Што носи една модна уредничка во „Космополитен“?

11 јули 2016

За жените посебно е интересно да видат што носат другите жени. За нас уште поинтересно е да видиме што во својот плакар има еден моден уредник.

Токму затоа, денеска ви го презентираме стилот на Тифани Рајд, модна уредничка во магазинот „Космополитен“. Ако треба со еден збор да се опише нејзиниот плакар тогаш ние би го одбрале – весел. Своето модно умештво Тифани го искажува преку комбинирањето на разни бои и принтови.

Покрај „Космополитен“, таа соработува и со „Ин Стајл“ и „Алур“.

Тифани ја сака модата. И тоа многу! За тоа говори и фактот дека има „Балман“ чизми, што многу тежат и се многу мали за да ги носи, но ги купила за да ги има за себе, како уметничко дело.

А во нејзиниот гардеробер има бројни модни „уметнички“ дела има и парчиња од „Марк Џејкобс“, „Проенца Скулер“, „Гучи“...

И покрај големата љубов кон модата, не сонувала отсекогаш дека ќе работи на ова поле.

-Не знаев што сакам да бидам. Кога се запишав на факултет, бев одлична и во маркетинг и психологија, но тргнав да студирам за медицинска сестра, бидејќи тоа го сакаа моите родители. Кога бев многу млада, сакав да бидам модел и секогаш ме привлекувале креативни работи. Добив можност да одам на пракса во една агенција за истражување на пазарот, но тоа ми беше многу досадно, па аплицирав за креативна пракса – ПР, мода, работи од тој тип. Добив повик од „Алур“ да почнам да стажирам кај нив. Не им кажав на моите родители. Стажирав три пати неделно во „Алур„, а потоа добив работа, за викендите работев во „Нордстром“ – раскажува Рајд.

Но, приказната не завршува тука.

„Еден од уредниците на „Алур“ беше во врска со една од уредничките на „W“ магазинот, па откако дипломирав, таму стажирав преку летото. Барав работа и не можев да најдам ништо, па се вратив во агенцијата за истражување. Но, таму работев само една година и продолжив да работам како „фриленсер“ за „W“, сѐ додека не најдов работа како асистент во магазинот „Мор“ (More). Таму се задржав подолго време, сѐ додека не го добив работното место асистент менаџер за пазар во „Ин Стајл“. Оттука навистина почнав да навлегувам во полето на пазарот и модата – вели Тифани.

За сите што допрва треба да се пробиваат на пазарот на трудот ќе каже:

-Бидете трпеливи и постојани. Јас не бев трпелива и сметам дека поради тоа пропуштив можности. Немам никој кој во оваа индустрија може да ме насочи, од кого да учам, па сѐ откривам сама. Мојот креативен директор во „Алур“, Пол Кавако, тој е најпрекрасната личност за која сум работела. Со него работев како уредник за модни додатоци, а потоа и како уредник на пазарот. Работев и на други места во меѓувреме, но интересно е како завршив тука. Тоа е моето семејство. Ги сакам сите со кои работев таму и така ќе остане засекогаш – признава уредничката.

Сега е сениор уредник за пазар и мода во „Космополитен“.

-Мојата работа во главно е да го истражам пазарот. Одам во изложбени салони, на состаноци со дизајнери, ПР-претставници и гледам што нудат последните колекции. Јас ги работам сите насловни страници и добри едиторијали, бидејќи ја покривам луксузната страна на Њујорк и Милано. Тоа се пазарите на кои јас работам. Поголемиот дел од времето работам на сликања со познати личности и добри, богати приказни, како и на тоа што е тренд во моментот. Исто така, помагам и за планирањето на „Севентин“. Не го покривам тој пазар, но му помагам на нивниот директор на пазарот со тоа – објаснува Тифани.

Со оглед на тоа дека е прилично зафатена, еве што прави кога не е на работа.

