Празничен едиторијал: Наздравете за љубовта со познатите македонски двојки

14 февруари 2014

Четири љубовни приказни на четири познати македоснки двојки се нашиот инспиративен подарок за вас денеска. Сосема искрено, без скриени емоции, Дац и Весна, Соња и Огнен, Илија и Симона и Горан и Ана, го отворија нивниот интимен свет пред нас одговарајќи на прашањата за нивната прва средба, за првиот љубовен трепет, за меѓусебното спознавање, прославувањето на Свети Валентин и Свети Трифун и колку за нив има значење овој ден...

 

Ана и Горан Трифуновски – „Пеперминт“

Ана секогаш ќе ја доживувам како моја девојка, па дури и кога ќе биде баба!

Уникатни како појава, а уште пооригинални како двојка. Брачниот пар од популарната група „Пеперминт“ ќе ве изненадат со својата  љубовна приказна која почнала уште на нивна 10 годишна возраст. Сега се реализиран пар, со 10 годишен брак зад себе и две прекрасни деца.

Горан:  Првпат се видовме кога бевме многу мали деца, без воопшто да претпоставуваме дека ќе бидеме она што сме денеска. Тогаш имав 10 години и живеевме во исто маало со Ана, поточно дедо ми живееше во нејзиното маало, а јас често одев кај него. На таа улица имаше многу девојчиња, а Ана им беше „главна“ на сите и токму таа дојде и ме праша дали сакам да си посвојам маче? Јас реков, важи сакам, а таа веднаш ме однесе на местото каде беа мачињата. Откако го избрав она што најмногу ми се допаѓаше, Ана ме прекина и ми рече: „ Мачето само тука може да биде твое, тука ќе го храниш и чуваш“(се смее). И така јас се откажав од намерата да имам свое маче и и реков дека на таков начин не сакам да го поседувам. Е потоа, уште еднаш се сретнавме на 22 години и тогаш си раскажувавме што сме правеле кога сме биле мали. На втората да речеме официјална средба, сфативме дека веднаш нешто од внатре ни проработи и на двајцата, односно почувствувавме  дека жарот од минатото стои во нас уште од тогаш ( се смее).

Ана:  Досега на никој не сме ја раскажале нашата љубовна приказна, а не прашувале многу, но ете некако ја чувавме во тајност. Јас ќе почнам да раскажувам за онаа втората средба кога бевме веќе адолесценти. Се сеќавам дека тоа беше на бендовска проба во една гаража кај Даре од „Суперхикс“, тогаш свиреа заедно со Горан, а јас случајно се најдов таму  и тоа беше доволно двајцата да си се запаметиме во меморијата. Помина некој период за повторно јас да му пријдам, се сеќавам тоа беше на ФДУ, зашто беше многу тешко Горан да го сретнеш во град, бидејќи тој не излегуваше многу и слободно може да кажам дека јас го „прогонував“ него, па дури му доаѓав и под прозор (се смее).  Две ипол години бевме во врска, се венчавме и сега сме 10 години во брак.

Горан: Јас за себе се сеќавам дека носев зелена кошула, а за Ана не ми текнува, важно е дека јас се уште ја доживувам како моја девојка и уште си ја нарекувам така, а не сопруга. Бракот за мене е света работа, но сите нешта со неа ги доживувам еуфорично, па дури и кога ќе биде баба, јас пак ќе ја доживувам како девојка. Бракот за нас не значеше никаква промена, ние останавме исти, односно во истиот „филм“ како пред  да бидеме во брак, а така и ќе останеме.

Ана: Веројатно успеавме да го задржиме жарот во нас, а чувствата да ни останат  барем со сличен интензитет како кога бевме момче и девојка. Мислам дека сите луѓе треба да пробаат да го практикуваат тој начин. Она што мене најмногу ме привлекува кај него е тоа што е „голем“ човек со „голема“ душа и е многу креативен и духовит. Со само една гримаса може да ме насмее и е единствениот што умее да предизвика такви чувства кај мене.

