Како модните игри влијаат врз децата

27 септември 2013

8b90ff05-d3b6-4974-a4b8-25e7d48b4207

Се сеќавате ли на својата омилена кукла од детството? Се сеќавате ли на првата Барбика која ја чешлавте со розов чешел, ја облекувавте во разни модели и пластични чевлички? Многумина од девојките сè уште ја чуваат првата кукла, или првата Барбика.

А знаете ли како настанала Барбиката?

Пред околу 50-тина години една мајка одлучила на својата ќерка Бритни да ѝ изработи кукла и тука започнува легендата за Барби, која сè до денес остана најпродаваната кукла некогаш. И ако порано постоеја само Барби и Кен, денес има уште многу Барби пријателки, луксузни вили, модерни автомобили, фенси облека.

Во светот денес се продадени милиони кукли Барби, а тимот задолжен за изработка на најпопуларната кукла открил дека за изработка на еден прототип потребни се дури сто луѓе и цела година.

Изработка на Барбика

Барби е секогаш убаво нашминкана и има совршена фризура, благодарение на вредните раце на тимот на изработка. Барбиката внимателно ги следи и модните трендови, па во нејзиниот гардеробер се наоѓаат панталони од Изабел Марант, фустани со принт и сандали во златнабоја, затоа што златната е новата црна. Сепак, нешто остана исто. Препознатливата розова боја. Како вели тимот, тоа нема ни да се промени.

А, како изгледа вистинската куќа на Барби?. Веројатно онака како што поголемиот број жени ја замислува куќата од соништата. Ѕидови во пинк боја, голема бања и уште поголем плакар со модерни парчиња и чевли.

куќа на Барбика

Така, речиси и да не постои девојче што не сака да си игра со Барбика. Но, Барбиките и хартиени кукли за кои се создава облека, кукли од крпчиња како да беа игри на една генерација. Сега, актуелни се онлајн игрите за облекување и шминкање.

Преку илјадници варијанти на таа тема можат да сретнат на Интернет, а малите девојчиња трошат часови да ги облечат нивните виртуелни кукли.

За тоа колку игрите влијаат врз поимањето на модата кај децата и генерално какво влијание имаат врз нив, позборувавме со психологот Андријана Тасевска.

igri

На прашањето дали постои конкретна возраст кога децата почнуваат да ја восприемат модата генерално, односно кога почнува да им биде важно што носат и дали се модерни, Тасевска вели дека тоа кај секое дете е различно и индивидуално.

- Во основа децата мошне рано, некаде уште во втората година од животот стануваат свесни дека она што го носат на себе привлекува внимание кај другите луѓе. Ова многу често е и поттикнато од возрасните кои им потенцираат дека облеката што ја носат убаво им стои, (пр. „Денеска имаш многу убаво фустанче, кој ти го купи?“ или „Многу убава фризура ти направиле, изгледаш како голем дечко“...) или дека така облечени личат на некој кого децата го восприемаат како јунак или како идол (пејач, спортист, актер...). Всушност, децата многу рано почнуваат да ја разбираат моќта на визуелната порака, па и самите почнуваат и да примаат и да даваат такви пораки. Така, наеднаш ги изненадуваат своите родители со тоа што се спротивставуваат на изборот на облека кој тие им го нудат и прават свој сопствен избор на облека на кој инсистираат. Значи, децата инстинктивно сфаќаат што облеката која ја избираат зборува за нив (или што сакаат да зборува), па така и сакаат да се облекуваат. Тоа некогаш значи определување на сликата за себе, за својот физички изглед, но многу често значи и идентификација со други личности.

Денес, особено се актуелни онлајн игрите за шминкање и облекување на виртуелни модели. Какво влијание вршат овие игри врз децата? Како децата ги восприемат?

