Музите на Роџер Вивиер

20 ноември 2014

Роџер Вивиер е првиот дизајнер на чевли кој започна соработка со модни брендови, притоа зачувувајќи го своето вистинско име. Неговата линија за Кристијан Диор беше лансирана во 50-тите години на минатиот век, а листата на соработки ги вклучува Елза Скјапарели, Пјер Балман, Ив Сен Лоран и други. Неговите успеси во светот на модата, може да се споредат со актуелниот црно – црвен модел на Кристијан Лубутан, со таа разлика што Вивиер дизајнираше „must  have“ модели уште во 1954 година. Тој е креатор на моделите  „kitten heel“ и „virgule“. Дизајнерот својата љубов кон геометриските облици и архитектурата, ја користеше во создавање на уметнички дела, користејќи органтин, полирана кожа, тантела и пердуви. Славата ја стекна со лансираше на чевлите „Buckle“ со квадратен врв и метално копче на горниот дел, модел кој го прослави Кетрин Денев во филмот „Belle de jour“.

По смртта на Вивиер во 1998 година, на местото креативен директор во брендот е назначен Бруно Фрисони, кој продолжи со креирање на ексцентрични, а сепак забавни модели. Како неисцрпна инспирација, тој ги истакнува токму моделите на славниот дизајнер – „Мојата инспирација е Роџер Вивиер. Ги разгледувам чевлите за да создадам модели кои ќе бидат интерпретација на неговата визија, чувајќи го духот и филозофијата на брендот.“ Токму затоа, тој повторно го лансира познатиот модел  „Boule“, креиран посебно за Марлен Дитрих во 1954 година. Овој модел на чевли се ниски, украсени со шљокици и кугла наместо пета. Истите подоцна послужија како инспирација за лансирање на колекција чанти.

Брендот инспирацијата за своите модели не  ја гледа само во богатото минато, туку напротив, новите модели имаат свои музи, како што се Карла Бруни – Саркози и Мирослава Дума, додека Инес де ла Фресанж, останува амбасадорка за Роџер Вивиер.

„Инес не е само амбасадор, таа е и муза и партнер во брендот. Го обожавам нејзиниот ентузијазам и шарм. Таа е сржта на францускиот стил бидејќи знае како истовремено да биде женствена и да го задржи детскиот шарм“ – истакнува Бруни.

Наследството на Роџер Вивиер и денес е инспирација за голем број дизајнери. Минатата година во парискиот Palais de Tokyo беше одржана ретроспективна изложба, прва по 1987 година. Негови фанови се и голем број холивудски ѕвезди, кои најчесто ги комплетираат стајлинзите за појавување на црвените килими, токму со моделите на Вивиер. Францускиот бренд е еден од најомилените брендови на Кејт Бланшет, Џесика Честан, Натали Портман, Џулија Робертс, Џулиен Мур и други.

 

Преземено од Buro 24/7
Објавено:
20 ноември 2014
Категорија: 
Стории