ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Запознајте го Мајло - кучето кое обожава да патува и да носи пеперушки

27 јануари 2022

Низ Инстаграм просторот честопати можеме да сретнеме фотографии и профили на миленици, кои дефинитивно го подобруваат расположението и се дневна доза позитивност.

А ние неодамна токму на Инстаграм го откривме на профилот на Мајло (@miloadventuredoggo) - кучето што обожува патувања и авантури, но и да биде дотеран и има цела колекција пеперушки, по кои и го препознаваат низ скопските улици, но и на патувањата.

Мајло е другарче од соседството, најдобар и омилен пријател на Александар Мишков, кој е и наш соговорник. а разговорот проследете го во продолжение:

Мајло и Александар на водопад на река Бабуна

-Од каде идејата Мајло да добие Инстаграм профил?

-Сè почна сосема спонтано. Морам да признаам дека не беше моја идеја. Една пријателка ми спомна „Зошто не му отвориш профил на Мајло, секако постојано го сликаш, вака барем ќе ги објавуваш местата".  И така почна сè. Како што растеше неговиот профил, така и јас повеќе се посветував на него и на начинот на кој функционира Инстаграм - ни раскажува Мишков. 

Инаку, Мајло има речиси 2.000 пријатели на Инстаграм, кои ги следат неговите патувачки авантури.

село Суви Лаки, водопад

Се сеќаваш ли на вашата прва средба, како го одбра токму него?

-Немавме средба, туку го видов на Интернет. Барав конкретно Џек Расел, бидејќи идејата беше да земам куче како од филмот „Маска“ и да се вика Мајло. Видов неколку огласи, меѓутоа тие што ги гледав во Скопје, не беа тоа што го барав. Мајло го најдов на една реклама, му пишав на човекот, кој ми врати: „Другар, имам само уште едно машко кутре“, ми прати слика од Мајлов и кога го видов, знаев дека тоа е тоа. 

село Камење, тетовско, еден од осумте водопади

Какви реакции добиваш од профилот, имаш ли понуди за некои соработки, реклами?

- Профилот на Мајло, првично е замислен како еден вид патопис. Идејата е да се поттикнат луѓето да поминуваат повеќе време во природа и да откријат нови места во нашата преубава земја. Навистина има премногу што да се види и посети. Повеќето реакции што ги добивам се во стилот - од каде го најдовте местово, каде се наоѓа. Секогаш сум тука за луѓе кои се интересираат за некое место да им дадам совет и насока како да стасаат.

село Тресонче, водопад

Мајло секогаш носи пеперушка, колку има во колекцијата? Од каде ги набавуваш?

- Па, сепак треба да биде џентлемен, нели? Мајло е господин, а по пеперушките е препознатлив. Првата му ја купив кога наполни шест месеци, бидејќи тогаш влезе во полнолетство. Оттогаш, постојано му набавувам нови. Во почетокот ги купував од истото место од кое купував пеперушки за мене. Што значи тоа? Повеќето од тие купени тука во Македонија, а ги носи Мајло, се всушност наменети за луѓе, само се шијат на неговото ремче. Последнава година, откако има профил на Инстаграм, најдовме еден профил што изработува стриктно пеперушки, ремчиња, и слично за миленици. Не е во Македонија, туку е во Виена, па нарачувам кога имам некој од Виена што доаѓа во Скопје да ми донесе.

Носиш ли и ти таков моден додаток, ги усогласувате ли понекогаш :)?

- Да, јас имам повеќе од 50 пеперушки, Мајло е на околу 10. Имаме само еден модел кој е ист дизајн, неговата е само малку помала.

Скопје, парк за миленици

Како изгледа еден ваш ден заедно?

