„Скопје стрит фестивал“ по трет пат го разбуди урбаниот пулс на градот

8 јуни 2015

Викендов во Градскиот парк во Скопје, третото по ред издание на “Скопје стрит фестивал“ во организација на здружението на граѓани „Подиум Скопје“ го разбуди урбаниот пулс на градот.

Легендарни музички имиња меѓу кои ЛТЏ Букем (LTJ Bukem) од Лондон, српската рап хит-машина „Бед копи“, реномираниот македонски диџеј Гоце САФ и домашното инди-поп трио „Џун“, ја забавуваа публиката на шест различни сцени.

„Скопје стрит фестивал“ праќа порака на обединетост и има за цел да ги оттргне младите од наметнатото секојдневие кое ги задушува и да ги повика во Градскиот парк на забава и едукација. Одличните креативни работилници се уште еден сегмент кој го прави овој фестивал поразличен од останатите. Тие се отворени и се креирани токму од секојдневната инспирација која доаѓа од улицата. Ќе има брејкденс работилница, „Дојди на Custom патика“, мултикулти-работилница и тоа се само дел од интерактивните работилници на фестивалот – изјавија организаторите.

Она што беше особено интересно за нас е работилницата „Дојди на custom патика“ каде се редизајнираа стари патики во соработка со веб магазинот за урбана и стрит култура, Snkrcity. Исто така беа организирани и натпревари на стрит бол  како и несекојдневна графити битка.

Во ова време на виртуелна комуникација, настаните од ваков тип се особено значајни за анимирање на младите луѓе и нивно активното вклучување во развивањето на урбаниот лик на градот.

Објавено:
8 јуни 2015
Категорија: 
Актуел