Македонската невеста полека, но сигурно се приближува кон неконвенционалното

10 јули 2014

Велат дека моментот кога ќе се наежите од погледот кон вистинскиот венчален фустан, а во стомакот почувствувате пеперутки на вљубеност, тогаш знаете дека е создадена љубовта кон венчаницата од соништата. Не постои невеста која не сака за најголемиот ден во живот да има исклучителен изглед, односно венчаница која ќе го отсликува карактерот и стилот. Оттука, лесно е да се дефинира зошто секоја невеста сака да биде поразлична. Белата боја од венчаниците  е синоним на традицијата и историјата од создавањето на венчалниот фустан, но еволуцијата од година во година ја носи на едно поинакво модно ниво кое тежнее кон необичното или неконвенционалното. Токму оваа 2014 година сме сведоци на се повеќе вакви индивидуалистички невестински фустани. Не дека изминатите години ги немало, но промените во однос на венчаниците што ги инфилтрираат светските брендови и дизајнери се повеќе се чувствува. Само еден од многуте вакви примери од светски дизајнери,  е последната колекција венчаници за 2014-та година на славната дизајнерка Вера Ванг.

Вера Ванг 2014 Вера Ванг 2014

Таа претстави целосно обоена колекција венчаници во розови и корални нијанси. Според Ванг, розевата боја на венчаниците има ист интензитет на романтичност, невиност и сензуалност, а покрај тоа прилега на сите нијанси на кожата кај невестите. Пејачката Гвен Стефани исто така е само една од низата славните невести што се одлучија за неконвенционален модел на венчаница. Таа на својата венчавка носеше бело-розов фустан од Џон Галијано, кој на перфектен начин ја претстави посебноста и индивидуалноста од стилот на пејачката.

Гевн Стефани во венчаница на Галијано Гевн Стефани во венчаница на Галијано

Тоа дека и во македонските дизајнерски ателјеа се повеќе се создаваат неконвенционални венчаници, а истите продефилираа и на писта, но и вистинското место- венчавките,  потврдуваат делата на модната куќа Елена Лука, дизајнерот Ненад Секирарски и дизајнерката Антонија Ристовска. Токму со нив ја отворивме темата околу тоа колку македонските невести се приближуваат кон нетрадиционалните кроеви,текстури, бои и детали од фустаните што ги бараат за големиот ден во животот. Престижната и докажана Елена Лука, во своите пет години постоење се издигна и на македонскиот моден пазар за венчаници,  како бренд кој од својот сензибилитет секогаш нуди уникатност од целосната изработка која во својата нишка повеќе или помалку секогаш содржи неконвенционалност.

Елена Лука Елена Лука

Дека македонската невеста го препознава и бара модниот индивидуализмот од венчаниците, од Елена Лука докажаа со отворањето на специјализиран салон за венчаници, во кој може да се најдат многу ултра-уникатни модели за невести. Како репер и насока за тоа до каде се потребите и желбите на македонските невести ги прашавме одговорните од салонот за венчаници на Елена Лука, кои велат дека нетрадиционалните венчаници на некој начин се и заштитен знак од изведбата на брендот.

-Венчаниците во нашиот салон секогаш претставуваат слика од една друга димензија, друг волшебно романтичен моден свет. Секоја невеста што и ја дава довербата на Елена Лука добро знае дека ние се стремиме кон тоа да ги внесеме во нивните сништа и фантазија, токму преку уникатниот дизајн од венчаниците. Елена Лука како бренд на модната сцена од почетоците се презентираше како име што нуди специфично и деликатно производство на венчални фустани на кои е посветено многу љубов, внимание и часови рачна работа. Наше мислење е дека токму таквите неконвенционални модели што ги понудивме во почетоците не карактеризираа како бренд од кој секогаш се очекува нешто поразлично од останатите. Кога невестата се одлучува да носи дизајнерски фустан, тогаш е јасно дека тој е уникатен, поразличен и не тежнее кон ништо слично. Оттука можеме да се надоврземе дека не се водиме според светските трендови туку според инспирацијата, креативноста и потребите на невестите, објаснуваат од Елена Лука и додаваат дека моментално во салонот за венчаници имаат повеќе неконвенционални модели.

Елена Лука Елена Лука

-Во салонот за венчаници секогаш располагаме со неконвенционални модели, тоа е така бидејќи таквите секогаш се дел од венчалните колекции што ги создаваме. Тука се оние во боја, кратките и миди модели, такви со кожени корсети во горниот предел, други со игра во кројот, деталите, текстурите. Секако, во никој случај не е исклучена изработката по желба на невестите, за која секогаш сугерираме и сме посебно среќни кога нашите клиентки ќе посакаат нетрадиционален модел, кој е предизвик да се изработи. Македонските невести кои се потпираат на работата на Елена Лука не ретко бараат неконвенционални модели. Најчесто нивниот избор се кратките  и таквите со детали во боја и апликации, објаснуваат од Елена Лука.