Горан: Мене ме привлекуваат нејзините очи. Уште кога првпат ја видов ми се допадна начинот на зборување, начинот на решавање одредени ситуации од животот и тоа што е девојка што не е со „празна“ глава, а има нешто во неа што не го гледав и препознавав кај другите. Ана за мене е уникатна и единствена.

Ана: Св.Валентин не го празнуваме. Ние сме верници и двајцата и нашата вера е православна, затоа Св. Валентин не е во редот на нашите празници и не го празнуваме, но затоа секој ден е создаден за да ја славиме љубовта. Св. Трифун го празнуваме, зашто пред се ние се презиваме Трифуновски. Искрено,  можам да кажам дека Горан е тој што знае почесто да ме изненади со подароци, може да биде и некоја ситница, но мене посебно да ми значи. Затоа јас му готвам секој ден( се смее) и така компензираме.

Горан: Најдраг подарок ми се децата што ми ги роди. Нема поубав подарок од тоа и мислам дека за чувството  не се потребни многу зборови за елаборирање.

Ана: Можеби звучиме романтично, но не сме баш такви. Не сме во облаците и цврсто чекориме на земја. За нас секој еден ден е убав со прегратка и бакнеж. Сега се трудиме и децата да ги научиме да бидат такви. Разликата од порано, е тоа што кога ние се прегрнуваме, тие ќе притрчаат и ќе ја направат прегратката уште поголема. Децата секако те менуваат многу, се разбира на позитивно, сега имаме повеќе љубов и целосно исполнет живот.

 

Илија Карадаковски и Симона Веселиновска

Страствен танц и на подиумот и во животот

И двајцата ги врзува љубовта кон танцот, со кој се занимаваат веќе години наназад. Иако силна, сепак тоа не е единствената врска која ги спојува. Разговорот со нив помина во смеа и спонтаност, со што до израз дојдоа нивниот темперамент, динамичност, блискост и младост.

Иле: Се запознавме пред четири години на танц натпревар во Битола. Јас во тоа време бев диџеј, Симона беше во Ритам плус, а јас во Прима Данца, па така таа патуваше со својот тогашен партнер по танц. Јас требаше да одам со автомобил, но излезе дека треба да оди уште една танцова двојка, па мене сам ме пратија во комбе, со конкуренцијата (се смее). И влегува Симона во комбе - и имав и што да видам (се смее). Ја забележав веднаш штом влезе. Исто така, среќа беше што на враќање, нејзиниот танц-партнер не си одеше со комбе, одлучи со родителите да се врати со автомобил, па ми го ослободи местото да седнам до неа. Судбина. Беше облечена во фармерки, блуза и имаше нов ајфон, што подоцна дознав дека ѝ го подариле за роденден, а јас сакав токму таков да си купам. И црни очила за сонце. И беше станата од спиење (се смее).

Симона: Па поради телефонот всушност ми пријде и почна муабетот. Инаку и јас требаше на враќање да си одам со автомобил, но сепак се вратив со комбе. Првата реакција беше кој е овој овде, првпат го гледам, што бара тука. Сепак, уште од првиот момент кога се запознавме имавме што да зборуваме. Од Битола до Скопје зборувавме за сè и сешто.

Иле: Таа зборуваше три часа а јас половина (се смее). Но, веднаш се почувствува добра хемија.

Симона: Добар слушател е.

Иле: Очигледно беше веднаш дека танцот е она што најмногу нè поврзува. Тоа ни е заедничка страст и тоа е добро, затоа што имаме разбирање. Кога во една врска, едниот се занимава со танц а другиот не, може да дојде до љубомора. Се менуваат партнери, потоа се поминува многу време заедно со нив. Тоа ние го сфаќаме професионално, затоа мислам дека и толку добро се разбираме и функционираме.

Симона: Иле пред сè е добар пријател. Си помагаме еден на друг за што и да треба. Остваривме многу добра пријателска врска отпрвин, можевме да се потпреме еден на друг за сè, па оттаму се роди и љубовта.

Иле: Ја чекав шест месеци. Се запознавме во мај, а почнавме да се гледаме после Нова година. А, што се однесува до ваков тип на празници, Симона не е нешто претерано романтична, во смисла дека мора да ѝ се приредуваат такви гестови.

