Висока мода Париз: Третиот ден во знакот на „Шанел“

26 јануари 2016

Сите со нетрпение утринава ги очекуваа првите фотографии и креации од шоуто на модната куќа „Шанел“. Познат по тоа што секогаш прави моден спектакл што се памети, Карл Лагерфелд и сега не потфрли и беше во тек со трендовите.

Во средината на Grand Palais овој пат беше поставена дрвена куќа, опкружена насекаде со трева. Дизајнерот се осврна на еколошката свест и средина, па ваквото решение, што ја слави природата, беше и повеќе од добро и изненадувачко.

Кога се креациите во прашање, во фокусот секако е легендарното Шанел сако, кое во оваа колекција е комбинирано со здолништа со различни кроеви – од тесни, миди до широки.

Приказната е надополнета со плисирани фустани, еден од најактуелни трендови за пролет 2016. Особен впечаток оставаат плетените парчиња, односно оние комбинации со плетени елементи, што го задржуваат женствениот момент на „Шанел“, но даваат и една нова димензија, не помалку привлечна за пролетната сезона.

Во склад со еко-приказната и природата е и доминацијата на беж бојата.  

Кога се модните додатоци во прашање, не може а да не се забележат „чантите“ околу половината, наменети за ајфон или таблет, бидејќи како вели Лагерфелд, еко-девојката мора да биде конектирана. Чевлите на сите модели се исти - со „дрвена“ платформа во црна и бела боја.

Целата приказна дизајнерот ја надополнува со уште еден трендовски момент – змејови, пчели и други инсекти во форма на кристални брошеви.

Со оваа колекција Карл Лагерфел уште еднаш направи успешен спој на класиката што модната куќа ја носи како своја препознатливост и модерните трендови, со што речиси и да нема девојка која не би сакала да биде Шанел-девојка оваа пролет.

А во првите редови беа застапени дел од најголемите амбасадори и поддржувачи на оваа модна куќа. Ана Винтур, Гвинет Палтроу, Моника Белучи, секако Кара Делевињ се само дел од нив. Во продолжение погледнете ја галеријата и видете ги останатите гости:

 

Објавено:
26 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
437 пати