Првите фотографии од Карла Бруни за Булгари конечно се појавија. Поранешната Прва дама на Франција заблеска со накитот од колекцијата Дива, а кампањата ја фотографираше Тери Ричрдсон.
Карла изјави дека се согласила на соработката поради нејзината љубов кон накитот, како и поради историскиот бренд, кој ја убеди да се врати на моделството.
-Булгари за мене е симбол на страст , а оваа колекција на живописност и разнобојноста на Рим. Како и камењата на алките од мојата тетка, која исто така ја обожуваше оваа марка, и ги носеше кога јас бев дете. Ги сакав тие алки. Ја сакав веселоста и фантазијата. Сонував еден ден и јас да имам таква алка. Исто како и јас и алките дојдоа од Италија во Париз, па можеби еден дел од мене и затоа толку ги сака – вели Бруни.
Инспирацијата за кампањата е римскиот хедонизам и нивната синтагма „долче вита“. А, тоа во комбинација со елеганцијата и класичната убавина, даде одличен резултат.
-Накитот не е како било кој друг предмет. Тој е поинтимен – првенствено физички, затоа што го допира вашето тело, а честопати е блиску и до срцето, па ги слуша и неговите отчукувања. Од прстените на рака, до огрлиците, секое парче накит има лична приказна која ја раскажува. Сакам кога нештата имаат приказна – открива Карла.