Летните куфери на македонските дизајнери

1 август 2014

Посебно за понежниот пол пакувањето на куферот за летен одмор  претставува ноќна мора, пред се зашто со себе сакаат да понесат буквално се. Токму за оваа летна преокупација  Fashionel направи една интересна сторија во која вклучивме дел од македонските дизајнери ,како од понежниот така и од посилниот пол, кои ни открија што пакуваат во куферите за на летен одмор и со што ги дополнуваат кога се враќаат кон дома. На оваа тема говорат: Никола Ефтимов, Маја Кикириткова, Сека Радончиќ, Олгица Ѓеоргиева и Роберт Ивановски.  Доказ дека и мажите се преокупирани со тоа што ќе понесат на одмор е дизајнерот Никола Ефтимов која за разлика од Олгица Ѓеоргиева го полни својот куфер со многу маички и облека за преоблекување неколку пати во денот, додека пак Олгица не се грижи да понесе се со себе, туку да биде практична и флексибилна при пакувањето на куферот.

-Пред патување на одмор, најнапред размислувам за тоа дека би требало  да имам доволна количина облека и додатоци за преоблекување два до три пати во текот на денот. До сега ми се нема случено ниту еднаш да понесам со себе облека направена од полиестер, се разбира зашто во летните месеци мојата облека е од природни материјали. На одмор носам голем број маички, со најразлични мотиви или пораки, кошули и блузи. Во секојдневната комуникација, темните очила за сонце се постојано покрај мене, на одмор тргнувам со неколку пара, во случај да изгубам или скршам некои од нив. Шапки за заштита од сонце носам многу ретко, понекогаш качулките на моите блузи ја имаат таа функција. Покрај заштитната козметика (креми со највисок можен фактор на заштита од сончевото зрачење), вообичаено со мене имам млеко за тело, креми за лице и раце и по некој препарат за обликување на косата. На одмор не патувам без некои од моите омилени парфеми во конкретниот период, уште помалку без еден конкретен парфем на Долче и Габана, кој со години го користам. Секако, во куферот своето место ќе го најдат и неколку пара чевли, сандали, влечки, марами, гакички за капење, објаснува Ефтимов.

Ѓеоргиева околу ова прашање вели дека козметиката и е задолжителна и се карактеризира како едноставен тип при подготовките за летен одмор.

-Посебно последните неколку години мојот одмор си го имам разбрано буквално како одмор. Не се грижам  премногу со тоа што ќе однесам и колкави куфери ќе понесам со себе. Гледам да се практични парчиња кој можат лесно да се комбинираат во различни временски прилики, не носам премногу аксесоари, освен неопходните, како наочари, шешир, чанта за на плажа, а козметиката е она што е особено задолжително – секојдневна рутинска козметика и секако заштитен фактор, вели Олгица.

Зедничко за Маја Кикириткова, Роберт Ивановски и Сека Радончиќ се кремите за сончање со висок фактор, без кои сигурно не би го затвориле куферот пред заминување.

-Најчесто тоа е памучна и ленена облека која е пријатна на кожа на високите температури. Очила и чанта се модни додатоци кои ми се само потребни. Крема за сончање со заштитен фактор 50 е најзадолжително нешто што понесувам со себе, изјави дизајнерот Роберт, а на неговата пракса е слична и Сека, која не практикува да се сонча и се чува од сончевите зраци.

-Најверојатно кога цела година животот ви се врти околу дизајнеирање облека, облека и само облека, вашиот куфер за годишен одмор е се повеќе и повеќе куфер со што помалку и помалку облека. Навистина имам потреба да се одморам од се и воопшто не се окупирам со тоа што ќе понесам. Ако тргнам по некој редослед (она што не би го заборавила), тоа би изгледало од прилика вака: задолжително добро одбрани книги, голем број на костими за капење (ги имам во најразлични бои и многу уникатни дизајни) и секогаш докупувам очила за сонце, креми со највисок заштитен фактор (бидејќи речиси и не се сончам), качкети, шорцеви, бициклисти и тенки кошули задолжително од лен и задолжително, пераи за пливање! Како хороскопска риба пола од времето го поминувам во километарски пливања, рече Радончиќ.

Слични манири има и дизајнерката Маја Кикириткова која вели дека секоја година се труди со себе да понесе многу аксесоари кои специјално за летниот одмор ги обновува.

-Летниот одмор е неизбежен дел од мојот годишен одмор. Секоја година се трудам да ги обновувам модните додатоци, кои воедно се и задолжителни за еден летен одмор. Шешир, марама, гумени сандали, наочари за сонце и добра книга се нештата без кои не одам на плажа. Нормално овде е и млекото за сончање кое е неизбежно за заштита во овие летни горештини, рече Маја.

Откога „се спакуваа“ ги прашавме со што дополнително ги полнат куферите кога се враќаат кон дома. Како вистински креативци и личности кои постојано се прокупирани со облеката, ни дадоа интересни одговори кои можеби и не ги очекувавте.

-На враќање, во зависност од тоа каде сум патувал, вообичаено купувам некој дизајниран објект, музичко ЦД, а се случува да се вратам со нови книги и списанија. Облека купувам многу ретко, само доколку се препознаам во ставот на некој бренд, открива Никола.

- Зависно од културата на земјата во која патувам и за кого купувам. Сувенири купувам само ако постои нешто карактеристично за местото, а облека само за себе. Најчесто купувам накит и модни додатоци како подароци, но се враќам и со неколку зрна песок во куферот, вели Роберт.

Маја, Сека и Олгица иако се жени, ниту едната од нив не оди во шопинг на гардероба како и сите, туку во потрага на сувенири.

-Секогаш се враќам со магнети за ладилник. Каде и да одам купувам магнети за ладилник и некои дополнителни ситници кои ја претставуваат традицијата во таа земја. Сакам да трошам пари на традицинална кујна, бидејќи јас сум голем гурман по природа. Кога сум во некое ново место, сакам да посетам и знаменитости кои се одбележја за тоа место, вели Маја.

- На враќање од одмор дополнително куферот не го надополнувам со ништо. Воопшто не се оптеретувам со шопинзи. Одмор во вистинска смисла на зборот. Одмор од се. Едноставно кулирам и полнам батерии, изјави Сека.

- Сувенири и се она што ќе ми се види интересно во одреден момент додека сум на одмор. Немам некои посебни правила што купувам, а што не, дополнува Олгица.

Што се однесува на нивните досегашни летни одмори  и патешествија можат да раскажат многу, а меѓу омилените летни дестинации на македонските дизајнери се: Миконос, Бангкок, Шпанија, Турција, Мароко и други дестинации. Се надеваме дека ви беше интересно тоа што дознавте како еден дизајнер се пакува за летен одмор, па доколку пронајдовте низ изјавите некои сличности со вас, тогаш бидете сигурни дека и личностите на кои секојдневно гардеробата им е приоритет, за време на одморите се релаксираат и не се преоптоваруваат со полни и тешки куфери на одмор.

Објавено:
1 август 2014
Категорија: 
Стории