Елена Бубало

Вежбањето стана тренд: Младите уживаат во грижата за здравјето и изгледот!

10 октомври 2019

Веројатно не постои некој кој не слушнал за Елена Бубало и сериозно добрите тренинзи што ги прави. Во нејзината супер сала во која ќе се вљубите на прв поглед долго време вежбаат момци и девојки кои го обожаваат фитнесот и здравиот начин на исхрана. Мајка и сопруга, Елена веќе долги години е еден од најуспешните фитнес тренери во Македонија која е горд изумител на total body workout by Bybalo. Биохемиски инженер по професија со специјализација на Факултетот за физичка култура во Белград, со животна мисија да им помогне на луѓето да водат здрав и квалитетен живот.

„Tренер сум веќе 10 - та година, со доста голема промена на видот на тренинзите, почнувајќи од аеробик, трчање, интервални, издржувачки, силови тренинзи и многу семинари, едукации и следење на проучувања што и како најдобро влијае на телото со вежбање еден час во денот, додека да дојдам до оваа програма што лично и на мене влијае онака како што сакам. И пред овие 10 години да ги нагласам 14 -  те години поминати во фолклор што исто е физичка активност која придонесува за убав изглед“, вели Елена за нашата рубрика „Приказни од градот“.

За тоа колку исхраната е важна во текот на вежбањето и животот општо, таа ќе каже дека тоа е нешто на што треба да му се посвети особено внимание.

„Исхраната е поважна дури и од вежбањето. Во 24 часа, ќе вежбаме еден час, а имаме пет оброка, што значи дека можеш и три часа да вежбаш и доколку не внимаваш колку калории внесуваш и дали јадеш брза храна, резултат во изгледот на телото кое што сте го замислиле може и да нема. Вежбањето ќе ги оформи мускулите, ќе го зацврсти телото, ќе ви даде поголема енергија во текот на денот, концентрација, зголемена самодоверба и многу други придобивки, но без правилна исхрана нема здраво и фит тело. Според мојот начин на исхрана состојките на храната по хемиски состав се исти пред и после тренинг. Станува збор за балансиран оброк што ги содржи главните градивни елементи на клетката, а тоа се јаглехидрати, масти и протеини. Треба да се јаде редовно, да се внимава овие три состојки да се во правилен сооднос во еден оброк. Важно е да не се јаде веднаш пред тренинг, треба мининум два часа порано, а кај некого и повеќе. По тренинг се јаде веднаш, особено тие што вежбаат попладне, за да се остави простор да се свари храната пред легнување. Некогаш, јадеме што сакаме, па постигнувањето на саканата форма скоро е невозможна. Вежбањето и здравата храна треба да се секојдневие и стил на живот и да се ужива во истото“.

Мотивацијата за вежбање понекогаш е и од најголемо значење, па ја прашавме како да се мотивираме, особено доколку сме почетници и понекогаш е тешко да се издржи.

„Досегашното мое искуство покажало дека е потребна поголема мотивација додека да се почне со вежбање, да се направи тој прв чекор, да се решат и да дојдат во сала. После тоа сум скоро па сигурна дека нема назад. Тоа е моја работа, да се погрижам да го дозирам тренингот за почетник, да се чувствува и изморено, извежбано, а сепак да функционира телото после тренинг. Исто така на тие што им недостасува доволно мотивација најчесто доаѓаат со другар/ка и тогаш е уште полесно“, вели таа.

Она што секој што почнува со вежбање прво го интересира е кога ќе бидат видливи резултатите.

„Тоа е многу индивидуално. Зависи во кој стадиум се, дали сега почнале, дали има прекумерна тежина, дали сакаат само да оформат мускули. Но, генерално за секаков виден резултат потребни се минимум 12 недели вежбање и правилен начин на исхрана“, објаснува Елена.

Со оглед на тоа што на нејзините тренинзи има различни групи на луѓе, разговаравме и за тоа како се постапува со трудниците и со оние луѓе кои можеби имаат некои здравствени проблеми.

„Има такви кои имаат определени дијагнози, со консултација со доктор и физиотерапевт, носам одлука како да работам со таа личност. Ако не се на персонален час и вежбаат во група, им се даваат заменски вежби за оние кои не смеат да ги изведуваат. Во врска со трудници, примам во група или персонално, само трудници кои вежбале пред да останат бремени подолг период, најчесто ги познавам, си вежбаат во група, им се даваат безбедни вежби, со помал интензитет, без скокови, стомачни и други вежби што не смеат да се прават“, потенцира Елена.

Појаснува и дека доколку сте трудница, првите три месеци не се препорачува вежбање, но ако дозволи докторот тоа се прави со големо внимание.

„Веќе второто тромесечие се вежба со адаптирани вежби и е најубаво, а третото зависи од тежина на плодот, од тоа како жената се чувствува, а има и такви што вежбале и до деветтиот месец. Затоа повторно ќе напоменам дека зависи од типот на бременост и мора да се внимава, ама исто така е важно да се вежба. Тоа е заради полесна бременост, носење на плодот како и за полесно природно породување - колку појаки мускули, толку подобро“.

И таа самата е мајка на двегодишно дете, па иако знаевме дека останала во форма во текот на бременоста, ја прашавме како успеала во тоа и колку време и беше потребно да се врати во форма по породувањето.

„Јас третата недела по породувањето се вратив во сала, но враќањето на телото не можам да се пофалам дека беше лесно и брзо. До посакуваната форма дојдов после девет месеци со вежбање и многу внимавање на исхрана. Впрочем, колку што трае бременоста и се шири тој дел од телото (матка и карлица), толку минимум е и потребно да се врати (секогаш има ислучоци). Андреј е веќе 2 години и 6 месеци, си оди во градинка, па утринските тренинзи ги одржувам без проблем. До 12 е во градинка, па се дружиме сè до попладневните часови. Тука многу помагаат баба и дедо или си го носиме на тренинзи“, раскажува Елена.

Во последно време вежбањето некако стана тренд, па денеска речиси секој млад човек издвојува време барем еден час во денот да помине во сала.

„За наша среќа, вежбањето од рекреативен карактер е во тренд, младите сакаат да се грижат за својот изглед и здравје, достапноста до информации е лесна, нè наоѓаат, а тука се и родителите кои вежбаат и го пренесуваат тоа на своите деца. Има многу разлика од денес и пред 10 години и за тоа сме сите среќни (се смее)“.

Секојдневна мотивација таа наоѓа во поддршката од семејството и вежбањето, а како што вели, токму овие две работи постојано ѝ носат насмевка, здравје и добро расположение.

Сосема за крај, на темата кој е нејзин следен предизвик, таа ќе посочи дека продолжува со сè она што е тековно, но и дека наскоро можеме да очекуваме нејзин Јутјуб канал.

„Токму за ова ми пишуваат луѓе што не се од Скопје, а ги сакаат моите тренинзи, па барам начин тоа да им го овозможам. Секако, едукациите остануваат мој предизвик, како и во секоја друга професија, така и во мојата тоа е нешто на што му нема крај“, завршува Елена.

Објавено:
10 октомври 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.203 пати