Нашата дизајнерка Нели Илиева се претставува на престижниот Coterie во Њујорк

11 февруари 2014

Во 2011 година, новинарите ја претставија како ново дизајнерско име што допрва ќе ја богати македонската модна сцена. Дизајнерка,  која за многу кратко време откако се представи пред македонската модна публика, направи  да ја доживуваат како креатор што умее преку облеката жената да ја претстави во силно, елегантно, строго и минималистичко светло. Нели Илиева, која ја запознавме пред неколку години на Модниот Викенд Скопје,  претставувајќи се под сопствената етикета NELLI, тогаш се обиде да ни презентира  модна приказна преку дизајн инспириран од 1970-те, претставен во облик на машки кроеви адаптирани за жени. Класичната облека, составена од: кошули, фракови, долги здолништа, сакоа, панталони, остана доследна од нејзината дизајнерка еволуција, која достигна правец за кој сега може нескромно да се пофали.

 

Токму таквиот дизајнерски сензибилитет од колекциите и високите професионални стремежи и амбиции ја однесоа  до едни од најпрестижните showrooms (изложбени салони)  во Њујорк, Лас Вегас, Флорида, Бостон, Балтимор, каде таа преку сопствен агент постојано изложува колекции и се промовира. Претстојниот 23-ти февруари, е датумот за кој Нели ексклузивно за Fashionel открива дека нејзината најнова колекција есен-зима 2014/15 насловена „Пурпурни улици„  патува во Њујорк каде за прв пат ќе биде претставена во еден од најголемите и реномирани изложбени салони за мода, „Coterie“.

Фотографија од фотосесијата за „Пурпурни улици“ Фотографија од фотосесијата за „Пурпурни улици“

- Од 23-ти до 25-ти февруари, мојата најнова колекција есен-зима 2014/15 насловена „Пурпурни улици“,  за првпат ја претставувам на најголемиот и најпрестижниот showroom за висока мода во светот, Coterie –Њујорк. Во моментот ги финализирам последните подготовки, а вие ексклузивно ги објавувате фотографиите од првата фотосесија која ја изработивме за целите на медиумското претставување на колекцијата во САД,  кое вообичаено тече неколку седмици пред главниот настан. Не очекуваат уште неколку фотосесии. За оваа цел, повторно како и за минатата колекција, го ангажирав добропроверениот професионален тим на фотографи, Ани и Дими, зашто нивниот начин на работа одговара на мојот сензибилитет, открива Нели, која за модел од фотосесијата ја избра својата колешка, дизајнерката Милена Атанасова, со која заедно стекнаа дипломи од престижната L’Academia Italiana.

-Фотомодел на колекцијата е Милена Атансаова, која и самата е моден дизајнер, но би рекла пред се дека е еден сестран мултиталентиран уметник со неверојатно впечатливо присуство и моќ да ја раскаже автентично приказната на мојата колекција, додава Илиева.

Модел: Милена Атанасова Модел: Милена Атанасова

Но, што всушност претставува и значи Coterie за глобалната мода? Американците ќе ви кажат дека тоа е настанот каде на едно место ќе ги најдете сите модни брендови. Голема модна изложба од која може да се види и научи нешто ново, а пред се да се биде во тек додека се создаваат модните тенденции. Како што го нарекуваат„собиралитше на социјализирана мода“, Coterie e синоним за квалитет и кредибилитет.  Александар Ванг, Ј Brand, Диан Фон Фурстенберг, Хуго Бос, се само мал дел од брендовите што континуирано изложуваат. Преку стотината дизајнери и брендови, раскажуваат дека Coterie е место каде се создава бизнис, но и се забавува и релаксира.  И не само тоа, оние добро упатените  сигурно ќе споменат дека во тој огромен изложбен простор, услугата е на врвно ниво за сите посетители, а со тоа Њујорк како град се носи на едно повисоко ниво. За нашата дизајнерка Нели, Coterie е одлична можност да биде дел од тој голем моден настан.

-Coterie е сублимат на сите модни тенденции за наредната сезона, но и навестување на тоа каде ќе се движи модата во наредните неколку години. Сите клучни клиенти во модниот бизнис на светско ниво, односно дизајнерите, купувачите, агентите, медиумите, претставниците на луксузните продавници, трендсетерите, уметниците, љубителите на модата, се собираат на едно место и создаваат синергија на ко- творештво, ко-инспирација. Самите услови да се биде дел од Coterie се строго поставени и многу мал број на брендови ја имаат можноста да бидат дел од тој голем моден спектакл, вели дизајнерката.

http://vimeo.com/82122632

Улиците поврзуваат,  тоа е само една асоцијација од насловот на колекцијата „Пурпурни улици“, која во Њујорк ќе биде комплетно изложена и сочинета од елегантни парчиња со гламурозен и едноставен карактер, изработени од висококвалитетни ткаенини главно од Италија, Шпанија и Франција.

колекција „Пурпурни улици“ есен-зима 2014/15 колекција „Пурпурни улици“ есен-зима 2014/15

-Во однос на самиот назив на колекцијата, пурпурната е боја на духовноста, а улиците асоцираат на поврзување, движење, враќање, заминување. Овие пурпурни улици се протегаат во самата личност, во симбиозата на гламурозното и едноставното, мекото и грубото, темното и светлото, видливото и невидливото. И како што споменав во интервјуто за списанието на Coterie „ Очите на мојата есен ќе бидат вперени во пурпурната линија на самракот, отсликата во меланхоличниот став на суптилната жена која само што не доживеала Метаморфоза“, завршува Нели Илиева.

Рамо до рамо со елитните светски брендови, македонската етикета NELLI ќе се обиде да го имплементира сопствениот поглед кон минимализмот во модата.

Објавено:
11 февруари 2014
Категорија: 
Стории