Убиството на Гучи

28 октомври 2016

Ако животот пишува роман тогаш во случајот на Патриција Реџани станува збора за неверојатен трилер. Љубомора, бес, гламур, луксуз, прељуба, освета. Една од најцрните приказни во историјата на италијанската мода. Патриција ќе ја шокира јавноста со тоа што ќе го нарача убиството на нејзиниот сопруг Маурицио Гучи.

Некогашната госпоѓа Гучи, беше осудена на 26 години затвор поради нарачка на убиство на нејзиниот сопруг кој тогаш имал 46 години. Наследникот на модната империја Гучи, ќе биде убиен на скалите пред зградата во која се наоѓала неговата канцеларија. Италијанските медиуми гладни за скандали почнуваат да ги претпоставуваат мотивите на ова убиство, со оглед на тоа што Маурицио и Патриција се разведувале. Згора на се, Патриција била љубоморна на новата девојка на нејзиниот поранешен сопруг, сакала дел од богатството и ја прогласуваат за „црна вдовица", но после ослободувањето таа се уште тврди дека е невина.

Некогашната џет-сетерка е родена во мало гратче во близина на Милано. Иако потекнува од богато семејство, Реџани никогаш не била дел од миланското високо друштво. Сепак нејзината упорност ќе ја донесе до миланската елита.

„Го запознав Маурицио на една забава и веднаш се вљуби во мене. На почетокот не размислував многу за него. Тој беше тивко момче, но многу упорен", изјавува Патриција.

Се венчале во1972 година, но нивниот брак семејството Гучи не го одобрува. Посебно на тоа се противат Родолфо, таткото на Маурицио, не поради нејзиното потекло, туку поради нејзиниот карактер. Родолфо ќе омекне кога ќе се роди нивната прва ќерка Алесандра. Маурицио како син единец ќе наследи многу имот кој вклучувал многу недвижности, а имале апартман и во Њујорк. Во тоа време парот Гучи се дружел со Џеки Оназис и биле дел од таа елита.

„Имавме убав живот. И денес кога ќе помислам на тоа ме боли многу", вели Патриција.
Гламурозниот живот бил проследен со гламурозни забави. На патувања оделе со својата 64 метарска јахта, која ја купил по повод раѓањето на неговата втора ќерка Алегра.

Се почнало да се распаѓа во 1983 година кога умира таткото на Маурицио .Тогаш Патриција паѓа во сенка, а сите одлуки ги носи Маурицио кој имал пред себе мегаломански бизнис проекти. После четиригодишни расправии со роднините одлучува да го откупи нивниот дел 50 проценти со помош на Бахреин банка. Набргу компанијата почнала да губи милиони, а со тек на време се топело и личното богатство, па Маурицио бил принуден да го продаде својот дел во 1993 година на истата банка за 120 милиони долари. Паралелно со оваа приказна почнува да се распаѓа и нивниот брак.

„Бев бесна на него од многу причини, но најмногу ме болеше тоа што го загуби семејниот бизнис. Тоа беше глупаво. Бев многу лута, но ништо не можев да сторам" додава таа.

Две години после продажбата на својот дел Маурицио е убиен на скалите пред својата канцеларија. Единствен сведок на убиството кое се случило утрината во 8 и 30 часот на 27-ми март 1995 година, бил вратарот Џузепе Онорато.

„Беше убаво пролетно утро. Господинот Гучи со себе носеше весници и некои магазини. Ми рече добро утро, следното што видов беше рака која држеше пиштол и тоа утро бев погоден два пати во рамо" - ќе изјави вратарот. Така седејќи во река крв ќе ги дочека карабињерите. Со тага се сеќава како Маурицио му умрел на раце. За траумите и повредите кој ги преживеал тогашниот суд ќе му одреди исплата на оштета од 142.000 евра кои до ден денешен не му се исплатени.

Уште една личност ќе му го смени животот на Маурицио. Тоа била неговата девојка Паола Франчини со која бил во врска последните пет години од неговиот живот и живееле заедно. Тие планирале да се венчаат, и токму овој факт и е посочен како мотив на Патриција за убиството, затоа што наводно не можела да поднесе некој друг да ја носи таа титула. Стравувала дека нејзините ќерки нема да добијат никакво наследство,доколку Маурицио и Паола би имале деца. Паола тврдела цело време дека Патриција ги шпионирала.

„Таа имаше свои луѓе во неговото опкружување и знаеше се за нашите планови и бизнис стратегии. Постојано му ѕвонеше на телефон и му се закануваше дека ќе го убие"-вели Паола. Го молела да најми телохранители, се плашела за неговата безбедност.

Два дена после убиството Паола доби наредба директно од Патриција да се исели од станот во кој живеела со Маурицио. Кога ќе се исели, Патриција се вселува во станот со нејзините две ќерки. Во тој стан ќе живее се до нејзиното апсење. До клучните докази полицијата доаѓа, кога еден од нејзините соучесници случајно ќе ги открие деталите и со дополнително прислушкување на нејзиниот телефон.
На суд Патриција ќе признае дека и платила на Пина Ауриеми, тогашна нејзина блиска пријателка и една од уапсените 200.000 долари, но негира дека парите се за нарачано убиство од страна на платен убиец. Според сведочењето на Патриција тие пари биле дека била уценувана затоа што Ауреми сакала да го убие Маурицио, а потоа да каже дека тоа го сторила Патриција. Сите се обвинети за заговор за убиство и прогласени за виновни.

Од април 2014 година Патриција е на условна казна, пуштена на слобода. За да излезе од затвор, тие и поставуваат еден услов, мора да се вработи. Самата идеја дека мора да работи ја ужасувало, некогашната дама од високото друштво сега ќе мора да биде вработена.
„Никогаш не сум работела во мојот живот и немам намера да работам"-ќе му каже своевремено на својот адвокат, но сепак на крајот прави компромис и денес работи како консултант за дизајн на накит во миланската фирма „Боцарт".

За годините поминати во затвор Патриција не сака да зборува.

„Мислам дека сум многу силна личност после сите години поминати во затвор. Многу спиев, се грижев за моите билки...*, додава таа.

Денес таа живее со својата мајка која има 97 години, но одвреме навреме сака да се врати во затвор поради тоа што мајка и имала исклучително тежок карактер. Нејзините ќерки кои имале 14 и 18 години во времето на нејзиното апсење денес се мажени и живеат во Швајцарија. Тие ќе го наследат богатството од татко им, но не ја посетуваат многу често нивната мајка откако ќе излезе од затвор.
„Во моментов сме во лоши односи. Тие не ме разбираат. Ми ја скратија финансиската помош. Немам ништо, не сум ги видела ниту своите внучиња", вели Патриција.

Да може повторно да го види својот сопруг би му кажала дека го сака, како и тоа дека била најважната личност во нејзиниот живот .

 

Објавено:
28 октомври 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
6.233 пати