Спој на футуризам, креативен експеримент и класика во колекцијата на Ивана Кнез

17 октомври 2015

Вчеравечер македонската дизајнерка Ивана Кнез која се потпишува зад модната етикета Драма ја промовираше својата колекција есен-зима 2015/16 насловена „Addict".

Футуризмот е водечкиот предзнак на колекцијата во чија реализација се користени модерните техники на 3Д принтање што беше и еден од најефективните моменти.

„Колекцијата е еден малку поинаков склоп на мода, особено на нашиве простори. Концептот е поинаков бидејќи е разработено женското тело, формата и облините и како секоја жена се носи со истите. Колекцијата е наменска, поделена е на сектори, тоа ќе може да го видите и понатаму во едиторијалот и лукбукот што ќе го изработиме. Истата е поделена на спорт, кежуал, коктел, бизнис и demi couture. Материјалите се дел експериментални, дел стандардни. Се појавува 3Д принтан материјал трико, 3D направен материјал. Малку си поигравме овој пат. Имаме стандардни, очекувани форми и имаме некои несекојдневни форми и игра со кроеви. Си дозволивме малку да експериментираме. Колекцијата е изработена со помош на џуниор дизајнер Марко Илиевски кој е нов член на „Драма" и дозволивме малку повеќе да покажеме од очекуваното, бидејќи ни е прва", изјави Кнез за Fashionel.

Ревијата ја отвори македонската манекенка со светска кариера Елена Трајановска која носеше неконвенционален модел како директна рефлексија на футуристичката тематика.

Со оглед на тоа дека целата ревија беше поделена на неколку нивоа, видовме и различни варијации на моделите дефинирани во повеќе насоки почнувајќи од комплетно експериментални и невообичаени, во кои се препознава и потребата на дизајнерката кретивно да поигра со материјалите и формите, па се до едноставни кежуал секојдневни комбинации. Од една страна формите се лежерни и слободни како на пример фустаните  или панталоните со висок струк  во ѕвонеста форма, а од друга страна пак имаше и модели во строги кроеви и минималистички дизајн.

Најголем дел од креациите беа во монохроматски варијанти, со доминација на црната и белата, со повремено појавување на принтови во форма на мачки кои во суштина се и водечкиот симбол на дизајнерката што често го имплементира во нејзините креации.

Ивана Кнез покрај дизајнот на облека, е препознатлива и по Драма накитот кој и овој пат имаше свое впечатливо место во заокружувањето на колекцијата, надополнета со накит претежно изработен од плексиглас вклучувајќи ги тука и масивните алки, околувратници и транспарентните чанти.

 Насловот на колекцијата, „Addict", беше доволна провокација да ја прашавме Кнез која е нејзината најголема зависност на што таа ни одговори:

- Мислам дека зависноста од работата, веројатно тоа и се гледа. Јас сум голем „воркохолик", патам од тоа да сум во студио и резултатите се очигледни.

А резултатите ќе може да ги погледнете во галеријата во продолжение.

Објавено:
17 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
3.756 пати