Како до евтина гардероба- Се рушат бариерите на користена облека

29 август 2013

Работата со половна гардероба или „секнд хенд“ (втора рака) во светот е популарна години наназад. Дури ни во модните центри не изостануваат ваквите продавнци, па така во  Милано, овие  специјализирани места  редовно се преполни со купувачи. И не мора само да купите, можете едноставно и да изнајмите парче гардероба, на ден, два или недела  и уредно да ги вратите назад во продавницата а цената е прифатлива за секого.

 

Барселона е градот што пред сите други изобилува со вакви продавници кои  се наоѓаат на добри локации, а персоналот што е вработен е љубезен и „откачен“, односно се избираат продавачи што ја почитуваат винтиџ-модата, уметници, луѓе што живеат во ретро-светот. На секој купувач во продавницата му се нуди и пиво за две евра, за на раат да ужива во шопингот. Малку поблизу до нашата земја, односно во соседна Србија овој тренд заживеа неодамна, а економската криза со вртоглава брзина го зголемува нивниот број во центарот на Белград.

 

Но, на почеток да направиме едно појаснување. Разликата меѓу винтиџ-модата и секнд-хенд се состои во ерата од која потекнува облеката и во нејзината автентичност. Винтиџот како категорија наложува поголема уникатност во парчето, додека стандардната облека што се продава од втора рака била првично наменета за масовно консумерство. Ако низ светот втора рака облеката е популарна и често купувана, што се случува во Македонија? Има ли домашни стереотипи и недостиг на секнд-хенд култура? Во главниот град Скопје овие продавници опстојуваат околу десетина  години наназад, а ги има неколку на разни локации низ општините и на помалку атрактивни и фреквентни места. Обично се сместени во малечки дуќанчиња, не толку уредени и со натрупана гардероба. Работат со скратено работно време, па затоа треба добро да се информирате околу часот, доколку сакате да ги зачекате отворени. Внатре може да најдете облека од познати светски брендови и дизајнери како: Марк и Спенсер, Веро мода, Армани, Версаче, H&M, Дизел и други. Сопственичката на ваква продавница, Наташа Мирковска, вели дека интересот за ваквата облека е доста голем, посебно поради квалитетот и фактот дека се купува брендирана облека за пониска цена.

-Пред шест години се зафатив со овој бизнис и навистина не жалам. На почеток ме советуваа дека кај нас Македонците се уште владеат стереотипи за „секнд хенд“, но сепак решив да пробам. На почетокот и немаше многу заинтересирани, но како минуваше времето луѓето полека научија каков вид на облека продавам и не се штедеа и срамеа да си купат нешто, вели Наташа. Таа додава дека се уште ја прашуваат околу потеклото на робата, кој ја носел, колку е стара и дали е хигиенски стерилизирана.

- Сакам да појаснам за сите кои мислат дека облеката што ја продаваме, мора секогаш да е носена од некого. Иако го носи името втора рака облека, тоа не значи и дека некој вистински ја носел. Брендираните продавници низ светот на крај на сезона ги тргаат парчињата што не се продале и ги извезуваат токму како втора рака. Таа облека мора најпрвин хемиски да биде третирана од сите бактерии за да може да се изнесе надвор од границите. Затоа треба да е јасно дека ваквата облека е сосема чиста па дури и некој да ја користел, зашто набавуваме и таква што некој веќе ја употребил, објаснува сопственичката.

Што се однесува на набавката, таа најчесто ја врши од Бугарија. Купува на килограми и најчесто носи роба еднаш месечно, по околу 2000 килограми зашто така било најисплатливо. Освен од Бугарија сопствениците на вакви специјализирани продавници низ Скопје, набавуваат роба и од Данска и Германија, па низ штендерите можат да се најде и облека потпишана од познати тамошни дизајнерски имиња.

-Моите клиенти најчесто дознаават од некој што веќе не посетил и си купил нешто. Тоа се луѓе од маалото каде ми е продавницата, па тие ја шират информацијата на нивните најблиски и така кругот на муштерии се зголемува. Слободно можам да кажам дека со текот на времето луѓето не живеат во стереотип околу оваа тема и не се срамат да кажат дека она што го носат го купиле токму кај мене. Просветителите и банкарите ми се најчести клиенти па оттука и не мора да значи дека само оние со мали финансиски примања купуваат облека од втора рака, вели Наташа.

Случај кога светски познатите брендови се штитат од пад на цените на нивните производи, е брендот Луј Витон за кој неодамна ве информиравме дека секоја година ги палат чантите кои не се продале во тековната сезона, се со цел да не мораат да ги дадат поевтино и да се продаваат во вакви продавници. Дизајнерката Росица Мршиќ вели дека кај нас повеќе се почитува винтиџ облека отколу онаа од втора рака. Според неа можеби пристапот и специјализираноста е клучна во успехот, зашто низ светот ваквите места се пријатни, уредни а гардеробата изгледа исто како нова.

-Секнд-хенд продавниците се од не многу одамна присутни на македонскиот пазар, а немањето традиција на купување е од практични и финансиски причини. Ваквиот пазар можеби треба да истражи како се прави тоа во светот за да дојде до поактивно посегнување и конзумирање на истите. Винтиџ продавниците за разлика од секнд-хенд, имаат поинаков пристап кон селекција на понудата и затоа се попривлечни, посебно за љубителите на модните парчиња со ретро изглед, вели, Мршиќ.

Од минатата година во Скопје постои една винтиџ  продавница специјализирана за втора рака облека која функционира и комисионо, односно секој може да донесе своја користена облека, но во уредна состојба. Оваа продавница го носи името „Ри- сторе“ а од пред три месеци таму почна да се продава и дизајнерска роба од познати македонски дизајнери : Лудус, Бобан- Chic Undercowear, Елена Спасовска и Дума. Она по што се разликува „Ри-Сторе“ од останатите вакви продавници е тоа што уште кога ќе влезете внатре се чувствува духот на некое старо време, облеката е интересно и креативно изложена, што значително се издвојува од концептот на останатите слични продавници. Доколу и вие сакате да ги продадете парчињата облека што не ги носите, ви се одмилиле или не ви се точни, токму на ова место ќе ви ги проценат и половината од продажната цена ќе биде за вас кога парчето ќе се продаде.

Ако прошетате низ Скопје и влезете во секнд-хенд продавниците навистина ке се изненадите и од цените. Ќе сретнете убаво сочувана гардероба и аксесоари, потпишана од дизајнер или познат бренд, по цена од 50 и најмногу до  2000 денари за некое квалитетно палто. Факт е дека кај нас се уште е присутен стереотип, па затоа немојте да се изненадите ако начекате некоја ваша пријателка или пријател што купуваат од вакви места а кријат од вас.

 

Објавено:
29 август 2013
Категорија: 
Стории