Размислете пред да објавите фотографија од вашето дете на Фејсбук!

1 јуни 2015

Сосема случајно, неодамна пронајдов едно истражување од 2013 - тата година чии резултати, гледајќи и од денешен аспект, воопшто не ме изненадија!

Во истражувањето спроведено во Британија на околу 2.000 родители, беше потенцирано дека токму тие, објавуваат фотографии од нивните новороденчиња на Фејсбук за помалку од еден час од раѓањето!

Голема е веројатноста дека доколку и денеска кај нас се спроведе слично истражување, македонските родители нема да бидат ништо поразлични од Британците.

Она што од ден на ден шокира е зависноста на луѓето од социјалните мрежи или пак нивната страшна желба постојано да ги „апдејтуваат“ своите пријатели со она што им се случува во животот.

Можеби до некаде е оправдана желбата да се „пофалите“ со новиот чифт чевли или пак патувањето во Париз, но од каде и зошто е потребата родителите да објавуваат фотографија од своето новороденче, наместо да му се радуваат на новиот живот, онака, сосема интимно?

На ова прашање, родителите што биле дел од британското истражување посочуваат дека тоа го прават за да ги информираат нивните најблиски за приновата, за тие да видат како изгледа бебето или пак едноставно, затоа што се зависни од социјалните мрежи, па мора да ги информираат нивните пријатели за секоја промена во животот!

Сосема соодветен одговор на ова дава еден млад татко од Калифорнија кој имено е и фотограф, посочувајќи им на сите родители да отворат приватен блог каде ќе можат да поставуваат фотографии од своите малечки без да им ја загрозуваат приватноста.

Сакајќи да му го покажат на светот нивното малечко и како тоа се развива и изгледа од ден на ден, многу родители не размислуваат за тоа дека на тој начин, тие го откриваат нивниот идентитет што во денешно време, многу лесно може да се злоупотреби.

И да, тука веројатно ќе си речете дека фотографиите од вашите дечиња можат да ги гледаат само блиските пријатели благодарение на опциите за приватност на Фејсбук, но и тоа не е никакво оправдување за фактот што губите драгоцени моменти од животот постирајќи фотографии на социјалните мрежи!

Во денешно време, кога постојат безброј опции за приватност на Интернет, испратете им фотографија на вашите роднини во Америка преку мејл, преку приватна порака, преку dropbox, sendspace...

Но, во име на старите добри времиња кога не постоеше Фејсбук и кога сите ние бевме среќни деца без родителите да ни објават фотографија од раѓањето, уживајте со вашите малечки без потсвесно да размислувате кои „хаштагови“ ќе ги употребите денеска!

Уживајте во секој еден момент поминат со вашите бебиња без да им го фотографирате новото комплетче од баба или првото чекорче... Бидејќи токму додека ја местите камерата од вашиот смартфон, можете и да го пропуштите!

Објавено:
1 јуни 2015
Категорија: 
Стории