Историјата на костимот со тенки пруги: Од Кларк Гејбл до Кери Бредшо!

22 август 2014

Нема ништо ново поврзано со тенките пруги. Тие се неизбежен дел од голем број стајлинзи уште од 1900 – тата година, а истите дефинитивно, најчесто можеме да ги видиме на елегантните костими кои оттогаш доживеаја голем број на трансформации.

Костимите со тенки пруги како принт, на светот му биле презентирани од страна на модерните и елегантни Британци, а нивни најзначајни претставници биле сексапилниот актер Кери Грант, Кларк Гејбл и британскиот премиер Винстон Черчил.

Откако прв пат ги открил костимите со тенки пруги, за многу кратко време истите станале дел од секојдневието на Черчил, а на прашањата зошто толку му се допаѓаат, тој рекол дека има нешто особено удобно и посебно во нив!

Еден од неговите најпознати костими со пруги бил добро познатиот „siren suit“, кој што го дизајнирал тој самиот и кој најчесто го носел на долгите состаноци што ги имал за време на Втората светска војна. Токму овој негов костим, беше продаден на аукција во 2002 – та година за речиси 50.000 долари.

Носењето на костими со пруги, а подоцна и на други парчиња облека со пруги, станало ултра популарно ширум светот за многу кратко време, благодарение на мажите кои по примерот на Британците, сакале да создадат една поинаква, елегантна и софистицирана слика за нив каде и да се појавеле.

Еден од најважните моменти во историјата на костимите со пруги дефинитивно е појавувањето на Кларк Гејбл со токму таков костим во култниот Gone With the Wind, по што оттогаш момците не можеа да се одвојат од него.

Оттогаш, па сѐ до денеска, костимите со тенки пруги доживеаја навистина бројни транформации. Сексапилната Сара Џесика Паркер во омилената женска серија Сексот и градот, во една од епизодите ја носеше можеби и најубавата женска верзија на овој костим дизајнирана од уникатната Вивиен Вествуд. Зад неа не изостанаа и нејзините фанови, кои веднаш ги преплавија улиците со различни верзии од нејзиниот секси костим.

Денеска, костимите со пруги можеме да ги видиме и како посебни делови вметнати во некои комбинации, а меѓу омилените на Кејт Мос во последно време се свилените широки панталони на пруги. Ваквите костими се дел и од плакарот на првата дама на САД Мишел Обама, која обожува да ги носи за елегантни прилики.

Неодамна се случи и големо враќање на парчињата со пруги и на модните писти, меѓу кои највпечатливата беше колекцијата есен – зима 2013/2014 на дизајнерката Стела Мекартни, која пругите ги искачи на едно сосема поинакво и поурбано ниво.

Доколку во вашиот плакар сѐ уште немате нешто на пруги, оваа есен е дефинитивно вистинското време да ја поправите оваа грешка.

Во продолжение, мала инспирација!

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Стории