Главниот именител во конкретниот проблем е „модата надвор од модата“. Во последно време се поактуелен е терминот „new luxury“, односно купувачите се повеќе се заинтересирани за малите брендови кои се појавуваат како печурки после дождот. Станува збор за поголема достапност на ексклузивни парчиња по многу пониска цена.
Овој тренд на комерцијализација во модата започна во Њујорк, а своите тенденции ги прошири во Лондон и Париз. Младите луѓе се повеќе се заинтересирани за урбани и шик комбинации за до израз ќе дојде нивната индувидуалност, наместо гламурозните и екстравагантни парчиња, со потпис од светски познат дизајнер, кој чини цело богатство. Тука исто така големо влијание имаат онлајн шоповите, облека од втора рака (second hand), достапноста преку социјалните мрежи и помалите бутици и продажни салони.
Бунтот на младите трендсетери е насочен кон спротивставувањето да бидат дефинирани според трендовите кои ги наметнуваат моќниците во модната индустрија, а при тоа не се зема во предвид фактот дека само една модна куќа годишно лансира од 6 до 8 колекции, претставувања на модни ревии, а дополнително тука спаѓаат капсулните колекции и соработките.
За пример, ќе ја спомнеме естетиката на Ив Сен Лоран и Луј Витон, големиот процес на создавање на колекции, но и критиката насочена кон имитација од индивидуите кои се обидуваат да бидат забележани во модните кругови без притоа да го ценат целокупниот процес на создавање на креациите. Најчесто овие индивидуи завршуваат во помалите продажни салони во Париз каде купуваат јакни или маици со натпис на кој стои „I love Paris“, но не ја приметуваат страшната неинвентивност, едноставност и копија или фактот што се дел од голема толпа унифицирани следбеници кои личат едни на други.
Дизајнерите чувството за мода го поврзуваат со личниот карактер, гледишта и ставови, а на тој начин и фановите се приклонуваат според истите или слични гледишта. Но, во последно време постои отстапување од поставените концепти и постојано повторување на истите принтови и форми кај разни дизајнери од една во друга колекција. Токму тука се гледаат последиците од кризата во модната индустрија и големата конкуренција на малите брендови кои ја искористуваат ситуацијата за буквално владеење на пазарот и придобивање на голем број купувачи. Достапноста на модните парчиња и модните настани предизвика голема комерцијализација од која дефинитивно не профитираат модните куќи. Уште пострашно е што овој феномен е на самиот почеток, а последиците ќе се почувствуваат на долгорочен рок.