Инсајдерите во светот на модата

24 јануари 2014

Секој човек посакува на свој начин во текот на животот да се реализира себе во поглед на приватната или професионалната определба. Мора да се сложиме дека живееме во динамично време кое ни наметнува турбулетно секојдневие, па така изборот на вистинската професија е исто толку важен колку и изборот на животниот партнер. Навистина за секој еден од нас претставува голем успех доколку го направи вистинскиот подвиг и си обезбеди работно место од соништата.

 

Модната индустрија во изминатава деценија забележа огромен раст кој продолжува да се проширува преку истражување на нови територии со секоја нова сезона. Станува збор за производство на облека, чевли, текстилна индустрија која е една од најголемите во светот во која се вработуваат над 1 милијарда луѓе. Изборот да градите кариера во рамките на модната индустрија  е како да ви се паднала премија на лотарија или како да сте освоиле златен билет за пат околу светот. Постојано патувате, имате константна интеракција со луѓе, остварувате контакти. Но, од друга страна она што ви изгледа како навидум розов свет може да стане и ваша ноќна мора. Се работи за исклучително конкурентен свет, каде нема место за грешки или пристрасност кон одредени ситуации, бидејќи морате активно да го следите чекорот на менување трендови, публика, па дури и да бидете неколку етапи понапред од сите други, за да ја зачувате автентичноста.

 

 

Точно дека концептот и последниот збор за тоа како се работи во една модна куќа, моден медиум или модна продавница секогаш го има дизајнерот, но неговата работа не би била до толку ефикасна и продуктивна доколку не е вистински афирмирана, промовирана и презентирана, а таа улога им е доверена на „луѓето во сенка“, односно млади асистенти кои работат во модните фирми и помагаат во етаблирањето и рекламирањето на компанијата. Следствено на тоа модните професии односно функции кои ги имаат асистентите се мошне одговорни и напорни.

 

Моден агент за продажба и маркетинг

Ова е секторот каде дизајнот и бизнисот ги вкрстуваат патиштата. Дизајнерите мораат да го пласираат својот производ на пазарот, а задачата на модните агенти е добро да бидат запознаени со актуелните, но и со потрошувачките трендови за да знае каде би можел да ги понуди производите. Треба вешто да се снаоѓате со бројките, и да знаете на креативен начин да го промовирате она што го продавате. Контактите, односно познанствата се од особена важност. На пазарот има голем број на брендови кои се ваша конкуренција, затоа соодветна маркетинг стратегија и манипулацијата со карактерите на луѓето треба да ви бидат два главни адути со кои секогаш лукаво ќе се служите. Изгледот е секогаш на прво место, бидејќи и првиот впечаток е мошне важен како и бон тон однесувањето.

 

 

Менаџер на производство

Оваа функција слободно можеме да кажеме дека ја гради предната линија на модата. Менаџерите на производство се одговорни да обезбедат текстил и облека во производствениот сектор. Тие се во постојан контакт со добавувачите и трговците на мало за да бидат сигурни дека квалитетот на производство ќе биде на највисоко можно ниво. Ова поле има потенцијал да биде возбудлив и предизвикувачки. Сите се заинтересирани да ја одгатнат магичната формула за добивање на материјали за облека која ќе се произведува и нем да чини многу, но сепак со одредено ниво на квалитет. Одлуките донесени на ниво на производство може да резултираат со трајни економски импликации.

 

 

Визуелна презентација и визуелен стајлинг

Визуелна презентација и визуелен стајлинг, ова се две посебни професии, но почнуваат да се поклопуваат. Стајлингот, односно изгледот или модниот склоп на парчињата облека особено кај славните личности е умешност во креирањето на единствен моден мозаик каде се внимава на секој детаљ. Ангажирање на лични стилисти е феномен кој денес е мошне актуелен особено ако сте позната личност. За да ја извршувате вистински професијата на визуелен стајлинг треба да бидете вешти со броевите, да ја познавате бизнис климата, но и контактот со луѓето, како и размената на информации особено преку социјалните мрежи. Треба да имате и солидни познавање за историјата на модата, од нејзиното создавање како гранка, па се до денешниот развој.

Професијата на визуелна презентација е мошне специфична која нуди широки опции на дејствување и творење. Уредување на излози и ентериери во продавници, организирање на модни изложби во музеи, модни ревии, изложбени салони се само дел од многуте опции кои ги нуди овој сектор. Луѓето кои ја работат оваа работа раскажуваат тродимензионални приказни, информираат и фасцинираат истовремено.

 

Односи со јавност

Односи со јавност или ПР менаџер е основниот линк помеѓу производот и трговците на мало или потрошувачите. ПР професионалците се задолжени за одржување на имиџот на брендов. Нивната главна цел и работа е да направат брендот да изгледа привлечен. За да ја работите оваа работа мора да бидете позитивна и пријателски настроена личност која знае на вистински начин да допре до клиентите.

 

 

Моден новинар

Љубовта да се пишува за модата и можностите кои пишаниот збор ги нуди во поглед на известувањето за последните случува во светот на модата е работа која им се доверува на модните новинари. Освен објавите во модните списанија и магазини сега модна литература нудат и онлајн страниците. Блогерите преку своите сајтови нудат и совети кои опфаќаат различни модни аспекти. Да се биде дел од големото семејство на новинари не е лесно, креативното пишување, известување и пласирањето на актуелни вести од светот на модата е мошне исцрпувачко. Истражувањето, интервјуирањето и добивањето на ексклузивни вести од светот на модата се вештини кои треба да градат хармоничен однос. Секако дека контактите и интеракцијата со луѓе кои се директно па и индиректно поврзани со овој сектор се приоритетни за да имате успешна новинарска кариера во модниот свет.

 

 

Моден Фотограф

Модните фотографи се оние кои имаат задача да создадат ремек дело во еден кадар да ја раскаже инвентивна модна приказна. Модните фотографи работат во редакциите на списанијата и магазините, дневните печатени медиуми, веб сајтовите, модните куќи. Нивен главен фокус во работата е на креативен начин да ги измами купувачите да купат дел од презентираните производи. Покрај тоа изработката и снимањето на едиторијали, каталози и рекламни кампањи само дополнително го зголемува предизвикот и желбата да се биде поинаков во креирањето на „совршена“ фотографија.

 

 

Моден илустратор

Улогата на модниот илустратор е преку моливот да исцрта скици и цртежи на облека и чевли, кои ќе бидат користени во рекламните кампањи, каталози и други медиуми. Се работи за креативна работа која бара посветеност, многу фантазија и талент.

 

Објавено:
24 јануари 2014
Категорија: 
Стории