Симона: Конкретно, за св.Валентин, не го сакам притисокот дека на тој ден мора нешто да се подари, мора нешто да се прави. Подраго ми е кога некој друг ден, било кој, ќе си подариме нешто, или гестови и ситуации што се спонтани. Секогаш кога нешто планираме, не излегува. Се „фаќаме“ еден со друг, не можеме да се изненадиме, затоа кога е спонтано, кај нас е подобро. Сакаме да си подаруваме подароци. Одиме заедно на шопинг, па јас моите пари ги трошам на него, а тој неговите на мене. И двајцата сакаме шопинг, со тоа што јас сакам да шетам и да купувам, а тој само да купува (се смее).

Иле: Не сме од оние двојки кои си прават „тешки“ романтики. Ние за овие празници, одиме на некоја вечера, да се каже дека сме го прославиле. Кога ќе имам можност ќе ја носам некаде Рим, Париз (се смее).

Симона: Сум била таму, дај некое друго место (се смее). Освен што и двајцата сакаме шопинг и танц, сакаме и да патуваме.

Иле: Исто така уживаме во работата со деца, па љубовта кон децата е уште една нишка на поврзување. Сепак, со оглед на тоа дека сме и професионално и приватно поврзани, знае некогаш да дојде и до конфликт, особено ако се работи за кореографија.

Симона: Најчесто и најмногу се расправаме кога треба да танцуваме заедно.

Иле: Тогаш таа сака една кореографија да постави, јас друга... Во тие ситуации авторитетот паѓа и на едниот и на другиот, Затоа мора некој некогаш да попушти. Јас попуштам понекогаш... секогаш (се смее).

Симона: Така е (се смее). Јас повеќе се борам за своето кога е во прашање во подиумот. Но, има моменти, не само професионално, и приватно, кога сум многу избувлива или нервозна, а тој во последно време сè повеќе има разбирање и за тие мигови. Ме остава да му се изнавикам, да се „истурам“ врз него.

Иле: Маaна ми е што ја прекинувам многу додека зборува. Инаку, јас сум многу избувлив, немам многу трпение, иако од страна многумина не би поверувале во тоа. Таа е попринципиелна за разлика од мене, а јас многу спонтано ги решавам проблемите, па и тука знае да настане некогаш некој конфликт. Таа сака да си знае, да си планира. Но, во секој поглед, ние еден со друг се надополнуваме.

 

Соња Алексовска Неделковска и Огнен Неделковски

„Усни на усни во љубов веќе 18 години“!

Пред точно 18 години започна една од најубавите љубовни приказни на македонската јавна сцена. Големиот текстописец Огнен Неделковски ја пронајде својата муза Соња која денеска е „виновна“ за настанувањето на некои од најубавите љубовни песни испеани од големите македонски музичари. Се запознаа во Валандово, а првиот состанок го имаа во Лептокарија каде ние сосема обземени од љубов ги вративме за да преживееме една романтична ретроспектива на нивната голема љубов.

Соња: Нашата љубовна приказна е доста необична, како што впрочем е и целиот наш живот. Имавме необичен состанок, необично беше тоа што јас го задржав моето моминско презиме, што во тое време беше револуционерно, необична е огромната емоционалност на нашето дете тинејџер што го обожаваме, необично е и тоа што јас сум постара од Огнен... Додека работев во Гостивар како радио водител, во мојата кабина беа залепени два листа хартија со текстови меѓу кои и оној на „Песна за нас“ што ја напиша Огнен. Јас честопати ја слушав и ја анализирав и се прашував што го натерало овој текстописец да напише ваков текст. Посакував да го сретнам еден ден и кога требаше да го запознаам на фестивалот Цветници, мојот уредник од списанието каде преминав, отиде на интервјуто со Огнен наместо мене за што јас многу се налутив. Тој ми кажа дека Огнен набрзо ќе гостува и во Македонското радио каде тој ни договорил средба, но веднаш ми рече дека можеби ќе ми пречи тоа што тој е помлад од мене. Тогаш му реков да заборави на сѐ, дека Огнен го бришам од списокот, бидејќи не сакав да бидам во врска со некои клинци (се смее). Но, уредникот тогаш ме утеши и ми рече дека тој веќе имал завршено факултет и дека многу сака русокоси, но некако не можеше да ме убеди. По цела година, ние двајца се запознавме на Валандово фест каде тој се покажа како многу дрзок и препотентен и не сакаше да ми открие на кого ги посветил текстовите за песните што ги пишува. Тогаш си реков дека повеќе не сакам да имам ништо со него, бидејќи не само што е помлад, туку е и дрзок со мене. Таа вечер кога си го реков тоа, тој седна спроти мене и веднаш во просторијата се почувствува некоја посебна енергија. Тогаш вечеравме заедно и закажавме средба во Скопје и по втората и третата средба, јас се преселив кај него и кај нас всушност сѐ се одвиваше набрзина. Тој веднаш посака да има дете и ние сосема плански го добивме и нашиот Филип.

