетот на секоја жена, бидејќи јасно говори за вкусот и стилот на нивната сопственичка.