Кристијана од станицата ZOO

17 ноември 2016

Кога во 1978 година ќе излезе книгата „Ние децата од станицата ZOO" тогаш 16-годишната Кристијана веќе го преживувала својот пекол. На свои 14 години прв пат ќе земе хероин и многу бргу ќе се најде во тој магичен свет на наркоманијата и проституцијата, на фамозната берлинска станица ZOO позната по малолетничка проституција.

Нејзината мајка некако ќе успее да ја извлече од тоа и ја праќа кај баба и на село и после тоа Кристијана е „чиста" пет години. Репортерите на „Стерн" ќе откријат дека сведочела на суд за извесен педофил кој им плаќал на децата да ги злоставува и тоа им плаќал со хероин, а набрзо нејзината приказна ќе го потресе целиот свет преку филмот „Ние децата од станицата ZOO" шокирајќи ја публиката и придвижувајќи дебати низ целиот свет. Тоа беше најстрашната книга која ја прочитаа тинејџерите во тоа време, ја прочитаа милиони, ја читаат и денес. За Кристијана слушна целиот свет, даваше интервјуа, глумеше, гостуваше на фестивали и тогаш тоа звучеше како среќен крај на оваа приказна, но не... Кристијана беше најпопуларна зависничка од наркотици и тоа сите го знаеја, така што не и требало многу за да се врати на својот порок.


„Не ми беше срам да ја раскажам својата животна приказна, одеднаш станав позната и сите сакаа да разговараат со мене. Се чувствував страшно, како некое заморче. Сите се прашуваа дали сум мртва, дали сум зависник, дали ќе издржам. Не беа заинтересирани за ништо друго да ме прашуваат. Затоа се каам што учествував во создавањето на книгата и филмот "-ќе раскаже неодамна Кристијана.
Благодарение на големиот успех на филмот, оди во Лос Анџелес каде ќе се запознае со сите звезди, ќе се дружи и ќе се дрогира заедно со нив. Наводно имала афера и со Дејвид Боуви, но ќе биде протерана од Америка кога полицијата ќе ја фати со дрога.

Неколку пати ќе се обиде да се излечи од зависноста и да го среди својот живот. Два пати ја прекинувала својата бременост, но во 1996 го раѓа нејзиниот син Филип. Неговиот татко ќе го запознае на одвикнување од дрога. 2008-та година ја напушта, а социјалната служба и го одзема детето. Не можејќи да се помири со тоа, го киднапира детето и заминува во Амстердам. Медиумите известуваа дека не се грижи за детето, како и тоа дека постојано пие и се дрогира. Не издржува многу, па се враќа во Германија и го предава синот на социјалните служби, две години подоцна и го одземаат родителското право. Филип ќе добие старатели, но ќе продолжи да ја гледа мајка му.

За својот живот во 1978 година Кристијана ќе пишува во книгата „Мојот втор живот", објавена пред три години.

Кристијана се уште е зависник, психички нестабилна, понекогаш слуша гласови и бега од својот стан во бездомништво. Боледува од хепатитис Ц како и цироза на црниот дроб.

„Можам да умрам секој момент, ама не жалам за ништо во животот затоа што мислам дека ништо не пропуштив. Во ред сум. Никому не би препорачала да оди по мојот пат, но тоа е мојот живот".

Новата колекција на Гучи е инспирирана токму од нејзината приказна која предизвика толку многу контроверзии.

Објавено:
17 ноември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
556 пати