По неодамнешната објава дека следниот светски бренд со кој ќе соработува high street гигантот H & M ќе биде Кензо, конечно се објавени и првите парчиња од соработката.
Според последните информации, целата колекција се очекува да биде лансирана низ продавниците на брендот некаде во ноември, а за истата има интерес уште од сега.
На фотографиите може да се види препознатливиот печат на Карол Лим и Умберто Леон кои се најголемите фанови на колоритните парчиња, овој пат во варијанта на комбинезони, модни додатоци како чанти и зимски шалови, очила за сонце и шик капи.
Она што е најдобро од сѐ во нивната кампања е тоа што тие ангажираа млади артисти и активисти меѓу кои и Ејми Сал која се бори за африканските права, поетесата Џулијана Хактабл, музичарот Око Ебомбо и мејк – ап артистот Исамаја Френч.
Кога првично беа објавени вестите за соработката некаде во мај, дизајнерското дуо Лим и Леон изјавија дека сакаат да размислуваат „надвор од кутијата, да ги поместат границите на модата и да ја пренесат новата енергија на Кензо на сите низ светот“.
Според првите парчиња, се гледа дека дизајнерите во тоа и успеале!