-Различни истражувања покажале дека онлајн игрите имаат и позитивно и негативно влијание врз развојот на детската личност. Позитивно влијание имаат тогаш кога се внимателно одбрани и кога се прилагодени на возраста на детето, како и кога не се претерува во играњето со нив. Позитивно влијание имаат со тоа што овозможуваат нов пристап кон учењето, совладување на компјутерски вештини, развивање на моторика и снаоѓање во простор , овозможуваат нови искуства и зголемена концентрација. Негативните влијанија на компјутерските игри се: влијание врз здравјето (долготрајно седење, напрегање на очите), неосетливост за реалност, отсуство на фантазија и креативност, отсуство на комуникација и контакт со врсници, а некои игри знаат да предизвикаат зголемена агресивност и зависност. Компјутерските игри, особено во делот на модата, се корисни кога се играат кратко и контролирано. Модата е свет на фантазијата и креативноста.  Креативноста  кај  децата се развива низ игри во кои тие самите ќе измислуваат, ќе користат разни материјали, ќе ги допрат истите и ќе доаѓаат до нови идеи.

кукли од хартија

Може ли да се направи некоја селекција на тоа кои игри влијаат позитивно, а кои негативно за детето, или пак се се сведува на иднивидуалното поимање на нештата?

-Со оглед дека продукцијата на игри секој ден се зголемува и е разновидна, селекција не може да се направи, но затоа препораките се, секогаш игрите да се играат кратко време, во игрите да отсуствуваат моменти кои кај децата ќе создадат напнатост и нервоза, а да се потенцира развивањето на креативноста кај децата кога во играта ќе им понудиме разни материјали од кои тие самите ќе изработуваат облека, накит, играчки, храна или се она што нивната фантазија во тој момент им говори.

Постои ли одредена возраст од кога е пожелно да почнат да се играат овие игри? 

-Определена возраст за почнување на играње онлајн игри нема. Доколку детето покаже интерес и може да се снаоѓа во играњето на игрите, тоа може и да ги игра истите. Пожелни е да не се играат истите во поголемиот дел од денот и да не ги заменат изворните игри, односно игрите кога детето има контакт и интеракција со врсниците и кога самото измислува како и што ќе направи во текот на играта.

Зошто овие игри се толку популарни?

-Овие игри се атрактивни, не бараат многу средства и материјали освен компјутер и интернет, не бараат дополнителен ангажман на родителите, самите нудат избор на она што детето ќе го комбинира и ќе го стави во некој контекст.

Покрај овие согледувања од психологот, модните игри претставуваат и инспирација и поттик некој да почне да се занимава со мода. Една од нив е и Ана  Ивановска.

-Кога имав 11 години, чичко ми ми купи игра Барби фешн дизајнер. Играта се состоеше во тоа да се облече Барбиката. Сама правев многу комбинации, а имаше и можност, откако ќе се облечеше куклата, да се испринта кројот, односно шнитот од комбинацијата, за таа подоцна да можете да си ја сошиете за кукла. Тогаш започна мојот интерес за моден дизајн – вели Ана, која денес работи во рамки на својата професија.

Barbie Fashion Designer PC Barbie Fashion Designer PC

На крајот, ја прашавме Андријана и за тоа како родителите треба да постапуваат со децата кога модата е во прашање, особено имајќи предвид дека постојат родители кои децата уште од малечки ги учат на скапа облека, им дозволуваат многу часови да поминуваат создавајќи виртуелен моден свет.

-Родителите не треба да инсистираат нивните деца да се облекуваат за да личат на некој друг или да носат облека која не прилега за нивната возраст. Сведоци сме дека многу пати децата личат на мали луѓе облечени во облеката на некој возрасен. Понекогаш се потенцира цената на облеката и марката, па децата тоа подоцна го користат за да се наметнат над други деца. Ова само ги издвојува од другите и или ги групира во одредени (елитни) групи или пак ги остава сами и неприфатени од другите. Облеката на децата треба да биде лесна, функционална, да овозможува движење, да биде со квалитетен состав за да може кожата да дише и да биде со убави бои затоа што децата ги сакаат боите. Како облеката ќе биде комбиниирана и што од таа облека детето ќе облече добро е да оставиме  да биде негов избор. Така ја поттикнуваме креативноста на децата, самостојноста и придонесуваме за јакнење на самодовербата. Така детето гради свој сопствен идентитет и стил на облекување - вели психологот.

Објавено:
27 септември 2013
Категорија: 
Стории