Брилијантни, невообичаени и креативни идеи за вашиот домашен декор

1 октомври 2014

Во неколку наврати нашите креативни содржини ви нудат извонредни идеи за тоа како сами да си смените секојдневието, да го исполните со позитивна енергија и да го освежите со вашата креативна фантазија. На голем дел од нас мошне често ни се случува да почувствува желба или внатрешен порив за некаква промена. Потребата од промени особено кога станува збор за декорирање на сопственото домашно катче е од суштинско значење за секој од нас, бидејќи на крајот од денот домот е местото каде сите се враќаме и тоа треба да зрачи со посебен сјај.

Денес направивме листа која содржи мошне интересна палета на инвентивни начини како да го освежите домот, секојдневието и ентериерот, а со тоа да бидете посреќни и позадовлни во вашиот мал и интимен свет.

Ѕидни килими

Ѕидот наместо со уметнички слики или тапети, украсете го килим кој ќе има богата текстура на некоја уметничка апликација. Вистина е дека килимите се наменети за да ги сокријат голите површини на подот, но тенденциите и креативните умови на дизајнерите одат до таму што тие сега добија уште една корисна намена како украси за на ѕид. Трендовски и несекојдневно модерен начин да го освежите ентериерот.

Висечки домашни цвеќиња наместо уметнички слики

 

Ова е навистина генијална идеја. Оставете ги уметничките ремек дела малку да одморат, а вие разбијте ја монотонијата на вашиот ѕид со тоа што ќе вметнете дрвена или метална рамка во која ќе ја сместите вашата омилена саксија со цвеќе чии гранчиња и листови романтично ќе надвиснуваат. Направете го вашиот ѕид магичен и создадете хармоничен баланс со природата во вашиот дом.

Ковчегот од баба = маса за кафе

На сите по дома ни се наоѓа по некој ковчег останат од времето на нашие баби и прабаби во кој тие ги чувале семејните богатства. За да му дадете декоративна функција во домот и да ја искористите неговата гломазност на функционален начин, а  не како предмет што постојано ќе ви зафаќа прашина и место, ние ве советуваме да го трансформирате во мала масичка за кафе. Секоја девојка има потреба од интересна модерна и шик маса која ќе ја освежи нејзината соба. Уникатноста и оригиналноста се секогаш приоритет број еден па така и вие можете да имате маса која ќе ја декорирате и бојосате според вашиот вкус и желба.

Направете две соби од една

Доколку станот во кој што живеете е мал и нема доволно простор, а вас очајно ви треба повеќе место, тогаш имаме идеално решение кое ќе ве направи среќни. Се што ви треба се рамки на прозори кои имаат или немаат стакло, зависно од вашата потреба. Поделете ја вашата соба на два посебни корнера со поставување на овие рамки. Така ем нема да ја затемните едната соба во однос на другата ем добивате винтиџ и кул изглед во вашето ново секојдневие.

Магнетни ѕидни плочки

Наместо да губите време во бојадисување на ѕидовите или лепење на тапети кои сигурно после одреден приод ќе ви досадат и ќе сакате повторна промена, ние ви нудиме друга одлична идеја – магнетни декоративни плочки за ѕид. Ги има во сите големини, бои и дезени што е одлично бидејќи можете да правите комбинации со боите и да играте со декорациите.

Користете кабли како закачалки за слики

Во вашата спална соба, или во дневниот престој наместо закачалки и шајки со кои што ќе го оштетите ѕидот искористете ги старите кабли за да ги закачите омилените фотографии, уметнички слики или декоративни инсталации.

Старите чајници трансформирајте ги во вазни

Големите и масивни вазни повеќе не се во мода. Заземаат голем простор и секогаш постои ризик дека може случајно да ги скршите. Наместо тоа, играјте на сигурни карти. Искористете ги старите чајници од вашите баби и декорирајте ги со природни или вештачки цвеќиња и поставете ги на вашата маса, орманче или полица. Колку пошарени цвеќиња толку повесела соба.

Фрижидерот во улога на табла за пораки

И онака фрижидерот ни служи како огласна табла на која знаеме со помош на магнети си постираме интересни и љубовни пораки или цртежи од нашите најмили. За да не го оштетувате предниот дел на фрижидерот, но и креативно да си го украсите купете табла која ќе ја монтирате на предната страна и на која ќе можете да си закачувате сите пораки, фотографии, цртежи и покани.

Нагласете ја вашата уметничка страна со помош на закачалките

Уметниците имаат неконвенционален начин на презентација на своите идеи и дела. За да излезете надвор од класичниот начин на промоција, вашите уметнички дела, слики и цртежи наместо во рамка закачете ги на закачалка и така направете интересна изложба, која секако ќе биде поразлична и вистинско изненадување за вашите пријатели.

Наместо на полици, книгите сместете на скалите

Наместо да им робувате на класичните закони за уредување на домот во кое како едно од непишаните правила е дека книгите секогаш треба да ги поставите на полиците во домот, вие излезете од границите на веќе постоечките принципи. Наместо на полица пробајте да ги ставите вашите омилени прозни дела на скалите. Дајте му поинаков шарм на вашиот чекор, бидете инвентивни и единствени.

Објавено:
1 октомври 2014
Категорија: 
Култура