-Утрото ми е резервирано или за жешка јога или друг тип на вежби. Тоа е мојата утринска рутина. Се трудам да вежбам колку што е можно повеќе. Некогаш полудувам и вежбам и по пет дена неделно, а друг пат два до три пати, зависи колку сум зафатена. Се чувствувам чудно кога не вежбам, затоа што е тоа дел од мојот начин на живот сега. Не гледам често телевизија, повеќе сакам да читам. Многу сакам книги за себеподобрување и духовни четива. Многу медитирам па сум навистина навлечена на таа енергија. Тоа ми помага да ја одржам позитивноста во мојот живот. А сѐ е до тоа да останеш позитивен и да научиш како да ја градиш кариерата, да бидеш успешен. Тоа ме одржа на вистинскиот пат и ми помогна да се фокусирам на моите цели.

А со медитирањето започнала по раскинувањето со момчето.

-Ми беше потребно нешто што ќе ми го окупира вниманието. Така започнав со јога и медитирање. Престанав да јадам месо и се вљубив во оваа активност. Отсекогаш сум била личност што се стреми кон духовното. За мене тоа има и дава смисол. Не знаев како тоа да го вратам во животот, а медитацијата ми помогна да разберам како да го направам тоа – вели Тифани.

А кога е негата во прашање, уредничката обрнува посебно внимание, бидејќи како вели, има сува кожа.

-Се трудам постојано да ја хидрирам. Ставам било кој тип на масло на лицето – кокосово, масло од арган, било што. Во текот на работната недела не сакам да носам многу шминка, затоа што за викендите или вечерите излегувам и не сакам постојано да го мачкам лицето. Или немам шминка воопшто – или имам многу. Кога ќе кажам немам шминка, мислам на тоа дека имам руменило, крема и маскара. Без маскара не излегувам од дома. Ако ја немам, тогаш имам вештачки трепки. Трепките се нешто по што сум препознатлива. Секогаш имам екстензии. Сепак, внимавам да не претерам. Ако е препорачливо да се продолжуваат на месец дена, јас одам на два, за да не ги оптоварам  природните трепки – споделува Рајд.

Кога е косата во прашање, постојано го менува стилот.

-Имам природно кадрава коса. Затоа постојано менувам. Понекогаш ја носам природна, супер-кадрава, а понекогаш ја исправам и ставам додатоци, или ја носам фатена. Многу менувам затоа што морам да ги заштитам кадриците од сонце. Постојано ја хидрирам – открива уредничката.

Со оглед дека веќе со години е во модната индустрија, не ѝ претставува проблем да даде и некој совет до дамите што држат до својот изглед.

-Секоја жена треба да поседува секси фустан. Тоа е дефинитивно така, бидејќи никогаш не знаете кога ќе излезе шанса да излезете и ќе треба да облечете нешто соодветно. Исто така, добар џинс и кожена јакна се нешто што е класика. Дури потоа на ред доаѓаат високите потпетици. Јас се облекувам малку „грубо“, но кога ќе одлучам да се дотерам, тоа го правам со карактер – морам да имам комплетен изглед, приказна. Ако сум „лоша девојка“, тогаш носам џинс, кожена јакна и многу, многу накит. Ако носам „пижама изглед“, тогаш носам пижама одело со крзно одозгора. Не се ограничувам. Можам да бидам што сакам. И кога ќе одлучам што сакам денес да бидам, тоа го правам до крај, како што треба – порачува уредничката.

Сепак, има нешто што никогаш никој не треба да го заборави.

-Бидете свои. Малку е тешко, бидејќи најдобриот совет што сум го добила е: „Никогаш не примај совети од никого“. Сметам дека ја немам таа моќ и авторитет да им кажувам на луѓето што треба. Секој мора да биде тоа што е. Мојата работа е да ги информирам луѓето што има таму надвор и да им го приближам тој свет и тие работи. Сѐ додека го правам тоа и ги оставам тие да ја направам одлуката, тоа е во ред. Но, ни по никоја цена не би му рекла некому: „Мора да го носиш ова или ова“ -  посочува Тифани, на која изгледа не ѝ недостасува самодоверба.

-Не сум премногу „слатка“, но сум секси. Најудобно се чувствувам во маица и џинс или здолниште и кратко топ. Но, ја сакам модата. Собирам многу работи за кои сметам дека не изгледаат добро на мене, но се уметност и убави се и на некој начин се „додаток“ на она што сум јас. Не носам сѐ што поседувам – вели за крај уредничката.

А во продолжение погледнете го целосно нејзиниот плакар.

Објавено:
11 јули 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.078 пати