Дваесеттите години од животот се забавни, турбулентни, збунувачки, преполни со предизвици и можности. Но она што е заедничко за сите оние кои се осамостојуваат за прв пат, се заедничките мислења и потрага за тоа кои сме ние и која е нашата улога во овој свет. Тука е и најчесто поставуваното прашање дали финансиските средства за облека и уредување на домот се лимитирани?
Сепак, желбите се една работа, потребите сосема друга, а нискиот стандард трета. Финансиските можности се обратно пропорционални со животната енергија која е насочена кон стилистичко експериментирање. Работите ќе се одвиваат во позитивна насока доколку успеете да ги балансирате креативните решенија помеѓу она што е тренди и актуелно и она што е вечна класика. Дина Шибер и Гаша Миладиновиќ од Redesign студиото имаат одлични идеи кои ќе ви помогнат во креирањето на вашиот стил во дваесеттите, не само во поглед на изгледот, туку и во однос на домашното уредување.
Кога со еден збор би требало да се опишат дваесеттите години тогаш тоа сигурно би бил – промена. Сите ќе се сложат дека перцепцијата и восприемањето на информации и начинот на дејствување и однесување на вашиот ум на почетокот на дваесеттите и крајот на истите е нешто сосема друго. Еден ќе се разбудите и ќе бидете побистри, поодлучни, дисциплинирани, знаете што сакате, знаете да кажете не и знаете како да се забавувате и да го живеете животот со полни гради.
Меѓутоа, факт е дека дваесеттите се идеален полигон за експериментирање, слепо следење трендови, носење актуелни парчиња облека, погрешни избори, трошење многу пари на работи кои еднаш или двапати можат да се облечат...Но, тоа е дел од процесот и убаво е да се забавувате додека сте во дваесеттите. Бидете смели и не се плашете да ги менувате стилот, запознајте го вашето тело, откријте што е она што вас најдобро ви одговара и што најдобро му одговара на вашиот сензибилитет и карактер. Стилот не се само неколку парчиња кои случајно или намерно треба да ги облечете на себе. Еве неколку од нив кои треба да ги имате во плакарот во вашите дваесетти и со кои дефинитивно треба да имате направено барем една фотографија за да имате убав спомен од вашата младост – лудост. Но тоа не значи дека треба повторно да ги носите во подоцнежните години.
Прва на листата е топ – маичката, која е модерна и актуелна веќе неколку сезони по ред. Овој модел е рециклирање на 1990 – тите на милион шик -начини. Ултра кратките мини здолништа и шорцеви се парчиња облека само за девојки, не и за жени. Слободно носете ја косата избричена од едната страна, тоа е мошне популарна и кул фризура. Исто така, бојадисајте ја косата во сите можни тонови и бои, пробајте сè. Бидете екстремни, бидете модна „жртва“, немојте да си дозволите во ниту еден случај да бидете модно неизживеани. Кога се ќе пробате, на крајот ќе се пронајдете вие и вашиот стил. Ако сте панкерка или рокерка во душа прифатете го тоа со отворено срце и немојте да се извинувате за вашиот избор, туку уживајте во него и бранете го вашиот моден став.
Во втората половина од дваесеттите, треба да знаете дека винтиџ продавниците се супер, како урбаните брендови, чија понуда ги вклучува најмодерните кроеви и модели, само во многу поевтина верзија на материјали и нормално цени. Треба да знаете дека дваесеттите се идеални за да почнете да ја креирате содржината на вашиот плакар кој ќе се состои од одлична исплатливи инвестиција. Добар капут, чизми, чевли на потпетица кои ќе одговараат за секаква пригода, фармерки кои одлично ви стојат и ги нагласуваат сите ваши позитивни атрибути, бела кошула, малиот црн фустан, коктел фустан, масивна и квалитетна чанта и нормално софистициран парфем.
Дизајнот на ентериерот во дваесеттите години е навистина голем предизвик, бидејќи имате „бура“ од идеи, а буџетот ви е ограничен, се борите со недостаток на простор, бидејќи можеби живеете со цимери, со родителите или пак во мал стан. Но сепак, не заборавајте дека процесот на уредување на вашиот прв стан може да биде забавен.
