„Втората ќерка ги следи стапките на првата кога е кариерата во прашање. Не знам зошто потрошив толку многу пари за нивна едукација“. Ова се зборовите со кои бизнисменот Роди Кемпбел, инаку татко на Барбери-моделот Иди (24), го привлече вниманието на јавноста неодамна, откако и нејзината помала сестра Олимпија (18) го направи своето модно деби.
И двете девојки се школуваа во приватни училишта, за што нивниот татко потрошил 250.000 фунти. Нема сомнеж дека имале привилегија да се надоградуваат и образуваат на тој начин. Но, сето тоа за нивниот татко е залудно?!
Тоа ја предизвика и моделката Ребека Пирсон да ѝ објасни на пошироката публика дека моделите не се празноглави девојки што само носат облека и се сликаат.
„Како модел, идејата дека моето образование е вишок и бесцелно, навистина боли. Всушност, бев шокирана и навредена од таквиот став. Но, од друга страна, иако остри, неговите зборови го прикажуваат токму најголемото поттценување и заблуда во врска со мојата професија. Мислењето дека сме глупави и не го употребуваме мозокот не може да биде повеќе погрешно. Јас велам дека повеќе од било кога на нас моделите ни е потребно солидно образование за да успееме што побрзо да ја смениме модната индустрија.
Зошто толку многу луѓе мислат дека за моделинг не е потребен мозок?
Тие не го гледаат она што се случува зад сцената, каде ние како млади тинејџери, треба брзо да се адаптираме да живееме сами и да се селиме во други градови со самодоверба во себе. Не ги гледаат моментите кога треба да се бориме со тешки ситуации, за кои треба зрелост и искуство, како и сами да менаџираме со парите што ќе ги заработиме.
Кога ќе погледнете во блескавата реклама во модно списание на пример, многу е лесно да се премине преку тоа и да не се забележат тешкотиите со кои сме се соочиле додека се продуцирала. Луѓето го гледаат само готовиот производ – модел како позира пред камера или се движи горе-доле по пистата. Многумина не сфаќаат дека ние не можеме да опстоиме само врз основа на нашиот изглед. Покрај тоа, потребна ни е храброст и интелект. Токму затоа, коментарите како на Кемпбел се толку штетни. Тие ги сведуваат моделите во модната индустрија само на објекти. Манекенки. Жени на кои образованието не им е потребно – можеби везењето и свирањето пијано ќе биде посоодветно?!
Кај мене нема сомнеж дека таквото скапо образование и едукација што тие го добиле ќе се исплати.
Искрено, дури и кога само би стоела и би била убава, Иди Кемпбел не би поминала воопшто лошо. Веројатно би можела да му ги врати тие 250.000 фунти на татко ѝ од само една реклама на Том Форд во која ќе биде заштитно лице.
Како што може да се види, ние не можеме да преживееме само од моделингот. Се натпреваруваме со тие неподносливи актери, блогери и водители кои постојано ни ја „крадат“ работата. Па, затоа, од себе мора да направиме бренд. Погледнете ја Кара Делевињ. Таа пее, глуми и ги користи социјалните мрежи како алатка за реклама, што ѝ носи милиони на сметка. Ние мораме да се разликуваме, а токму поради тоа Миранда Кер рекламира линија за нега на тело, Ел Мекфирсон рекламира долна облека. Мојот идол меѓу супермоделите е Лили Кол со два смера на Кембриџ и иновативна социјална мрежа, impossible.com.
За да изгледате добро на добра фотографија можеби не ви е потребно да го искористите целиот интелектуален капацитет, но солидната едукација е повеќе од чувство за бизнис.
Кога ќе погледнам наназад, ги гледам илјадниците патишта со кои моето образование (кое патем не ги чинеше моите родители ништо, бидејќи го платив со парите од моделингот) ми помогнало во кариерата. Ја гледам можноста да си го кажам мислењето кога треба да ги поставам границите за време на снимањето, или проучувањето на актите со цел да можам да си ги земам парите од клиентите или агенциите.
Учењето за други култури и истории ми помогна да ги разберам уметничките референци кои некои фотографи ги користат. А да, и одличното познавање на францускиот ми помогна да се снајдам во Париз.
И секако, најважната причина поради која на моделите им е потребно образование е што не можеме да бидеме модели засекогаш.
Кога нашите лица нема повеќе да бидат наше богатство, образованието ќе биде погодно и потребно. Не е лесно кога ќе дојдете во средината на 20-тите години, како сега јас. Крајот на вашата кариера полека почнува да ѕирка. Потребата повторно да се поставите во новата индустрија е итна и голема потреба. ( А, верувале или не, заедничкиот план за пензионирање на моделките не е мажењето за богат маж).
Гледам како моделите ги користат контактите што ги имаат за да успеат и во други сфери од модната индустрија. Многу од нив се одлучија да бараат работа, или работат во медицина, право, социјална работа и медиуми. Признавам, балансирањето на кариерата на модел и образованието е тешко. За да му кажете не на моделството што ви обезбедува приходи поголеми од годишните образовни трошоци, затоа што морате да учите за испит, треба да имате силна волја.
На студиите морате да им се посветите сесрдно. Ќе ви се исплати, затоа не им дозволувајте на „букерите“ да ви набијат вина. Ако навистина ве ценат како модел, ќе се потрудат да се усогласат со вашите обврски.
Балансирањето подразбира планирање. Дајте ѝ на агенцијата (која треба да ги застапува моделите тинејџери што одат во училиште) список на денови кога сте слободни и запишете си табела со време и обврски на училиште односно студии и работа.
Вашиот социјален живот ќе дојде на последно место. Но, веројатно ќе можете да жртвувате некоја „пијачка“ за диплома и кампања за парфем.
Роди Кемпбел греши во ставот дека образованието на неговите ќерки е залудно. Со само тоа што нивната едукација ја ставил на прво место, им дал знаење и моќ. Тие можат самите да го насочуваат патот на кариерата што ќе ја одберат со самодоверба, да го скротат успехот и богатството кога ќе дојде време. Мислам дека тоа е бесценето“, завршува Пирсон.