Огнен: Јас воопшто не знаев дека се „плете“ таква мрежа околу мене на почетокот. Отидов на фестивалот во Валандово и сосема неочекувано ја запознав Соња и иако таа вели дека сум бил дрзок, тоа воопшто не беше точно, туку нејзиното прашање беше крајно безобразно и типично новинарски (се смее). Кога не и одговорив и ја прашав зошто мисли дека токму неа ќе и откријам такво нешто, таа се налути и тоа всушност беше нашата прва караница. Се сеќавам дека по враќањето во Скопје, таа ми се јави и се најдовме токму тука, во трговскиот центар „Лептокарија“ некаде на 10 – тина метри од местово каде го правиме интервјуто. Следната средба беше кај мене дома, каде таа дојде и остана.

Соња: Јас никогаш не се трудам на некој посебен начин да го освојам и да му бидам инспирација, и честопати и денеска кога ќе ми рече ти напишав песна, многу ми е драго. Токму сега, поминував низ многу тежок период додека ја подготвував книгата за Тоше Проески и некако се одделив од него, и токму кога заврши сѐ, се вратив дома и тој ми вели: Ти напишав песна!

Огнен: Всушност, има многу текстови што сум и ги посветил неа. Сакам да кажам дека откако ја сретнав Соња, речиси сите мои стихови се обоени со неа, но се разбира најомилена ми е „Сонце во твоите руси коси“ од Тоше Проески. Тука се и „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Усни на усни“ и уште многу други преку кои таа ќе остане да живее многу, многу години.

Соња: Што се однесува до празниците и подароците, јас често знам да му подарам нешто на Огнен. Секое мое службено патување е исполнето со една торба подароци за Огнен и за Филип. Огнен многу мрази да оди во шопинг и вообичаено јас му купувам, а најтешко ми е кога треба да му купам чевли или фармерки и секогаш носам конец или врвка со која ја мерам големината. Еве сега баш пред Нова година му подарив едни чевли што од прва му се допаднаа и му беа точни.

Огнен: Јас честопати знам да подарам и без повод. Конкретно, Св. Валентин не го славиме, бидејќи тоа е католички празник, повеќе Св. Трифун. Инаку јас сум роден на 13 февруари и обично тогаш славиме сѐ во едно. Омилениот подарок од неа дефинитивно ми е синот Филип.

Соња: Морам да кажам дека најважно е да има љубов во бракот за тој да не се растури. Доколку говориме за неверство и доколку во нашиот брак на пример би се вмешала некоја друга личност, јас не би правела проблем за да се разведам, бидејќи со чувствата не може да си играте. Конкретно за младите девојки што сега стапуваат во брак, им порачувам да бидат издржливи и да успеат да се справат со сѐ, бидејќи ова е Балкан и секогаш ќе има некој што ќе ви се меша во животот. Секогаш почитувајте го семејството на сопругот и тој вашето, до онаа мера до која тие заслужуваат. Не треба да гледате секогаш разводот да е излез од проблемите, туку гледајте секогаш да се потрудите повеќе и со текот на годините самите да си го направите заедничкиот живот поубав.

Огнен: Мислам дека најважно во животот е да ја чекаат вистинската љубов, јас тоа го учам и мојот син Филип. Вистинската љубов не може да се очекува, не може да се нарача, туку треба едноставно да се случи, да се роди. Ги советувам сите да го слушаат срцето, а да го заборават разумот.

