Трите светски најпрестижни ски - центри

3 јануари 2015

Најпосле пристигнаа омилените празници на голем број луѓе ширум светот, делумно заради магичната зимска атмосфера која владее и која не обзема сите, делумно и поради празничните слободни денови кои ни овозможуваат да поминеме повеќе време со личностите кои ги сакаме и ни значат. Ако празничната еуфорија и божиќните празници сакате да ги дочекате на планинските снежни патеки, со разгорен камин, варено вино и зимско скијање, тогаш сте на вистинското место. Во продолжение прочитајте кои се трите најубави ски - центри во светот, каде зимскиот одмор ќе ви биде како вистинска бајка.

1.Сен Мориц

Сен Мориц Сен Мориц

Колевката на ски - туризмот, швајцарскиот монденски центар Сен Мориц е мало место, лоцирано во срцето на Алпите кое се протега непосредно до италијанската граница. Сен Мориц, важи за една од најпрестижните дестинации за зимување бидејќи се одликува со посебен спој на елитен туризам и природни убавини кои ова место ги има. Прекрасните многубројни ски - патеки, на љубителите на зимските спортови им овозможуваат вистински спуст директно од „кровот на светот“.

Сен Мориц Сен Мориц

Освен тоа, посетителите можат да пробаат да играат дел од традиционалните зимски спортови како крикет или голф на мраз. Оние кои немаат амбиции да скијаат, овој ски - центар има богата понуда на многубројните други активности како шопингот, велнесот, специјалитетите во одличните ресторани, винариите и баровите. Како и во најголемите светски метрополи и во ова планинско гратче, посетителите можат без проблем да купат парчиња скапоцен накит или дизајнерски парчиња облека бидејќи улиците во Сен Мориц иако малечки и тесни, сепак сè преполни со луксузни продавници и бутици.

Сен Мориц Сен Мориц

Бадрут палатата и Карлтон  се водечки хотели кои се наоѓаат во срцето на градот, а за авантуристите и романтичарите тука се и малите дрвени колиби чиј изглед уште повеќе ќе ви ја доближи зимската идилична атмосфера на празниците. Имено, Сен Мориц е познато по тоа дека било едно од омилените дестинации за одмор на модните икони Одри Хепберн  Грејс Кели, а таа традиција продолжува и денес, бидејќи голем број познати личности доаѓаат да бидат дел од прекрасниот амбиент.

2.Аспен

Аспен Аспен

Познатиот американски ски - ресорт веќе е подготвен за бурен старт на зимската сезона. Бројни ѕвезди од актерката и музичката сцена, членови на модната индустрија и други славни личности ги подготвуваат своите ски - реквизити за да ги преплават карпестите планини на Колорадо. Ако сè уште не знаете за која ски дестинација станува збор, тогаш ќе ви откриеме...Аспен.

Аспен Аспен

Најгламурозниот ски - центар Аспен се наоѓа на американскиот континент и стана синоним за луксузно зимување токму поради фактот дека е огромен бројот на познати посетители кои на планината пристигнуваат со своите приватни авиони. Скијачите секојдневно можат да уживаат во совршено уредени и поприлично стрмни стази, додека оние кои повеќе сакаат да шетаат можат да ги посетат луксузните продавници  кои се наоѓаат на Родео Драјв во срцето на Аспен. Најпознатиот хотел е The St. Regis Resort, а најпознатите барови за ноќна забава се Карибу Клуб и Ред Онион. Омилено место е на популарната пејачка Ријана, која својот 26 – ти го прослави токму таму.

3.Куршевел

Куршевел Куршевел

Францускиот скапоцен камен лоциран на Алпите – Куршевел, важи за едно од најелитните и најубавите европски ски - центри. Неретко го носи и епитетот оаза која нуди вистински зимско уживање, поради прекрасниот амбиент, околината, беспрекорните ски стази, ноќното скијање и киното под ѕвезденото небо. Куршевел е европскиот одговор на американскиот Аспен и има дури 11 хотели со пет ѕвезди, импозантни планински колиби, импресивна гастрономија, славни гости како што е трендсетерката Оливија Палермо, потоа продавниците на најпознатите модни куќи како Прада, Луј Витон и Шанел со што со право се рангира како едно од омилените места за љубителите на луксузниот живот.

Куршевел Куршевел

Оваа сезона дури и гондолите добија „нова гламурозна облека“. Имено, дизајнерот Карл Лагерфелд ги декорираше гондолите на француското скијалиште со илустрации од легендарната Коко Шанел и поларната мечка. И на тој начин познатиот бренд ги кани сите љубители на зимските спортови да го посетат поп – ап бутикот во кој покрај облека се продава и зимска опрема, скии, даски за бордање и други модни додатоци украсени со култното лого на куќата. Водечки хотели се Le K2, Cheval Blanc и L’Apogee кои на гостите им го нудат најдоброто.

 

Објавено:
3 јануари 2015
Категорија: 
Стории