Др. Билјана Митрова е пример со кој може да се гордееме, а во кој младите генерации имаат вистински „Role model". Нејзината „хемија" со науката се случила уште во раниот образовен процес, а нејзината посветеност, одлучност и истрајноста пред многу предизвици ја донесоа на водечка позиција како Менаџер за бизнис развој во биотехнолошка компанија во Лајпциг, Германија. Од успешен студент на Аналитичка биохемија на Институтот за хемија на ПМФ при УКИМ, до докторат на Универзитетот Потсдам во областа на биоаналитиката. На својот кариерен пат имала можност да учи од фасцинантни професори, меѓу најдобрите во својата фела, меѓу кои и Проф. Д-р. Валентин Мирчески од Институтот за хемија, кој е меѓу топ 2% највилјателни научници според Универзитетот Стенфорд.
Од 2014 година кога ги започнува докторските студии, својата професионална кариера Билјана ја продолжува во Германија. Со богато научничко искуство зад себе, во последните четири години нејзината професионална позиција е меѓу науката и бизнис менаџментот. Компанијата во која работи, меѓу другото е дел од процесот за продукција на нов лек кој наскоро треба да дојде на пазарот, за третман на посебен вид рак за кој досега не постоеше ниеден соодветен третман.
За сите позитивни искуства како млад научник и бизнис жена која доаѓа од Македонија, а остварила успешна кариера на Западот, но и за сите предизвици со кои се соочила или на кои посведочила, разговараме со Др. Билјана Митрова.
Кога и како Ви се случи „хемија" со природните науки? Кој беше почетниот тригер што професионално Ве ориентираше?
- Мислам дека не би можела да посочам некоја очигледна точка во времето кога кликна нешто помеѓу мене и природните науки. Меѓутоа се сеќавам дека од секогаш бев фасцинирана од човечкото тело и како некако идеално, во хармонија, сите процеси функционираат во нас. Сега кога ги знам тие процеси уште подетално, мојата фасцинација дури и повеќе е порасната. Природата навистина знае да постигне перфекционизам. Искрено имав навистина потешкотии да одлучам каде поточно да го продолжам моето образование, меѓутоа по некоја моја тогашна логика ја избрав златната средина меѓу биологија и хемија и отидов да студирам Аналитичка Биохемија, која во тоа време беше еден од поновите смерови понудени на Институтот за Хемија. И никогаш не зажалив за мојот избор.
Од студент на Природно-математичкиот факултет во Скопје, до успешна жена-научник во сферата на биохемијата, биоаналитиката и електрохемијата сега со база во Лајпциг, Германија. Како изгледаше Вашиот кариерен пат помеѓу?
- Не знам дали би можела веќе 100% да се наречам жена-научник, бидејќи уште пред 3-4 години го соблеков белиот мантил и излегов од лабораторија. Но, да се вратам малку назад, по хронолошки редослед. Кратко пред завршувањето на додипломските студии добив можност преку стипендија да одам на двомесечен истражувачки престој на Универзитетот Лајпциг. Откако ќе посведочиш какви услови постојат таму, тешко е за секој вљубеник во науката да не посака да се врати и да ја продолжи својата кариера во земја како Германија. Условите и шансите за развој се неспоредливи со тие во Македонија. Меѓутоа по завршувањето на додипломските студии, добив стипендија од DAAD (Deutscher Akademischer Austauschdienst), преку програма што цели кон поддржување на науката и развојот на младите во Југоисточна Европа, каде магистерските студии на Институтот за Хемија ми беа платени во целост. Но, бев решена дека докторските студии сакам да ги продолжам во Германија. Затоа веднаш по бранењето на мојот магистерски труд почнав со самоиницијативни апликации директно кај професори и нивните истражувачки групи. Преку сплет на околности, додека бев во Берлин на интервју за докторска позиција , бев препорачана од еден од професорите во комисијата кај Проф. Уља Воленбергер. Таа работеше во полето на развој на биосензори и електрохемиска анализа на ензими на Универзитетот Потсдам. Истражувачкиот фокус на Проф. Воленбергер се поклопуваше идеално со моите научни интереси и претходното искуство. Ми беше понудена прво стипендија, а потоа работен договор како истражувачки соработник (Research Associate) за целокупното траење на студиите. Во фокусот на моето истражување беше развој на дијагностички биосензор базиран на ензими за рано детектирање на кардио-васкуларни болести и атеросклероза. Паралелно работев исто така на развој на електроди за био-горивни ќелии (bio-fuel cells). И покрај љубовта кон експерименталната методологија, сепак сфатив дека да делуваш активно на промените мора да бидеш дел од кругот кој ги финансира истражувањата и ја носат новата технологија на комерцијално ниво, а тоа е индустријата. Со тоа убедување, одлучив да се пренасочам кон малку поинаква кариера и почнав да работам прво како соработник, а сега и како менаџер за бизнис развој во биотехнолошка компанија во Лајпциг. Иако секојдневно сум сѐ уште многу интензивно во директен контакт со науката сепак мојата работа се фокусира на комерцијалната страна од биотехнолошките продукти што се пласираат на маркетот.