Тоа дека нашите невести се повеќе отстапуваат од традиционалното потврдува и дизајнерката Антонија Ристовкска. Таа од својата најнова колекција за пролет-лето 2014 на писта презентираше венчаница со детали во боја, за кои вели дека некогаш се доволни за да се долови подвојувањето од традиционалноста.

-Со темава ме потсетивте на годините наназад кога во ателјето ги создавав првите автентични венчаници. Тоа беа неконвенционални венчаници кои  се карактеризираа со вметнати елементи од нашата традиција како што се  двојно ткаените текстури  од свила аплицирана на модел со длабок отвор на грбот,  исто така и  рачно плетените  рустични тантели комбинирани со најтенка свила, како и  вметнување на  филигранот од сребро  како  еден вид метална тантела.  Исто и колекцијата урбана невеста  преку која ја пренесов пораката дека венчалниот фустан може да биде и во кратка варијанта ,со богата текстура, но и со спортскo-елегантни елементи -токи од мурано стакло. Една таква неконвенционална венчаница од таа колекција си одбра нашата ракометарка  Гордана Нацева.  Кога создавам автентични  венчаници ме води моменталната инспирација  независно од светските трендови. А на крајот само некој одреден детаљ може конвенционалната венцаница да ја претвори во неконвенционална венчаница, вели Антонија.

Антонија Ристовска Антонија Ристовска

Дали клиентките-невести кои доаѓаат во вашето ателје бараат поразлични венчаници и дали прифаќаат  сугестии кога им нудите нешто поразлично?

Клиентките -невести се со различни карактери и секако различни барања. Класичните и конвенционални венчаници се бараат во континуитет, но повеќето идни невести сакаат  да бидат единствени. Да ја имаат венчаницата која е оригинална и со детали кои се неповторливи. Целта ми е секогаш  да ги потенцирам убавините кај жената и моите сугестии околу кројот, бојата и текстурите  се добродојдени и прифатени од идните невести.И вообичаено не работам спротивно од тоа што мислам дека е најдоброто за  идната невеста. Најбарани  нетрадиционлни модели се венчаници од лежерни материјали кои имаат убав пад, венчаници со должина над и под колена, како и венчаници на кои е вметнат детаљ во боја, завршува дизајнерката.

Антонија Ристовска Антонија Ристовска

И дизајнерот Ненад Секирарски од својата работа не ги исклучува неконвенционалните венчални фустани, а досега од неговите ревиски претставувања можевме да видиме повеќе фустани за храбри невести. Но, Секирарски смета дека македонската невеста се' уште не е доволно смела да износи венчаница во друга боја освен белата, па затоа често ги советува да ја истакнат својата уникатност преку венчаниците што се подалеку од комерцијалното и традиционалното.

 

Ненад Секирарски Ненад Секирарски

-Морам да признаам дека секогаш уживам кога ќе ја добијам довербата на идната невеста токму јас да бидам тој што ќе го изработи нејзиниот невестински фустан. Реченицата која што јас најчесто ја слушам е “ сакам фустан за венчавање ама да не биде венчаница” и тука веќе се отвора просторот за интересни и нови форми, современо видување на венчаниот фустан и секако интересни и свежи елементи во работата. До сега сите кои се препуштиле со полна доверба на крајот прокоментирале дека е поубаво од тоа што очекувале. Се трудам секако и оние кои посигурно се чувствуваат со дефинирани идеи да ги задоволам и нивните очекувања. Работата на дизајнерот е токму во тој дел да помогне со совет и водење на дизајнот во вистинска насока за да не се премине границата на вкусното, да не се постигне спротивен ефект со премногу детали или пак од желба да не е претерано фустанот да изгледа премногу едноставен, раскажува Секирарски.

Ненад Секирарски Ненад Секирарски

Според сопствените искуства тој смета дека македонската невеста се' уште не е целосно подготвена кон храбар избор на венчаница, но затоа барем има такви што скаат да бидат поразлични преку деталите.

-Користењето на јаки, контрастни бои во деталите како што е појасот, дел од украсувањето, чевлите или накитот, за тие сегменти веќе се одлучуваат. Многу  ретко невестата има смелост да го направи целиот фустан во друга боја бидејќи кај нас се уште постои многу традиционален однос кон тоа каде и како се носат темните бои како на пример црната, завршува дизајнерот Ненад Секирарски.

Ненад Секирарски Ненад Секирарски

Доколку наскоро сте невеста, а потрагата по совршениот фустан ви создава главоболка, се надеваме дека преку темата што ја отворивме со нашите соговорници,  на некој начин ви влеавме храброст за вашиот клучен избор. Не заборавајте дека венчавката барем за повеќето, се случува само еден ден од живот,  затоа венчаницата треба да биде она што сте вие, а не слепо следење на она што се сите останати.

 

 

Објавено:
10 јули 2014
Категорија: 
Стории