Отворен конкурс за младите дизајнери од Балканот

23 јануари 2015

Балканската дизајнерска мрежа, го распиша петтиот по ред конкурс Young Balkan Designers 2015 (Млади балкански дизајнери 2015) под слоганот „Common Grounds”или „Заедничко тло“. Конкурсот е наменет за млади дизајнери до 35 години од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.

Авторите се повикани на размислување за наследството во најшироки рамки, почнувајќи од своето лично потекло и култура, до колективното наследство, како и активирање на вредностите на културните добра и инкорпорирање на материјалното и нематеријалното наследство во своето дело. Предмет на конкурсот можат да бидат дизајн концепти, производи (мебел, осветлување, ентеријерни елементи, секојдневни предмети, куќна опрема, помошни производи), урбани услуги, рециклирани материјали, модна конфекција и т.н. кои нудат иновативни, но и рационални решенија за секојдневните проблеми.

ybd2014

Одбраните дела ќе бидат дел од двегодишната програма Young Balkan Designers која подразбира регионален дизајнерски конкурс, меѓународна патувачка изложба и програма за мобилност и едукација за младите дизајнери. Исто така, авторите на трите најдобри проекти ќе посетуваат резиденцијални менторски работилници кои ќе бидат организирани во соработка со водечките дизајнери и произвидители. Резиденцијалните работилници ќе бидат организирани во Скопје, Белград и Загреб сѐ со цел да се зајакне соработката со компаниите.

Победниците ќе бидат одбрани од страна на меѓународното жири на чело со Константин Грчиќ (КГИД, Германија).

Минатата година меѓу најдобрите 25 млади дизајнери беа и двајца учесници од Македонија, Натали Ристовска и Мики Стефановски  со проектот STRIPE.

STRIPE на Натали Ристовска и Мики Стефаноски STRIPE на Натали Ристовска и Мики Стефаноски

Пријавите се вршат со пополнување на формулар на следниот линк: http://www.balkandesignnetwork.com/ybdopencall2015.  А за сите дополнителни информации и прашања можете да контактирате прекуybd@balkandesignnetwork.org, како и официјалната страна на Балканската дизајнерска мрежа. Конкурсот е отворен до 28-ми февруари 2015 година.

Балканската дизајнерска мрежа е составена од културната организација Јавна соба/ Public Room – Скопје, организацијата Миксер – Белград и Хрватското дизајнерско друштво – Загреб.

Објавено:
23 јануари 2015
Категорија: 
Култура