 

Драган Спасов Дац и Весна Терзиевска

Љубовта е движечка сила на нашето секојдневие!

Ќе ве освојат со својата спонтаност, природност, едноставност, насмевките. Двојката на којa не и се потребни датуми за да ја слават љубовта, бидејќи во нивниот мал свет љубовта е движечка сила за многу убави моменти, бакнежи, гушкања. Прочитајте за прекрасната љубовна приказна на актерот Драган Спасов Дац на кој даските што живот значат му се професионална вокација и неговата шармантна и неверојатно талентирана половина, Весна Терзиевска.

Дац: Запознавањето беше многу случајно. Весна дојде во театар и тогаш се видовме прв пат. После тоа некако зачестија нашите дружби. Откако нашите претходни бракови се раскинаа видовме дека многу сме слични и дека сме еден за друг и мислам дека тоа беше пресудно, за да почнеме што почесто да се гледаме и се повеќе да се сакаме и на крај решивме да живееме заедно.

Дац: Морам да кажам дека ништо не паметам од облеката што ја носеше првиот пат кога ја видов, но секако ми се допадна на прв поглед.

Весна: Се сеќавам носеше црно капче првиот пат кога го видов, а најмногу ме освои со очите.

Дац: Морам да потенцирам дека ние секој ден ја славиме љубовта. Мислам дека има една огромна љубов меѓу нас која јас барем до сега во мојот живот не сум ја почувствувал. Не знам дали е врвот и до каде ќе оди, но тоа е сигурно нешто најубаво што ми се случило. Љубовта го движи светот во крајна линија. Во овој наш мал свет, љубовта е на едно огромно ниво и токму поради тоа не треба да биде Валентин или Трифун за да славиме. Нас ни е секој ден празник, кога ќе се видиме ни е празник, кога ќе се бакнеме  ни е празник, кога ќе се прегрнеме ни е празник, така што, не ни требаат датуми, датумите сами ги правиме.

Дац: Подароците се дел од нашето љубовно секојдневие.Нема, нема па ќе ми донесе дома нешто. Облека ми купува најмногу, ми купува часовници, телефони, знае што сакам и знае да ме изненади. Малку е нестрплива, па понекогаш изненадувањето ќе ми го каже пред време, но сепак тоа е таа и баш дека е таква ја сакам. Инаку јас сум по накитот повеќе. Јас сакам да подарам обетки, прстен, алка, ѓердан итн и мислам дека не знае никој подобро од мене да одбере накит за одредена личност, а таа посебна личност што е пред мене може да го потврди тоа, но знае и како да го носи.

Весна: Јас постојано му купувам подароци и обожавам да го изненадувам.

Дац: Весна секогаш е во поезијата што ја пишувам . Имам муза од која ја црпам љубовта, а Весна има едно огромно срце од кое што црпам стихови за моите песни и љубовта кон неа ме натера да почнам да пишувам. Тоа за мене не се песни, јас ги викам кратки мисли и мислам дека да не беше таа никогаш немаше да почнам да пишувам. Нашиот живот е обоен со смеа, Весна е многу духовита, доволни сме си јас и таа да седиме со часови, да се смееме и да уживаме. Интересна е случката од Охрид. Отидовме во маркет да купуваме намирници, и се разделивме во маркетот, јас на една страна со кошницата, Весна на друга страна и кога се сретнавме на каса во нашите кошници имаше исти производи. Многу сме слични и имаме приближно ист вкус за се.

Завршуваме како што и почнавме со љубов:

Сакав вечерва 
да ти ја напишам 
Најубавата песна
Што ја умеам. 
Не ми оди. 
Ми фалат зборови, 
се изгубија по патот
на твојата љубов. 
Некои се изгубија на усните. 
Некои на вратот, 
на градите останаа некои,
на стомакот,
на нозете. 
Па си велам,
ако не ми оди со пишувањето,
ми оди со бакнувањето. 

ДСД

Објавено:
14 февруари 2014
Категорија: 
Стории