Создавањето на мултифункционален простор е сјајна идеа за луѓето во дваесеттите. Ако во станот имате шанк, нека ви послужи како трпезариска маса кога јадете, работната маса нека ви биде баш тоа - работна со компјутер на неа, телефон, стикери, пенкала, бележник...Кујната е обично мала и не баш таква, каква што сте замислувале цел живот. Додека ги разгледувате списанијата за домашно уредување, сигурно наидувате на голем број „кул“ кујни кои едноставно ви го одземаат здивот, но истовремено и чинат многу. Заборавете на тоа и со неколку трикови претворете ја старата и мала кујна во просторија во која секојдневно ќе уживате. Решението за ваков тип на простории е во организацијата и боите. Отворени полици на кои уредно ќе ги наместите вашите садови, како и различните видови зачини, ќе ви дадат чувство на уредност, а пак доколку ѕидовите ги обоите во жолта или зелена боја или пак ставите супер тапети на одредени делови од ѕидот ќе почувствувате дека просторот комплетно е отворен, простран, повесел и чист. Ако не ви се допаѓа идејата со отворени полици, тогаш старите затворени кујнски ормани можете да ги освежите со тоа што ќе ги префарбате или ќе им залепите тапети. Верувајте дека никој нема да знае дека тоа се вашите стари орманчиња. Ако на ова им додадете нови модерни рачки за отворање во некоја интересна форма, тогаш се ќе изгледа совршено.
Кога станува збор за спалната соба, прво и основно што треба да направите е да имате квалитетен кревет, кој повторно со помош на вашата фантазија можете и само да го украсите. Палетите се навистина одличен материјал за „направи сам кревет“. Ефтино може да се купат, а уште полесно се монтираат. Се што ви е потребно е малку боја и основен алат за да се прицврстат. Уште една позитивна работа е тоа што кај креветот од палети се добива и екстра додатен простор за вашата гардероба, постелнина и слично. На ѕидот зад креветот можете да ставите тапет чиј принт е во форма на бели цигли или поп-арт. Набавете мат завеси во темна боја и претворете ја вашата спална соба во совршено место за одмор каде со сигурност ќе уживате.
Вашиот дом во дваесеттите е често и друштвено катче, затоа треба да креирате соодветен простор каде ќе ги сместите вашите пријатели кога нема да дојдат само на една пијачка, туку ќе останат малку подолго. Мали триножни, столчиња, фотељи, табуретки не мораат да се согласуваат со дизајнот на вашиот мебел, дури ќе му дадат посебен шарм на вашиот дом. Немојте да ги фрлате старите столици кои ви ги дале вашите родители, ниту пак старите куфери или малите комоди, бидејќи со малку труд и креативност можат да бидат одлични декоративен елементи во вашиот дом со кои ќе ја нагласите вашата оригиналност и уникатност.
Затоплете го просторот во вашата дневна соба со вметнување на тапети на ѕидот во боја или дезен кој ваш ви се допаѓа. За завесите користете едноставни ткаенини, кои потсетуваат на лен и не заборавајте ги вашите Инстаграм фотографии. Испринтајте ги и врамете ги на делот од ѕидот кој ви е празен. На тој начин ќе си креирате свое сопствено Инста – катче ѕид.
Вашиот прв дом најверојатно нема да биде и последен, така да бидете свесни за одлуките кои ги носите во поглед на уредувањето, бидејќи внатре нема да живеете засекогаш. Иако од финансиски и еколошки аспект дел од работите вреди да се зачуваат и да се префрлат во вашето ново живеалиште, немојте емотивно да се врзувате за непотребни украси, предмети, детали и запомнете дека скапото не значи секогаш и најубаво. Посетете го најблискиот пазар за стари предмети, продавници за домашен декор, винтиџ бутиците или пак интернет сајтовите кои во својата понуда со сигурност ќе му дадат еден пријатен шарм, топлина и убавина.