Магистерски студии завршивте на УКИМ, а докторските на Универзитетот Потсдам, Германија. Нема да повлекуваме паралели, но би сакале да го слушнеме Вашето искуство во поглед на најголемите придобивки од овие два циклуси во Вашиот образовен процес.
- Да, подобро е да не повлекуваме паралели бидејќи и повеќе од јасно е каде сме ние, а каде е земја како Германија во однос на условите во науката и образованието. Но, морам силно да нагласам дека знаењето што го стекнав на Хемискиот Институт во Скопје беше круцијално за мојот понатамошен успех во студиите, но и ден денес во мојата професија. Иако можеби ги немаме условите за градење на силно практичното знаење, начинот на кој во тоа време (не знам како е сега) бевме образувани е да знаеме да размислуваме, поставуваме прашања и пред сѐ да знаеме да наоѓаме одговори. Според моето искуство на Универзитетот Потсдам, токму таа алка од мисловниот процес како да фалеше кај студентите таму. Бев инволвирана во предавања за Мастер студенти и додипломци (практика и теорија) во модулите по Биоелектроника и Електрохемија, како и во менторство на неколку студенти, па бев изненадена од слабото теоретско знаење.
Мене лично ми е посебна гордост што имав шанса да бидам дел од истражувачкиот тим на Проф. Д-р. Валентин Мирчески, редовен професор на Инситутот за Хемија, а воедно и во топ 2% највлијателните научници во светот, според анализата направена од Универзитетот Стенфорд во САД. Под негово менторство ги сработив и додипломскиот и магистерскиот труд во полето на електрохемијата. Докторските студии на Универзитетот Потсдам беа еден вид тестирање на цело мое севкупно знаење, а сметам дека тестот беше успешно поминат . Докторските сами по себе се многу повеќе од усовршување во дадена област, тие те учат на независно и пред сѐ критичко размислување, поставување хипотези и применување на сѐ што некогаш ти било научено. Таму ја имав среќата да работам со ментор, Проф. Д-р. Фридер В. Шелер, кој во тогашната Демократска Република Германија (DDR) бил првиот во Европа кој развил комерцијален, дијагностички биосензор за глукоза во крв и дел од една од трите научни групи во цел свет кои се натпреварувале кој ќе ја постигне прв целта. Цело тоа искуство и знаење ми беше на располагање и не можам да ја нагласам доволно тежината на таа дадена шанса. Секако, огромен бенефит беше и можноста да се посетуваат многубројни конференции, работилници и семинари и да се поврзеш и дискутираш со научници од цел свет, во полето од твој интерес, но и многу пошироко.
Како на универзален јазик може да ѝ објасниме на публиката што конкретно работите сега и што е во фокус на Вашиот професионален интерес?
- Во моментот работам во биотехнолошката компанија c-LEcta, која од 2022 е дел од Кери Групацијата. Ние се занимаваме со развој, инженеринг и продукција на ензими (протеини кои се еден вид катализатори за биохемиските процеси во сите живи организми). Тие ензими може да се произведат во големи индустриски количини и се на широко употребувани во фарма и прехранбената индустрија, козметиката, детергентите итн. Денешно време на пример не може да се замисли комерцијално произведен леб/печиво, сок, вино или сувомеснат производ без употреба на неколку индустриски ензими. Мојата компанија се фокусира претежно на фарма и прехрамбената индустрија. На пример, наш продукт беше клучен во производството на руската Ковид вакцина. А сега најново, еден од нашите ензимски продукти е дел од процесот за продукција на нов лек кој наскоро треба да дојде на пазарот, за третман на посебен вид рак за кој досега не постоеше ниеден соодветен третман.
