Музички пикник на „Здраво Млади“ за добар апетит на музичките сладокусци

8 јуни 2015

Младинскиот културен центар што благодарение на неговиот отворен пристап кон целата културна сцена целосно го оправдува својот назив, вчера беше домаќин на петтото, јубилејно издание на урбаниот музички фестивал „Здраво Млади“.

Еден од најпрогресивните музички настани што и се случуваат на Македонија, на три сцени им отстапи простор на значајни музички состави да ја испратат својата порака преку музиката до многубројната публика која имаше целодневен музички „третман“.

Фестивалот го отвори харизматичниот Lepi Xhoni, кој го претстави новото EP. Следуваа Surtukler, директно од културниот центар „Кула“, една од најсветлите точки во културното сивило во градот.

Во секцијата #throwback или најдоброто од минатите четири изданија на „Здраво Млади“,  настапи домашното дуо „ТИ“ со новиот  албум, што  излезе на 27-ми април,

За крај на првиот дел од програмата „Добри људи“,  настапијаConquering Lion од Тетово, реге состав подготвен за освојување на универзумот.

Во целодневната музичка програма понатаму имавме можност да го слушнеме хрватското музичко „торнадо“, наречено Vlasta Popic. Ова експлозивно трио го промовираше последниот албум “Kvadrat”, издаден за Moonlee Records.

Канаѓаните METZ оставија исклучителен впечаток и беа еден од најатрактивните состави на овогодинечното издание на „Здраво млади“.

Еден од најзначајните бендови во современата музичка историја на Македонија, Bernays Propaganda дефинитивно ја оправдаа возбудата за долгочекуваниот настап и беа одлични домаќини, рамо до рамо со нивните колеги дојдени од различни страни на светот.

Фестивалот го затвори музичкото гуру Gonjasufi, кој е познат американски продуцент, DJ, актер и јога инструктор, и го „запечати“ ова петто издание на фестивалот онака како што доликува: енергично и со уште поголеми очекувања за следното!

 

Објавено:
8 јуни 2015
Категорија: 
Култура