- Уште од мал Мајло е научен на рутина. Бидејќи работам од дома, моравме да ги усогласиме обврските, желбите, и начинот на функционирање. Мајло има вкупно три прошетки во денот, од кои едната е многу кратка. Денот ни започнува наутро кога имаме прошетка од околу половина час низ населба, па потоа се враќаме дома. Некои денови имаме време за кратка игра дома, некои не. Јас појадувам, па потоа почнувам да работам. Околу 12 правам пауза од работа и Мајло добива кратка прошетка за тоалет. Потоа е време за одмор до вечерната/попладневна прошетка. Оваа е всушност најдолгата прошетка, која обично трае околу час, некогаш и повеќе доколку одиме некаде. Од пролет, па до доцна есен се трудам попладневната прошетка да му биде на Водно, Матка, Ајватовски Рид, Кучково на крстот, или некое друго место во природа каде може да трча слободно.

Бабуна, Пешти

Со Мајло ја делите љубовта кон патувањата. Колку места заедно прошетавте и што подразбира патување со куче? Имаш ли некои практични совети за оние што досега не го практикувале тоа, а би сакале?

- Го земав Мајло наменски бидејќи е активно куче кое ќе може да го следи мојот активен животен стил. Не водиме евиденција колку места имаме посетено, ама вака од слободна проценка повеќе од 120-130. Местата ги наоѓаме од групи на Фејсбук, или од греб мапата што ја имаме. Патување со куче е широк поим, има многу работи на кои треба да се внимава. Некои кучиња не поднесуваат пат во автомобил, за среќа Мајло нема таков проблем. Најважно од сè е да имате куче кое можете да го контролирате, односно да го повикате во секое време. Ние внимаваме најмногу на тоа да одиме на места каде нема овчарски кучиња и стада овци. Не викам дека тие кучиња се агресивни, напротив, многу се мили со луѓе. Меѓутоа кога се животни во прашање, тие се територијални и тоа мора да се почитува.

Пожелно е секогаш да носите вода со вас за миленичето. А јас бидејќи знам дека Мајло има желба да влезе во секоја река и езеро, секогаш носам пешкир со мене во автомобил.

Смрдлива вода, Кожув, Гевгелија

А каков совет би им дал на оние што сакаат милениче од оваа раса?

- Кога беше Мајло помал, често одевме во Градски Парк и луѓе ме прашуваа токму ова. Да се разбереме, не сум експерт, ниту сум тренер/дресер, меѓутоа имам поминато поголем дел од животот со кучиња, особено од расата на териери. Мајло е Џек Расел, како и повеќето териери е своеглав, тврдоглав, самостоен, инает и полн со енергија.

Голем предизвик е да се чува оваа раса, бидејќи не е некоја која ќе ви се потчини целосно вам. Напротив, има сопствено мислење и не се срами да го искаже. Не го препорачувам на луѓе кои немаат доволно време да се посветат, бидејќи е активна раса која не поднесува долго време седење дома.

Галичица, врв Лако Сигној

Ја подготвивте ли листата на патувања за претстојната пролет?

- Да, веќе имаме неколку места што сакаме да ги посетиме оваа пролет. Пролетта ни е омилена сезона, бидејќи пролетта е сезона на водопади. Тогаш се топи снегот и водопадите имаат најмногу вода.
Имаме посетено повеќе од педесетина водопади во Македонија, а за престојнава пролет во план ни се водопад во близина на Кичево, во близина на Демир Капија, и истражување на многуте водопади во близина на Валандово.

Тоа се некои места кои сакаме за прв пат да ги посетиме, а секако и некои кои веќе ги имаме посетено, како водопадите во село Тресонче, Станечки водопад во близина на Крива Паланка, и многу други.
Можно е да одиме и до рција на неколку водопади (по препорака на профили од Инстаграм од Грција), доколку дозволи целата оваа ситуација.

 Големо Езеро, Пелистер

Охрид, Галичица

Село Мајден, Јаворски водопад

Охрид, кеј

Кочулски/Ѓаволски водопад во близина на Валандово

Колешински водопад

Скопски аквадукт

Меморијален центар Пелинце, мозаик АСНОМ

Село Слатина, Порече, Слатински извори/водопади

Дрво Гол Човек, Кожув

Пониква

Пониква

Куклица, Камени Кули

Објавено:
27 јануари 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
783 пати