Мојата улога во тимот за бизнис развој е разновидна. Активно учествувам во иновацискиот менаџмент каде евалуирам нови продукт идеи (дали се возможни и остварливи од технолошки но и економски аспект). Исто така сум дел од одговорниот тим за Market Intelligence, што значи дека мора да ја следиме индустријата и маркетот и да ја анализираме конкуренцијата, за да можеме навремено да предвидиме што ќе се случува во следните години. Кои трендови доаѓаат, кој е интересот и каде се движи маркетот. Во последната година и пол почнав да се развивам во улогата на Продукт Менаџер, каде ја презедов целокупната координација и стратегиското планирање за пласирање на одредени нови производи развиени од нашата компанија. Пример, еден производ е веќе успешно пласиран од крајот на 2021 година. Во склоп на таа позиција спаѓа и преговори со клиенти кога склучуваме одредени договори, тренинзи и поддршка на тимот за продажба, координација со научно-истражувачкиот тим, тимот за контрола на квалитет, продукција итн. Сега за сега се гледам себеси токму во тоа поле и би сакала да продолжам да се развивам во таква (или слична) улога.
Кој е највозбудливиот дел од еден Ваш работен ден?
- Тешко прашање Мојата работа е толку сестрана и разновидна што многу ретко имам денови кои се рутински или пак досадни. Така да многу често деновите ми возбудливи. Но, ако треба да одвојам, тоа е секако оној „аха" момент кога ќе добиеш некоја нова продукт идеја и ќе почнеш да истражуваш што е навистина возможно од економски и технички аспект за таа идеја да стане реалност. А пак кога идејата ќе премине во следната фаза на лабораториско тестирање и се докаже изводливоста, тоа е уште едно многу пријатно чувство да се доживее.
Дали сте се соочиле со било каква форма на дискриминација, како жена генерално и како жена која доаѓа од Балканот?
- Ете ќе го почнам одговорот со еден фрапантен факт: Жените во тогаш западна Германија не смееле да работат надвор од домот и без дозвола на својот сопруг до 1977 година! Иако ситуацијата сега е далеку поразлична од 1977, сепак сѐ уште се забележува доминацијата на мажите во работниот свет, а особено на високите водечки позиции. Иако имаме замисла дека западниот свет е понапреден од Балканот, јас сум била сведок и сум искусила лично форма на дискриминација, секако многу посуптилна и на малку попасивен начин. Сепак овде има закони и правен систем кој функционира (поголем дел од времето), па нештата не се толку надвор од контрола. Еве пример, многу често се случуваше на интервјуа за работа да сакаат да дознаат дали имаш семејство, а посебно деца за да знаат дали да очекуваат дека ќе работиш прекувремено или ќе трчаш во 16 - 17 часот да си ги земеш децата од градинка. Дури еднаш ми беше кажано директно. Сум била исто од другата страна на интервјуата, каде сум била сведок на дискусија дали една одредена госпоѓа, бидејќи била во 30-тите години, има деца или можеби се спрема за раѓање па не е баш соодветна за позиција која бара одговорност и долги работни саати. Тие се само мал дел од поголем број примери што јас лично или во мојот круг ги имам доживеано/слушнато и секако не се опис за целата држава. Германија е голема и сигурна сум дека има огромни разлики во различните делови/региони. А за дискриминација во однос на потекло нема ни да искоментирам, бидејќи секаде постојат такви луѓе и за жал ксенофобијата во Европа е во нагорна линија во последните неколку години. Но, лично јас, многу ретко сум била дискриминирана врз база на тоа дека сум странец. Стереотипни коментари имало многу, меѓутоа тоа не го восприемам секогаш како дискриминација, туку како еден вид показател за егоцентричноста на мал број (се надевам) Германци кои мислат дека светот завршува на границата кај Австрија или Полска.
Што е „Big News" во моментов во светот на науката (се разбира во сферата во која Вие делувате)?
- Бидејќи сум активна во две сфери: биофарма и индустријата за прехранбена технологија, ќе ги спомнам најзначајните трендови (од моја гледна точка) и во двете индустрии. Во прехранбената индустрија фокусот е значително насочен кон циркуларна биоекономија и одржливост. Па овде би ги издвоила алтернативните протеини (пр. протеините што се наоѓаат во млекото: сурутка, казеин, лактоферин итн.) и месото растено/произведено во лабораторија (lab-grown meat). Идејата со алтернативните протеини е да се земе генетскиот код од животните (што значи дека е доволно да се земе крв од дадено животно и да се изолира неговата ДНК) и тие протеини да се произведат преку ферментација ( процес што се користи повеќе од илјадници години). Производството се прави со помош на одредени микроорганизми (E. coli, S. cerеvisiaе, P. pastoris) кои имаат капацитет да произведат одеднаш тонски количини од посакуваниот протеин. Вакви производи се веќе реалност и се аплицираат во многу вегански продукти во САД, а наскоро и во Европа. Во биофарма светот имам чувство дека се сè врти околу месенџер РНК (mRNA) (молекулата искористена во Ковид вакцините од Moderna и BioNTech) и секако генските терапии. Моментално голем број на клинички студии се фокусирани на апликација на mRNA како терапија за болести кои може да бидат фатални или тешки да се живее со нив (пр. цистична фиброза, дијабетес тип 1, разни форми на рак, кои се само еден дел од тие болести).
