Модата на Скопскиот фестивал опеана низ годините

11 ноември 2014

Во далечната 1968 година во тогашната Југославија, за првпат во прекрасното Скопје се случил фестивал од светски ранг. Истиот го нарекле Скопје фест или како што тие тогаш милувале да го најавуваат, Фестивал на забавни мелодии Скопје.

kolaz-sf-fi

За многу кратко време овој фестивал станал еден од најпосакуваните во Југославија, фестивал каде сите големи музички имиња сакале да настапуваат. Покрај неверојатните песни што останаа да сведочат за неговата големина, она што е вредно за споменување е беспрекорната мода на фестивалот.

Од првата година на одржување на фестивалот, она што дефинитивно може да се забележи е неверојатната мода што учесниците ја промовирале.

Во ниту еден случај не може да се заборават ултра модерните волуменозни здолништа, високо тапираните фризури, фустаните во стилот на Одри Хепберн, беспрекорните костумчиња кај пејачките и совршено скроените одела кај пејачите.

Почнувајќи од Драган Мијалковски, Зафир Хаџиманов, Славе Димитров, па и гостите меѓу кои и Мики Јевремовиќ, Здравко Чолиќ и многу други, сите презентираа единствена машка мода. Со нивните костими скроени по нарачка, во комбинација со кошули со големи јаки или пак високи ролки, тие оставале впечаток на вистински заводници. Што се однесува до фризурите, секогаш совршено исчешлани или долги и навидум фенирани како онаа на Славе Димитров. Сепак, секогаш модерни за времето во кое живееле.

Девојките, покрај со неверојатно добрите гласови и совршено одбрани песни, пленеа и со својата убавина и шик мода. Па кој може да ја заборави единствената Нина Спирова или пак Верица Ристевска? Кој можеше да и одолее на незаборавната Росана Сариќ Тодоровска која покрај прекрасниот, меланхоличен изглед ,ја испеа и една од најубавите песни во 1996 под името „Надежи“?

Година претходно, никој не остана рамнодушен и на одличните „Интервали“ кои презентираа мода дотогаш невидена во Скопје. Секогаш усогласени, тие беа едни од модните икони од тоа време, презентирајќи ја модата составена од волуменозни тексасни јакни, беретки и еднобојни костумчиња.

Во оваа наша модна ретроспектива на Скопскиот фестивал, не можевме, а да не ја споменеме и издвоиме можеби една од најубавите креации што се појавија на фестивалот низ годините – белиот долг фустан на единствената Маја Оџаклиевска. Достојна на својот стил, Маја остана вистинска модна икона и денеска. Во далечната 1974 изведувајќи ја „В облак сонце“, Маја ги остави без здив сите присутни кога се појави во преубав долг фустан со ремен на половината и со нејзината, добро позната, долга црна коса со која наликуваше на актерка од холивудски филм.

Публиката и сите останати на сцената подеднакво се грижеле за својот изглед кога станува збор за културни настани од ваков вид, што во тоа време многу се ценеле. Во градот со голема душа, како што тогаш го нарекувале, иако повреден од земјотресот, во текот на 60 – те години, на големо почнала да се развива културата.

Скопјани ведри и полни со дух, почнале да ја следат и модата и редовно да посетуваат фестивали и слични културни настани. Токму тоа, може да се забележи и во публиката на Скопје фест, каде буквално не може да се види ниту една жена без средена фризура или шминка.

Со текот на годините, и модата во градот се менувала. Токму поради тоа, на Скопје фест можело да се видат многу поведри комбинации, шарени материјали, пуштени, долги коси, големи локни, волуменозни шапки и масивен накит. Доколку се уште се сомневате на кого мислиме кога го даваме овој опис, не двоумете се! Тоа е единствената група Македонија при изведбата на нивната неповторлива „Ѕма Ѕма Ѕм“.

Доколку ја премотаме лентата малку побрзо, ќе видиме дека и нашите денешни музички ѕвезди навистина се трудеа. Од 1998 година кога Владо Јаневски ја отпеа незаборавната „Не зори зоро“ почнаа и квалификациите за песна на Евровизија. А со тоа македонските ѕвезди почнаа да вложуваат и поголем труд во презентирањето на новата мода. Незаборавните XXL му кажаа „100 % те љубам“ во комбинации со интересен крој во целосна, тексасна варијанта. Продажбата на тексас во тоа време значително се зголеми, а истото беше случај и со ластичињата за коса со кои девојките сакаа да ја повторат фризурата на Росица!

А дали воопшто вреди да говориме за единствената креација на прекрасната Каролина Гочева кога се појави во прекрасен црвен фустан со железен оклоп? Таа го предизвика можеби најголемото внимание на овој фестивал години наназад.

Но, ниту нејзиниот придружник на сцената Владимир Крстевски не беше за потценување.

Во согласност со Каролина, тој одбра црвени кожени панталони во комбинација со црна кошула, малку несоодветна, дури и за тоа време.

Во 2008 година, Тамара, Врчак и Адријан Гаџа ја исправија грешката од скопскиот фестивал, каде во нивните комбинации немаше ништо инспиративно, со одличните креации на сцената во Белград.

Годините што следеа и немаше нешто посебно да се види кога говориме за мода. Некст тајм се појавија на сцената во нивните веќе добро познати комбинации, а истото беше случај и со останатите учесници на сцената на Скопскиот фестивал во 2009 година.

Легендарниот Скопски фестивал се врати во полн сјај пред две години. Покрај одличната сцена во МОБ, сите учесници навистина се потрудија за својот изглед. Повеќето носеа креации од македонски креатори што навистина беше за пофалба.

Особен впечаток остави прекрасната Елена Ристеска која со својот долг, светкав црвен фустан изгледаше навистина неверојатно. Големи пофалби во однос на изборот имаше и до Ламбе Алабакоски кој одбра сосема соодветен и прекрасен костим за неговиот настап. Меѓу другите се издвоија и Дани Димитровска и младата Јана Бурческа.

Минатата година, Скопски фестивал доби една поинаква енергија благодарение и на водителскиот, но воедно и музички перформанс на актерот Васил Зафирчев кој ќе биде домаќин на настанот и оваа година.

Утре во Метрополис арената ќе се оддржи третото возобновено издание на култниот музички настан. Она што ние сакаме е да видиме исклучителна мода и огромен труд вложен во изгледот на ѕвездите. Сакаме да видиме едно вистинско уживање за очите, сакаме да видиме одлични фризури, шминка и фустани кои ќе не воодушеват. И последно, сакаме барем една „Песна малечка“ која ќе остане во нашите срца засекогаш, како што тоа многу одамна успеал да го направи легендарниот Андреј Сопронов.

Објавено:
11 ноември 2014
Категорија: 
Стории