Како се менувал луксузот низ годините

25 февруари 2014

Hellmuth-rings1

Златото, среброто, свилата, крзното, кожата, скапоцените и полускапоцените камења, парфеми... се дел од нештата според кои со години се „мери“ богатството, односно луксузот. И во праисоријата, поединци ги украсувале крзната со коски и пердуви, користеле мириси од згмечени растенија. Во древните цивилизации како Вавилон или Персија, од благородните метали и бесценети камења се правени пехари, ѓердани, алки...

Во античка Грција „божествениот сјај“ на златото се врзувал за верата, но и благородничките кругови. Се водело сметка за секој детаљ. Но, од друга страна накитените личности од неплеменски род, можеле да доживеат на влезот во храм да им го запленат сиот накит и да го предадат како жртва на боговите.

Crown-detail

Во стариот Рим луксузот бил присутен во уште поголем обем, но го следеле разни ограничувања. На пример, во воените години (215.г. п.н.е) бил донесен „Опиев закон“ со кој на жените им се забранува да носта “пурпурни“ фустани, да имаат повеќе од половина унца злато (тогаш околу 70 грама), да се возат со кочија... Кога на римјанките им здодеало да штедат, почнале да простестираат додека законот не е укинат. Со таа победа, имотните жени почнале да се натпреваруваат, па почнале да купуваат накит со скапоцени камења, кинеска свила, која вредела во злато онолку колку што тежи, потоа ткаенини од Идија, ќилибар од Германија, слонова коска од Африка, ладала од паунови пердуви, шминка, мириси...

Од друга страна пак, со раното христијанство почнува да се истакнува скромноста, како кај мажите, така и кај жените. Токму оттаму се барало секоја добра христијанка да ги крие своите атрибути, да става вел и да го занемари дотерувањето. Посебно се осудувале „китењето“ и козметичките средства. Тие биле окарактеризирани како алчност.

Во текот на средниот век во Западна Европа биле отворени многу златарски работилници, каде со техниките на ковање, пресување и филиграни се изработувале разни предмети. Покрај гломазниот и тежок накит, за владетелите и големците, се изработувале круни, мечеви, пехари... Богатството се пренесувало од коленно на колено, но и верувањето дека здравјето се јакне со јадење супа со фин златен прав.

Луј XIV Луј XIV

Но, со владеењето на Луј XIV во Франција почнува вистинското луксузирање. Кралот наречен Сонце, носел облека проткаена со брилијанти во вредност од 14 милиони франци и друга раскошна облека која често ја менувал. Со оглед на тоа дека се гадел од вода, „се бањал“ во парфеми, кои за него секојдневно биле специјално смислувани и правени. Се избањал два пати во животот и тоа по препорака на докторите.  Тој повеќе од сè водел сметка за тоа сјајот на својата личност и дворецот да го издигне преку делата на славните уметници. И кралевите во другите земји посакале да го достигнат. Така Чарлс I во Англија коплетно опремил 24 замока, а од еден во друг одел без багажник.

Францускиот крал Луј XV продолжил со таа практика, а во тоа му помогнала и неговата драга мадам Помпадур. Но, и богатите личности почнале да ја копираат куќата на кралот, па во Париз во текот на 18.век завладела вистинска желба за раскош. Забележани се примери на  стотици луѓе вработени како послуга, фрлање на преполни стари паричници, посипување на љубовните писма со брилијантски прав...

Големата побарувачка за производи влијаела на отворањето на доброснабдени продавници, но и фабрики за производство на свила, тантела, порцелан, сапун, козметика... Едноставните работилници на обувки, облека и парфеми, во кои се работело рачно и по мерка, со време прераснаа во индустрија за раскошна стока. Чарлс Фредерик Ворт во средината на 19.век отворил модно ателје во Париз, откаде „излегувале“ фустани со налепници со неговото име. Во почетокот на наредниот век, како моден дизајнер се истакна и Пол Поаре, кој понуди облека инспирирана со Истокот, а потоа го претстави и својот прв парфем насловен како „Златен пехар“.

Ч.Ф.Ворт Ч.Ф.Ворт

Од друга страна, златното време на Холивуд, од 1920-тите до почетокот на 1960-тите овозможи многу можности за развонј на раскошот и сјајот. Со помош на филмските студија, славните и богати актерски ѕвезди го градеа својот стил.

После Втората светска војна, модната индустрија застанува на нозе. Во 1947 година Кристијан Диор предложи „нов изглед“ низ враќање на елеганцијата. Наредните години се бореше со раскошот, како оружје против едноличноста. Новите генерации кои слушаа рок музика, наметнаа свои правила на облекување. Но, повторно модната сцена се менува со појавата на Џани Версаче и Џорџо Армани.

Dior New look 1947 Dior New look 1947

Личностите кои имале поголема желба од можности, купувале украдени оригинали или копии. Свесни дека ја плаќаат цената на успехот, модните куќи поради преживување на пазарот се трудат да ги намалат трошоците. Така, производството се сели во земјите во развој, се користат полоши материјали, се ифрла поставата, парфемите се разблажуваат... а тоа се доволни показатели дека луксузот го губи сјајот.

И ако порано облеката на Лукреција Борџи ја носеле 150 мазги, втората жена на Хенри IV, Марија де Медичи на крштевката на едно од своите деца носела фустан извезен со 32 илјади бисери и три илјади дијаманти, луксузот денес може да се каже дека не постои, односно попримил нов, многу поинаков облик.

Објавено:
25 февруари 2014
Категорија: 
Стории