Кои се најголемите предизвици што Ве тестираа или сѐ уште Ве тестираат во Вашето професионално опкружување?
- Дефинитивно сестраноста. Многу брзо после моите студии сфатив дека доколку сакаш да си успешен во индустрија, мора да имаш сестран интерес и знаење од многу области одеднаш, а тоа е посебно точно во биотехнологијата. Пример ми беше огромно изненадување по завршувањето на докторските студии дека некој што студирал природни науки потоа ќе работи во продажба, маркетинг или бизнис развој. Меѓутоа, бидејќи самите производи се „посебни", мора да имаш некоја личност на такви позиции, која ќе го разбере продуктот и технологијата зад него, за да може да го продава, рекламира итн. Па така, лично јас морам секојдневно да се надоградувам, и тоа не само во моите научни знаења туку и во областа на бизнисот и економијата. Мојата позиција бара од мене да знам да анализирам научни студии и патенти, но и финансиски извештаи, да развивам бизнис планови или да мапирам маркетинг стратегија за некој нов биотехнолошки продукт што треба да се пласира на маркетот.
Неодамна бевте на саем во Чикаго? Со какви импресии се вративте од таму?
- Да, саемот во Чикаго, IFT FIRST (Food Improved by Research, Science, and Technology) е еден од најголемите и најзначајните саеми во прехранбената индустрија, каде секоја година повеќе од 1000 фирми од цел свет ги промовираат нивните нови технолошки пронајдоци и услуги, како и новите развиени состојки. Овој саем беше дел од нашата стратегија да го промовираме ензим продуктот за кој сум одговорна. Беше интересно искуство за мене и имав шанса да видам па и вкусам многу нови состојки кои наскоро ќе бидат пласирани на пазарот. Еден пример е нов природен засладувач наречен бразеин, како замена за високо штетниот шеќер. Сите што се љубители на стевиа, може да се израдуваат на овој нов засладувач бидејќи за разлика од стевиа тој не остава афтертејст или горчлив вкус. Бидејќи е 2000 пати посладок од сукрозата (шеќерот), претпоставувам и цените би биле подостапни за севкупна примена во комерцијалните прехранбена производи.
Следно на листата за нас оваа година е уште една конференција, EFIB во Ротердам, каде ќе бидам презентер во сесија за нови достигнувања во Биотехнологијата и Биопроцесирањето. Планот е да ја презентирам нашата ензимска технологија и бенефициите за индустријата што се занимава со производство на прехранбена состојки преку ферментација.
На што сте особено горда?
- Можеби се очекува овде да одговорам на што сум горда професионално, но јас сепак ќе се фокусирам на тоа дека сум најмногу горда на мојата истрајност и моите јасно исцртани цели. Од денешен аспект, знам дека ми беше многу тешко да заминам од Македонија, но за мене тоа дефинитивно беше вистинскиот избор. Кога дојдов во 2014 во Германија да ги почнам докторските студии бев сама и можам да кажам дека имаше многу тешки моменти, но сепак успеав да ги пребродам и ете да дојдам на другиот крај од тунелот. Ја сакам својата работа и навистина сум среќна за дадената можност дури и малку да бидам дел од промените кои науката ги носи и овозможува.
Која е Билјана кога не е научник?
- Кога не се занимавам со наука/бизнис, уживам во некое од моите хобиња. Во зависност од периодот и можностите тоа се менува, меѓутоа најмногу сакам да патувам. Исто така, во последно време станав повторно редовна во теретана каде обично кревам тегови или вежбам кикбокс. Додатно, Лајпциг е прекрасен град и има многу шуми, неколку езера и канали, па често со мојот сопруг одиме на кајакарење или правиме велосипедски тури. Работата ми е обично стресна и многу седентерска, и затоа се трудам да сум активна секогаш кога сум во можност.